Trifolium stellatum — едногодишен вид на детелина опишана од Карл Линеј. Нивните цветови ги посетуваат ѕидарските пчели, Anthocopa, Osmia aurulenta и Anthophora.

Опис Растението е едногодишно, високо 10–20 см. Стеблото е исправено, поединечно или разгрането уште од основата и покриено со густи раширени влакна. По целата должина има едно до три листа, а интернодиумите се многу долги. Базалните листови имаат дршки три до четири пати подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките постепено се скратуваат, а кај најгорниот лист се долги околу 1 мм. Во пазувите на најгорните листови обично се развиваат уште три до четири мали гранчиња.

Листовите се долги 5–10 мм, обратнојајцевидно-клиновидни, со плитко срцевидно всечен врв и неправилно назабен раб. Страничните рабови во долниот дел се цели, а од двете страни листовите се покриени со прилегнати влакна. Прилисниците се јајцевидни, влакнести, со испакнати жили, белузлави или зеленикави со зелен врв. По работ се ситно назабени, а запчињата завршуваат со остар шилест врв.

Соцветијата се топчести до јајцевидни, со пречник од 20–30 мм и составени од густо збиени цветови. Дршката на соцветието е долга 5–8 мм и е покриена со раширени влакна. Цветовите се долги околу 13 мм.

Чашката е долга околу 13 мм и покриена со густи, долги, полураширени влакна. Нејзиниот трубест дел е долг околу 10 мм, со жолтеникава боја и со отвор затворен со прстен од густи влакна. Запците се долги околу 8 мм, скоро двојно подолги од трубестиот дел, триаголесто-копјести и завршуваат со долг шилест врв. Во основата имаат две мали попречни жили, а внатрешната страна е покриена со многу куси густи влакненца. По прецветувањето запците се ѕвездесто раширени и формираат израз од десет страни поради мрежестите нерватури во нивната основа.

Венчето е розово, поретко црвено или жолтеникаво-бело, долго 14–15 мм и обично е подолго од чашката, а поретко е покусо од неа. Барјачето е копјесто и долго околу 15 мм. Крилцата се околу 2 мм покуси од барјачето, а лаѓичката е копјеста и околу 0,5 мм покуса од крилцата. Плодот е мала мешунка, долга приближно колку трубестиот дел на чашката и обично содржи едно семе.

Распространетост во Македонија Trifolium stellatum расте по брдски пасишта и камењари врз варовничка подлога во најтоплите делови на Македонија. Растението се среќава во околината на Стар и Нов Дојран, Гевгелија, кај местата Асанли и Ѓуранѓа и над Богданци.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Малта Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија