Спомен-куќа на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија — музеј во куќата каде што е основана Комунистичката партија на Македонија на 19 март 1943 година во Тетово. Свечено бил отворен во 1968 година. Поради својата архитектонска историска важност со решение бр.06-293/2 од 06.04.1970 година од страна на РЗЗСК Скопје е прогласена за Споменик на културата.
Местоположба Спомен-куќата на Меморијалниот музеј на ЦК КПМ се наоѓа во горниот дел од градот Тетово во месноста ,,Два Бреста” веднаш под падините на ридот ,,Балтепе”, на ул. Гоце Делчев бр. 83. Куќата била во сопственост на првоборецот Лазо Јовановски - Шутомир и во неа на 19 март 1943 година бил основан Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија.
Историја По пристигнувањето на ополномоштеникот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија, Светозар Вукмановиќ Темпо, во Македонија, во духот на организирањето и ширењето на вооружената борба, било одлучено да се основа национална партија во рамките на Комунистичката партија на Југославија и во Македонија, по моделот на веќе постоечките комунистички партии на Словенија и Хрватска. Работата на претходниот Покраински комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија престанал да постои со основањето на Комунистичката партија на Македонија на 19 март 1943 година во Тетово.
Првата, односно основачката, седница се одржала во најголема тајност. На неа бил избран првиот Централен комитет, составен од Лазар Колишевски како политички секретар (во тоа време во бугарски затвор), Мара Нацева како организациски секретар и Кузман Јосифовски Питу, Цветко Узуновски, Страхил Гигов и Бане Андреев. На седницата биле донесени многу одлуки кои биле значајни за понатамошниот развој на Народноослободителното движење во Македонија.
По иницијатива на организацијата на Сојузот на борците од Тетово во 1967 година се започнало со обнова и реконструкција на куќата и нејзино претворање во музеј. За таа цел бил ангажиран познатиот македонски архитект Борис Чипан кој направил темелна реконструкција на објектот и притоа бил запазен автентичниот изглед на куќата од времето кога е одржана Првата седница на ЦК КПМ од 19 март 1943 година. Пред куќата бил изграден амфитеатар за одржување часови по историја.
Опис Во спомен-куќата на Меморијалниот музеј на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија има седум простории со вкупна површина од 80 квадратни метри. Изложбени простории се три со вкупна површина од 43 квадратни метри, депо со површина од 19 м2, фотолабораторија од 4м2 и канцеларија од 13м2. Во состав на објектот има дворна површина од 1024м2 со изграден амфитеатар и уредено дворно место. Во музејот има поставено историска и една етнолошка поставка.
Изложбата е целосно посветена на Првото заседание на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија и верниот изглед на ентериерот, односно на етнолошките предмети што ги користело просечното градско домаќинство во првата половина на 20 век.
Просторијата каде што се одржала седницата верно го претставува изгледот од 1943 година. Во средината на просторијата има маса со документи, а на ѕидот е изложена уметничка слика на платно од академскиот сликар Димитар Кондовски на кои се прикажани четворицата учесници на состанокот.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Тетово Категорија:Македонија во НОБ Категорија:Музеи во Македонија