Euphorbia taurinensis е вид цветно растение од семејството Euphorbiaceae.

Опис Мала едногодишнo растение слабо влакнесто со височина од 20-30 см.

Стеблото неразгрането или од основата со 2 стебленца, без или со 2 пазувни зрака. Стеблените листови линејни до линејно-копјести, целокрајни, на врвот тапи, рамни или слабо засечени, до 3 цм долги. Листовите во основата на штитот слични на стеблените, копјести ромбични до јајцевидни, до 1,5 цм долги, на врвот заострени, во основата широко-клиновидни. Штитот со 3-5 зраци, повеќепати дихотомно разгранети.

Обвивката на циатумот гола, желздите 4 жолти, со долги розови рокчиња. Кутијката до 3 мм долга, со 3 надуени лобуси, а по средината на карпелите има ситни брадвички.

Семето е 2 мм јајцевидно, неправилно вдлабнато или мрежесто, но не е избраздено, бледо сиво, но потемно во вдлабнатините и додатокот на семето (карункул) е истакнат бел полукружен.

Опсег Европа освен север, Турција и Северен Кавказ (Албанија, Балеарските Острови, Бугарија, Корзика, Кипар, Чешка, Словачка, Источноегејски Острови, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Крим, Северен Кавказ, Португалија, Романија, Шпанија, Швајцарија, Турција, Турција-во-Европа, Украина, Југославија).

Живеалиште Европа: Нарушено тло.

Турција: Шумски предели (Quercus/Phillyrea или Pinus brutia), каменести места, мочурливи ливади и необработени полиња, 0-1500 м.

Распостранетост во Македонија Euphorbia taurinensis во Македонија расте по брдски пасишта и камењари, обично врз варовник и серпентин до 1500 м надморска височина во Скопје, Жеденска Клисура, клисурите на р Треска, р. Пчиња, Тополка и Бабуна, Прилеп, Велес, Штип, Делчево, Струмица, Гевгелија, Дојран, Кичево, Неготино како и на планините Бистра, Галичица, Кожуф и Огражден.

Наводи

Категорија:Млечка (растение) Категорија:Флора на Македонија