Давид Пјер Руел (МФА/француски: [david pjɛʁ ʁɥɛl]; бил роден на 20 август 1935 година) е белгиски и натурализиран француски математички физичар. Работел на проблемите од статистичката механика и динамичките системи. Заедно со Флорис Такенс, Руел го сковал терминот чуден атрактор и развил нова теорија за турбуленцијата.

Биографија Руел студирал физика на Бриселскиот слободен универзитет, каде што докторирал во 1959 година под менторство на Рес Јост. Руел поминал две години (1960–1962) на Швајцарскиот национален институт за технологија Цирих (ETH), а уште две години (1962–1964) на Институтот за напредни студии (ИНС; IAS) во Принстон, Њу Џерси. Во 1964 година, станал професор на Институтот за високи научни студии (ИВНС; IHES) во Бур-сур-Ивет, Франција. Од 2000 година, тој е заслужен професор на ИВНС (IHES) и истакнат гостин-професор на Ратгерскиот универзитет.

Давид Руел дал фундаментални придонеси во различни области на математичката физика. Во квантната теорија на поле, најважниот придонес бил ригорозното формулирање на процесите на расејување врз основа на аксиоматската теорија на Вајтман. Овој пристап е познат како теорија на расејување на Хааг-Руел. Подоцна, Руел помогнал во создавањето на ригорозна теорија на статистичката механика за рамнотежните процеси, што ги вклучувало проучувањата на термодинамичката гранична вредност, еквивалентноста на ансамблите и конвергенцијата на Мајеровиот ред. Понатамошен резултат е лемата на Асано-Руел, што овозможува проучување на нулите на одредени полиномни функции што се повторуваат во теоријата на статистичката механика.

Проучувањето на бесконечните системи довело до локална дефиниција на Гибсовите состојби или до глобална дефиниција на рамнотежните состојби. Руел демонстрирал, заедно со Роланд Л. Добрушин и Оскар Е. Ланфорд, дека транслационо-инваријантните Гибсови состојби се токму рамнотежните состојби.

Заедно со Флорис Такенс, тој предложил хидродинамичката турбуленција да биде објаснета врз основа на чудните атрактори со хаотични својства на хиперболична динамика.

Почести и награди Од 1985 година, Дејвид Руел е член на Француската академија на науките, а во 1988 година бил предавач на Јосија Вилард Гибс во Атланта, Џорџија. Од 1992 година е почесен меѓународен член на Академија на уметностите и науките на САД, а од 1993 година редовен член на Academia Europaea. Од 2002 година е меѓународен член на Националната академија на науките на Соединетите Американски Држави, а од 2003 година надворешен член на Accademia Nazionale dei Lincei. Од 2012 година е член на Американското математичко друштво.

Во 1985 година, Дејвид Руел ја добил наградата „Дени Хајнеман“ за математичка физика, а во 1986 година го добил Болцмановиот медал за неговиот извонреден придонес во статистичката механика. Во 1993 година ја освоил наградата „Холвек“, а во 2004 година го добил медалот „Матеучи“. Во 2006 година ја добил наградата „Анри Поенкаре“, а во 2014 година бил награден со престижниот медал „Макс Планк“ за неговите достигнувања во теоретската физика. Во 2022 година, Руел го добил Дираковиот медал за математичка физика на ICTP, заедно со Елиот Х. Либ и Џоел Лебовиц, „за револуционерни и математички ригорозни придонеси во разбирањето на статистичката механика на класичните и квантните физички системи“. Наводи

Надворешни врски

. David Ruelle at zbMATH.

Категорија:Математички физичари Категорија:Носители на медалот „Макс Планк“ Категорија:Членови на Француската академија на науките Категорија:Теоретичари на хаосот Категорија:Белгиски физичари Категорија:Белгиски математичари Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1935 година Категорија:Статии со извори на француски (fr)