мини|Леонид Леонов, авторот на Руската шума „Руската шума“ (руски: Русский лес) — роман на рускиот писател Леонид Леонов, пишуван од 1950 до 1953, а објавен во 1954 година.
Содржина Прва глава Аполинарија (Поља) Вихровна доаѓа на студии во Москва и се сместува во станот на нејзината другарка Варвара (Варја) Черњецова. Родителите на Поља се одамна разделени: татко ѝ, шумарскиот професор Иван Матвејич Вихров, живее во Москва, а Поља и мајка ѝ Елена (Леночка) живеат во малото место Лошкарјов крај реката Јенга. Веднаш по пристигнувањето во градот, Поља оди во станот на татко ѝ, а таму ја затекнува тетка ѝ Таиска при што од разговорот со неа сфаќа дека нејзините предрасуди за татко ѝ биле целосно погрешни. Истата ноќ, германската војска го напаѓа Советскиот Сојуз.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 41-83.
Втора глава Кога се враќа дома, професорот Вихров дознава дека во меѓувреме го посетила Поља и тоа го поттикнува да се замисли над своето минато. Во стручната јавност тој е познат како голем критичар на претераното сечење на шумите поради што е остро напаѓан од познатиот професор Грацијански, неговиот дамнешен другар од студентските денови. Тој живее во мал стан, заедно со својата полусестра и со посинокот Сергеј, а сопругата одамна го напуштила. Возбуден од посетата на ќерка си, тој се присетува на детството: смртта на татко му, другарот Демитка, љубовта кон природата, дружењето со старецот Калина Глухов, сечењето на старата шума и преселбата со мајка си во Петроград.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 84-137.
Трета глава Поља е многу исплашена од бомбардирањето на Москва и постојано се крие во подрумот. Таму го запознава Грацијански, кој ѝ раскажува за татко ѝ. Под влијание на неговите зборови, таа повторно создава лоша претстава за него и запаѓа во тага. Срамејќи се од татко си, таа почнува да помага во јавните работи во градот, а Варја постојано ја советува, овозможувајќи ѝ да го надмине стравот. Најпосле, Поља ѝ ја кажува својата мака на Варја, која го посетува Вихров со цел да добие подобра претстава за него.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 138-175.
Четврта глава Летото 1899 година, Иван Вихров и мајка му пристигаат во Петроград. Во една прилика, Иван пак го среќава претприемачот Книшов кој ја исекол старата шума во родниот крај на Иван. Тогаш, Книшов му дава пари, а Иван не сака да ги прими. Во текот на следните пет години, Иван работи како шумар, а по враќањето во Петроград дознава за смртта на мајка му и за исчезнувањето на стрико му. Одвреме навреме, непознат добротвор му испраќа пари и тој се запишува на шумарскиот институт. Тој се сомнева дека парите му ги испраќа Книшов, но таа претпоставка ја отфрла две години подоцна, кога случајно го среќава некогашниот трговец како питач. За време на студиите, Иван се дружи со Грацијански, кој е единственото богато момче во друштвото. Во 1911 година, Иван е уапсен и испратен во прогонство во северните краишта на Русија, каде работи како шумар. Во 1913 година е амнестиран и некое време скита низ Русија, гледајќи како систематски се уништуваат шумите. Кога започнува Првата светска војна, тој е мобилизиран, но во 1916 година е ранет во ногата, така што е ослободен од воената служба и се вработува како шумар во родниот крај.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 176-227.
Петта глава Поради бомбардирањето, власта ги евакуира децата од Москва. Линијата на фронтот се доближува до градот и Поља и Варја работат на одбранбената линија. Тогаш, Поља повторно ја зафаќа паничен страв од можната смрт. Таа решава да ја открие тајната на минатото на татко ѝ. Таиска ѝ раскажува за детството на Леночка и за запознавањето со Иван Вихров, кој во тоа време работи како шумар во родниот крај.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 228-270.
Шеста глава За време на Првата светска војна, Леночка живее на спахискиот имот на една осиромашена вдовица. Откако селаните го палат имотот, Вихров ѝ помага на Леночка која подоцна ја испраќа да се школува за болничарка. За тоа време, тој ја пишува својата прва голема книга, „Судбината на руската шума“ која постигнува голем успех. По две години, Леночка се враќа и сите очекуваат Вихров да ја побара за жена, но тој никако не собира храброст да ѝ предложи брак, иако го посакува тоа. Во тоа време, него го посетуваат студентските другари Чередилов и Грацијански, кој уште тогаш ги критикува шумарските погледи на Вихров. Еден месец подоцна, Вихров е преместен на Шумарскиот институт во Москва. Непосредно пред заминувањето, тој ја бара Леночка за жена и таа заминува со него.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 271-317.
Седма глава Поља присуствува на воведното предавање кое Вихров традиционално го одржува пред почетокот на учебната година, а кое предизвикува големо внимание. Во него, тој дава опширен историски преглед на уништувањето на руските шуми, се спротивставува на нивната претерана експлоатација и ги повикува студентите да се грижат за заштита на шумите.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 318-362.
Осма глава По предавањето, ставовите на Поља за татко ѝ почнуваат да се менуваат, а таа се присетува дека пред пет години, кога Вихров го посетил родниот крај, тие се виделе, иако таа не знаела дека тој е татко ѝ. Истата вечер, Варја заминува на партиска задача, оставајќи ја Поља сама во станот. Таа, пак, бара да биде префрлена на фронтот, но нејзината молба е отфрлена и така, без голема волја, ги започнува студиите по архитектура. Еден ден, Таиска ја посетува Поља, раскажувајќи ѝ за судбината на нејзините родители: По преселбата во Москва, Леночка целосно му се посветува на домаќинството, а Иван се труди да го зголеми нејзиното образование, така што кај неа се раѓа љубов за книжевноста. Сепак, уште од првата нивна средба, Леночка воопшто не го сака Иван, а се мажи со него само за да добие потпора во животот. Во една прилика, Иван случајно дознава дека Леночка не е среќна со него, а еден ден, таа неочекувано бега заедно со шестгодишната Поља. Откривајќи го бегството на сопругата, за првпат во животот, Иван се опива.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 363-401.
