Lysimachia punctata или точкеста метилка — вид тревесто повеќегодишно цветно растение кое припаѓа на родот Lysimachia, од семејството јаглики (Primulaceae). Опис Lysimachia punctata е растение високо до 100 см, со тенок подземен ризом. Неговото стебло е поставено вертикално, има аголна форма и речиси и да не се разгранува. Целото растение е влакнесто. Листовите се распоредени спротиводно или во пршлени од по 3 до 4. Имаат цели рабови, јајцевидно-ланцетаста до елиптична форма, со должина до 7 см. На врвот се заострени, во основата обично заоблени, имаат кратка дршка и се прекриени со влакненца од двете страни. Ливчињата се обрабени со влакненца, а влакнестите чашкасти ливчиња се целосно зелени, без портокаловиот раб на Lysimachia vulgaris. Цветовите се распоредени по 1 до 4 во пазувите на листовите и заедно образуваат едно завршно (терминално) гроздоводно соцветие. Цветните дршки се со должина од 1 до 1,5 см. Чашката е со должина од околу 6 до 8 mm, густо е покриена со влакненца и речиси до самата основа е поделена на 5 линејно-ланцетасти делови со заострен врв. Кај одделни примероци се забележуваат и жлездести влакна. Венчето има светложолта боја и должина од 10 до 18 мм. Речиси до самата основа е поделено на 5 широко-ланцетасти до широко-елиптични делови со заострени врвови, кои од внатрешната страна и по рабовите се прекриени со жлездести влакненца. Прашниците се со должина колку половината од венчето и се сраснати со неговата основа. Дршките на прашниците (филаментите) имаат различна должина, во долниот дел се проширени и до половината меѓусебно сраснати, формирајќи цевчеста структура околу плодникот. Од надворешната страна, филаментите се густо покриени со жлездести влакненца. Столпчето е тенко, со должина еднаква на прашниците и завршува со топчест жиг. Плодната кутијка е топчеста, долга околу 4 мм и пократка од чашката. Распространетост Овој вид е автохтон во југоисточна Европа и источно сè до Кавказ. Внесен е како градинарско растение, а потоа широко се раширил и натурализирал како пребегнат вид од градините, населувајќи запуштени површини, покрај патишта и влажни места.

Во Македонија се среќава на тревни површини, крај реки, потоци, патишта и населени места до 1600 метри надморска височина.

Варијабилност Lysimachia punctata var. tomentosa - растение со прости влакна. Во Македонија претставува широко распространето растение. Lysimachia punctata var. punctata - растение кое покрај простите влакна по цветните дршки, брактеите и чашката има и жлездести влакна. Распространето на планините Јакупица, Пелистер, Кожуф и Беласица, како и во Прилеп - Плетвар, Гевгелија - с. Богданци и Смрдлива Вода. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија