Едријан Монк, познат поранешен детектив при полицискиот оддел за убиства во Сан Франциско, е главниот лик и протагонист во телевизиската серија Монк чијашто улога ја толкува Тони Шалуб. По убиството на неговата жена Труди, опсесивно-компулсивното нарушување и големиот број на фобии од кои пати Монк стануваат сè поизразени и придонесуваат за негова суспензија. Тој потоа продолжува да работи како приватен полициски консултант за убиства и оди на терапија со цел да ја надмине тагата, да се справи со фобиите и нарушувањето и да се врати на своето старо работно место.

Ко-создавачот на серијата Дејвид Хоберман вели дека ликот на Монк се заснова делумно на неговите лични искуства, како и на други фиктивни детективи како што се поручник Колумбо и Шерлок Холмс. Дејв Фоли, Џон Ритер, Хенри Винклер, Стенли Тучи, Алфред Молина и Мајкл Ричардс се дел од глумците кои биле земени предвид за оваа улога. Но, телевизиската мрежа USA Network сепак се одлучила за Шалуб бидејќи сметала дека тој може да го долови хуморот и страста на Монк. Стенли Тучи и Алфред Молина гостуваа во Монк; Тучи се појави во 5 сезона во епизодата „Mr. Monk and the Actor“ („Г-дин Монк и глумецот“), а Молина во 6 сезона во епизодата „Mr. Monk and the Naked Man“ („Г-дин Монк и нудистот“).

Монк и Шалуб добија многубројни пофалби. Монк влезе во списокот на 100 најдобри телевизиски ликови на сите времиња, а Шалуб освои многубројни награди за неговото толкување на улогата, меѓу кои позначајни се Златен глобус, три Primetime Emmy награди и две Screen Actors Guild награди.

Развој на ликот

Создавање

Монк првично бил замислен како лик сличен на инспектор Клузо. Идејата за детектив со опсесивно-компулсивно нарушување потекнува од Дејвид Хоберман, ко-создавачот на серијата. Како инспирација му послужила сопствената борба со опсесивно-компулсивното нарушување откриено преку само-дијагноза. Во интервју за „Pittsburgh Post-Gazette“ Дејвид раскажува дека како и Монк, и тој не можел да стапне на пукнатини и морал да допира столбови, а доколку не ги правел овие работи, нешто ужасно ќе се случело.

Други инспирации за ликот на Монк се Колумбо и Шерлок Холмс. Неговата опседнатост со уредноста би можела да претставува еден вид искажување на почит кон Херкул Поаро. Како што Холмс и Поаро имаат придружници (доктор Ватсон и капетан Хејстингс), така и Монк покрај себе има верен асистент кој не поседува речиси никакви детективски способности. Двата најголеми сојузника на Монк од полицијата, капетан Стотлмајер и поручник Дишер, наликуваат на инспектор Лестрејд кој е колега на Холмс и главниот инспектор Џеп, колега на Поаро, кои се добронамерни но неефикасни полициски пандани. Монк исто така има и брат, чиишто способности за дедукција се далеку поимпресивни од неговите, но кој поради своите проблеми просторно е поограничен од Монк. Сличен лик на овој би бил Мајкрофт Холмс, кој исто така е поспособен од Шерлок но мрзелив.

Кога требало да се смисли име за ликот, ко-создавачот Енди Брекмен се одлучил за едноставно едносложно презиме.

Аудиции

Ко-создавачот Дејвид Хоберман открива дека аудициите за оваа улога биле депресирачки. Џеф Вахтел, извршниот потпретседател на USA Network, изјавил дека наоѓањето на соодветен глумец за ликот на Монк е аудициски пекол. Дури и по две години продуцентите не нашле глумец за улогата. Иако Мајкл Ричардс бил земен предвид за оваа улога, дистрибутерите на шоуто ABC и Touchstone биле загрижени дека по неговиот настап како Космо Крејмер во серијата Сајнфелд, публиката повеќе би го поистоветувала со комични улоги. Откако Ричардс се откажал од проектот, заминал да работи на друга серија за приватен детектив наречена Шоуто на Мајкл Ричардс, која била укината по само шест епизоди.

Карактер

Во сценариото за првата епизодата од серијата, „Mr. Monk and the Candidate“ („Г-дин Монк и кандидатот“), Монк е опишан како современ, но луд Шерлок Холмс. Во воведната сцена од првата епизода го гледаме Монк како го истражува убиството на Никол Васкес и врши увид на местото на злосторството. Тој наоѓа неколку важни траги но постојано го прекинува увидот прашувајќи се на глас дали го исклучил шпоретот кога излегол од дома тоа утро. Во епизодата „Mr. Monk and the Daredevil“ („Г-дин Монк и егзибиционистот“) од шестата сезона, Монк ни открива дека има 312 фобии. Најсилни од овие фобии се: фобија од бглумеции (мизофобија), фобија од заболекари (одонтофобија), фобија од остри и шилести предмети (аикмофобија), фобија од млеко (лактофобија), фобија од повраќање (еметофобија), фобија од смртта и мртви нешта (некрофобија), фобија од змии (офидофобија), фобија од толпа луѓе (оклофобија), фобија од височини (акрофобија), фобија од стравот (фобофобија), фобија од печурки (микофобија) и фобија од мали и тесни простори (клаустрофобија). Исто така, Монк пати од нови фобии кои се појавуваат од време на време, како што е фобијата од ќебиња која се појавува на крајот од петтата сезона во епизодата „Mr. Monk Gets a New Shrink“ („Г-дин Монк и новиот психијатар“). Иако е невозможно да се одреди неговата најголема фобија, сепак можеме да забележиме дека постои некој вид на хиерархија: во последната епизода од серијата, „Mr. Monk and the End“ („Г-дин Монк и крајот“), тој јасно кажува дека неговиот страв од повраќање е поголем од стравот од смртта. Поради огромниот страв од бглумеции, Монк одбива да ги допре кваките како и повеќето други предмети со рацете, избегнува контакт со сè што е нечисто, и секогаш користи влажни марамчиња по контактот со луѓе, особено кога се ракува со некој. Тој исто така не може да ја јаде храната ако други луѓе ја допрат.

Неговите фобии го прават зависен од лични асистенти, кои го возат, купуваат наместо него и секогаш со себе носат влажни марамчиња, како што може да се види во епизодите „Mr. Monk Meets the Playboy“ („Г-дин Монк се сретнува со плејбојот“), „Mr. Monk Goes to the Carnival“ („Г-дин Монк оди на карневал“) итн. Асистентите исто така играат улога во организирањето на неговата консултантска работа, а понекогаш и самите се наоѓаат во улога на детектив. Прва асистентка на Монк е Шерона Флеминг (Бити Шрам), самохрана мајка и негувателка по професија, ангажирана од полицијата со цел да му помогне да ја преброди тригодишната кататонична состојба во која се нашол по смртта на Труди. Шерона ја напушта серијата во третата сезона, се враќа назад во Њу Џерси и повторно се мажи со поранешниот сопруг Тревор. По нејзиното ненадејно заминување Монк случајно се сретнува со Натали Тигер (Трејлор Хауард) и ја ангажира како негова нова асистентка во епизодата „Mr. Monk and the Red Herring“ („Г-дин Монк и црвената харинга“).

Безбројните обиди на Монк да воспостави рамнотежа во светот се залудни. Тој е толку опседнат со симетрија, што дури и палачинките ги сече во форма на квадрат. Се држи до нештата што му се познати и до рутината во неговите активности. Во првите пет сезони пие вода само од марката Сиера Спрингс, а во преостанатите ја користи фиктивната марка Самит Крик. Во втората сезона, во епизодата „Mr. Monk Goes to Mexico“ („Г-дин Монк оди во Мексико“), Монк не пие вода неколку дена бидејќи не може да најде Сиера Спрингс. Тој се соочува со големи тешкотии во комуникацијата со другите и оди дотаму што дури си запишува фрази за разговор. Неговата опсесија со детали можеби не му оди во прилог кога станува збор за комуницирање со другите, но затоа пак придонесува за неговата надареност во детективската работа и профилирањето. Монк поседува фотографска меморија и е способен да реконструира цели кривични дела со помош на нецелосни детали кои според неговите колеги се неважни. Неговиот препознатлив метод на вршење увид на местото на злосторството е да се шета наоколу навидум без идеја и повремено да ги подига рацете како да сака да фотографира. Шалуб објаснува во интервју дека Монк го прави ова за да го подели местото на злосторството на помали делови и да се сконцентрира на нив.