Деветта глава Цела година, Иван безуспешно настојува да открие каде е Леночка, најпрвин сомневајќи се дека го оставила за еден негов студент. Една вечер, него го посетува Демид (Демитка) Залатухин, неговиот другар од детството со кого не се виделе 30 години. Од него дознава дека Леночка се вратила во родниот крај, а Демид му го остава синот Серјожа. Пролетта 1929 година, Леночка пристига во селото Пашутино, каде се вработува во селската болница. Таму, на Леночка ѝ се додворува еден маж, но иако најпрвин паѓа во искушение, таа ги прекинува односите со него. Подоцна, тој е тешко ранет, а Леночка пожртвувано го негува и со тоа стекнува голем углед во околината. Годините минуваат, а Вихров го посвојува Серјожа и грижливо го воспитува. За да се запознае со работничкиот живот, кога станува полнолетен, Серјожа станува возач на локомотива.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 402-445.
Десетта глава За да стекне поблиска претстава за научната работа на татка си, Поља се распрашува за Грацијански и за неговата долгогодишна остра критика на творештвото на татко ѝ. Всушност, уште од почетокот на научната кариера, Вихров е постојано напаѓан како противник на индустријализацијата и социјалистичката изградба, а во нападите учествува не само Грацијански, туку и уште еден негов близок другар од студентските денови – Чередилов. Нападите кулминираат во 1936 година, кога се организира посебен состанок за бркање на Вихров од Шумарскиот институт, но сепак, на тајното гласање тој добива мнозинство гласови. На 7 ноември 1941 година, Поља добива покана да ја следи традиционалната парада на Црвениот плоштад, а потоа, по бројните неуспешни обиди, таа конечно добива дозвола да работи како болничарка на фронтот.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 446-485.
Единаесетта глава Во тоа време и Серјожа заминува на фронтот, како возач на оклопен воз. Пред заминувањето, Поља конечно се среќава со својот татко и од него ја бара фотографијата на мајка ѝ. Подоцна, само што го напушта станот, нејзината зграда е погодена од граната и во таа прилика е смртно ранета нејзината сосетка Наталија Сергеевна Золотинска. Тука се појавува и Грацијански во кого Наталија била заљубена цел живот. Поља е сведок на таа сцена и веднаш потоа заминува на фронтот.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 486-518.
Дванаесетта глава Моршчихин, поранешен студент на Вихров, кој пишува дисертација за напредното младинско движење во периодот пред Октомвриската револуција, го посетува Грацијански со цел да обезбеди дополнителни информации за тоа време. Наместо тоа, преплашениот Грацијански му кажува лажни верзии за некои лични настани поврзани со неговата божемна револуционерна активност. Неколку дена подоцна, Грацијански го посетува Вихров, кој во меѓувреме е награден со орден, лицемерно честитајќи му на успехот. Тогаш, во станот доаѓа Серјожа, кој настапува остро против Грацијански, а истата вечер заминува на фронтот.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 519-583.
Тринаесетта глава На фронтот, Серјожа разговара со Моршчихин за Грацијански и за неговото непријателство кон Вихров. Истовремено, Поља се истакнува со пожртвуваната грижа за ранетите во болницата. Еден ден, таа е испратена во Лошкарјов со задача да обезбеди разузнавачки информации за германската војска. Меѓутоа, веднаш по пристигнувањето во родниот крај, таа е заробена.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 584-626.
Четиринаесетта глава За време на сослушувањето, Поља се труди да го залаже германскиот офицер, преправајќи се дека е осиромашена благородничка која ја мрази комунистичката власт, но тој не попушта. Кога таа помислува дека ќе биде стрелана, селскиот старешина го убива офицерот и така таа неочекувано се спасува. Потоа, Поља доаѓа во Лошкарјов, и тоа во куќата на Варја чиј татко треба да ја преземе пораката што ја носи таа. Од него, Поља дознава дека Варја погинала во една акција и дека мајка ѝ е болничарка во месниот партизански одред. Откако успешно ја извршува својата задача, утредента Поља го напушта родниот град и оди во партизанскиот одред во кој се наоѓа мајка ѝ, но не се среќава со неа, зашто таа се наоѓа на друго место. Таму, на присутните им ги раскажува впечатоците од парадата на Црвениот плоштад.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 627-671.
Петнаесетта глава За време на една битка во која е уништен неговиот оклопен воз, Серјожа е повреден и додека лежи во бесознание го пронаоѓа Поља, која низ шумата се враќа во својата единица. Сепак, таа не знае кој е Серјожа, а ниту тој не ја познава неа. Во меѓувреме, Вихров ја прифаќа поканата на Грацијански и го посетува на новогодишната ноќ, известувајќи го за намерата да даде оставка на професорското место. Наеднаш, без никакво објаснување, Грацијански го брка од станот, а кога Вихров се враќа дома, таму го чека стариот другар Валериј Крајнов. Од него дознава дека и тој го посетил Грацијански, но не бил примен, зашто во меѓувреме него го посетил непознат човек.Леонид Леонов, Руска шума. Просвета, Београд, 1965, стр. 672-709.
Шеснаесетта глава