Поради неговата деликатна ментална состојба, неговата способност за функционирање можат да ја нарушат разни фактори. Пример за ова е смрдеата на отпадот во епизодата „Mr. Monk and the Garbage Strike“ („Г-дин Монк и штрајкот на ѓубреџиите“) од петтата сезона која го попречува Монк успешно да го идентификува убиецот на Џими Кјузак. Друг пример среќаваме во епизодата „Mr. Monk Meets Dale the Whale“ („Г-дин Монк се среќава со Дејл Китот“) кога првиот импулс откако пристигнува на местото на злосторството е да ги исправи светилките. Но, тој сепак може да ги контролира овие импулси кога треба да го прегледа телото на жртвата и да собере докази. Иако неговата ментална состојба во голема мера се должи на смртта на жена му, Монк покажува знаци на опсесивно-компулсивно нарушување уште во неговото детство. За да се справи со ова и со фобиите, тој посетува психијатар (д-р Чарлс Кругер во првите шест сезони и д-р Невин Бел во последните две) секоја недела, а во неколку наврати посетите се одвиваат секој ден.

За период од околу 8 години Монк успева да надмине повеќето од неговите фобии, како и некои аспекти на неговото опсесивно-компулсивно нарушување. Иако не успева да се излечи од сите фобии, тој сепак е способен да не мисли на нив кога работи на некој случај. Неговиот најзначаен напредок, кога се фобиите во прашање, го гледаме во епизодата „Mr. Monk Goes to Group Therapy“ („Г-дин Монк посетува групна терапија“) од осмата сезона, во која тој е заклучен во багажник од кола заедно со неговиот соперник Харолд Креншо, кој исто така пати од опсесивно-компулсивно нарушување. За време на ова ужасно патување и двајцата ја надминуваат својата долгогодишна клаустрофобија, како и меѓусебните разлики и стануваат пријатели. Можеби и токму поради ова, но и благодарение на многуте случаи што ги решил низ годините, Монк повторно се враќа на старото работно место како детектив во епизодата „Mr. Monk and the Badge“ („Г-дин Монк и значката“) од осмата сезона. Иако отпрвин е возбуден поради ова, набргу сфаќа дека тоа што повторно е детектив не го прави посреќен. При разговорот со д-р Бел, Монк сфаќа дека отсекогаш бил среќен како приватен детектив и консултант на полицијата на Сан Франциско. Тој дава отказ откако го надминува стравот од височини и сам се справува со убиецот-чистач на прозорци. Во последната епизода од серијата дознава дека неговата жена Труди родила девојче пред тие двајца да се сретнат. Ова и понатамошните настани во епизодата причинуваат позитивни промени во неговиот карактер.

Потекло на ликот

Детство и семејство

Монк е роден на 17 октомври, 1959 година и потекнува од Велс. Датата на раѓање ја дознаваме од епизодата „Happy Birthday, Mr. Monk“ („Среќен роденден, г-дин Монк“) во која се споменува дека педесеттиот роденден Монк ќе го прослави наредниот ден, на 17 октомври 2009 година. Ова го прави речиси шест години помлад од Тони Шалуб.

Во епизодата „Mr. Monk and the UFO“ („Г-дин Монк и неидентификуваниот летачки објект“) дознаваме дека Монк е роден во фиктивниот град Марин Каунти во Тексбери, во семејство со многу строги родители кои се однесуваат презаштитнички. Неговиот татко, Џек Монк (Ден Хедаја) го напуштил семејството кога Монк имал осум години. Излегол еден ден да купи кинеска храна и повеќе не се вратил. Монк има агорафобичен брат по име Емброуз (Џон Тортуро), со кој се нема видено од смртта на Труди. Неговата мајка умрела во 1994 година. Од епизодата „Mr. Monk and the Marathon Man“ („Г-дин Монк и маратонецот“) дознаваме дека Монк се занимавал со атлетика во средно, но се откажал кога се запишал на универзитетот во Калифорнија, Беркли, чиешто име го дознаваме од епизодата „Mr. Monk and the Other Detective“ („Г-дин Монк и другиот детектив“). Во „Mr. Monk and the Class Reunion“ („Г-дин Монк и генерациската средба“) дознаваме дека прекарот на Монк во средно училиште бил „Капетан Кул“. Натали е изненадена кога дознава дека овој прекар го добил затоа што секој викенд го одмрзнувал фрижидерот во студентскиот дом.