Чудотворци — роман на македонскиот писател Славко Јаневски, дел од циклусот Кукулино, издаден во 1988 година.
Содржина Романот „Чудотворци“ од Славко Јаневски е еден од романите од циклусот Кукулино. Низ страниците на романот авторот ги претставува деветте судбини на Керубиновите потомци, низ столетијата. Тие се: Еремија Сидор, Зафир Ут, Филип Близнак, Нева, Ангелариј, Аниса, Вир, Кранго Дус и Ринго Бигорски. Низ овие ликови кукулинскиот циклус го достигнува својот зенит. И овде постојат ирационалните сили кои ги тераат Кукулинците едни против други, постојат прастарите сили на доброто и злото, а во Чудотворци токму како да се спојуваат во едно, па се преобразуваат една во друга во човечкиот и светот на природата. Братоубиството и спротивставеноста на двајцата библиски браќа се присутни и во ова дело на Јаневски.
Романот е составен од три дела: Лица пред настани, Настани пред скончание, Скончание пред заборав, но ликовите во сите дела имаат историски предодредена несреќа, и не можат да го расплетат јазолот на доброто и злото во себе. Пеколот во кој живеат, Кукулино, се протега до небото, дуализмот на постоењето на љубов и омраза, здравјето и болеста, земното и небесното, се претопуваат во едно. Животот и смртта се взаемно поврзани, сè што се раѓа предодредено е да умре. Кукулинци се најголеми чудотворци, зошто се најголеми страдалници.
Чудотворци според зборовите на самиот автор е предание за преданијата.„Од чешмата гргала вода. Доаѓала од преданија и течела кон преданија.“ Тие се усна библија на Кукулино. Во самиот пролог на првиот дел тој пишува „Девет. Ниеден помалку, ниеден повеќе. Такви во Кукулино, имало толку. Живееле во преданија и со преданија, во годината 1719. И подоцна. Некои тогаш можеле да ги наречат лица пред настани“
Вториот дел има пролог „ А, потоа, во привидно тивкиот живот на Кукулино, во годината 1719, за некои од селото предолга, иако последна, дошле настани пред скончание.“ Поглавјата се насловени Бездна, Прстен, Предизвик, Порив, Двоумење, Насилие, Неизвесност, Бегалци и Бездна претставуваат синтагми кои укажуваат на читателот каква е судбината на Керубиновото племе. Тоа е тој светец кој е во некој своевиден круг (прстен), исправен пред предизвик, во порив и двоумење, соочен со насилиеи неизвесност, постојано бегалец, пред бездна. Во овој роман сите овие епски широки теми се згуснуваат до “јазолна точка“ и Јаневски го доживува во Чудотворци својот климакс.
Третиот дел има име Скончание пред заборав,а „со умирањето на луѓето, умирале и преданијата“. Авторот вели во Чудотворци: „Историјата, дури и напудрена, под вреска или национална перика, ја допишува кукулинската библија како незавршено и незавршливо недоразбирење, не само меѓу два народи, две вери, две села и две куќи, туку и меѓу двајца во една куќа“.
Ликови
Ликот на Еремија Сидор е врзан со билката ѓа'олска тревка и преданието дека кој ќе заспие над оваа тревка, умот како гасеница му се извлекува од уши, без спомен и мисла останува. Тоа му се случува и на Сидор, некогашен востаник на Карпошовиот бунт, кој по тревката веќе не ги препознава ни сопствените синови.
Ликот на Зафир Ут има поврзаност со преданието за необичен камен , измазнет и валчест како јајце, кој носел голема несреќа. Постариот син на Еремија Сидор се изместил од умот, пелтечел и никој веќе не го разбирал. Стравувал дури и од сопствената жена Нева. Живеел во своевиден сопствен пекол.
Помладиот син на Еремија Сидор, Филип Близнак е врзан за преданието дека ветрот и облаците се близнаци.Така и тој постојано сонува облак и јава ветер. Нева е снаа на Еремија и жена на Зафир Ут, поврзана е со преданието за бубачката арк- арамак, која ако слета на жена, таа жена ќе биде обземена со похота. Таа им носи несреќа на многумина со своите набрекнати гради и бујни бедра.
Попот Ангелариј е посебен лик во кукулинската библија. Тој го совладал летањето. Се стремел кон височините, и ги надгледувал своите Кукулинци, а тие мислеле дека паѓаат ѕвезди.
Аниса, ќерката на Ангелариј и на Естира, се поврзува со преданието на слепиот многувековен елен кој ако го допреш добиваш моќ да исцелуваш. Така Анисаможе да лечи болни и да ја предава болештината на Давидница и на нејзините води.
Гробарот Вир е поврзан со преданието за часовник кој го мери времето со живи стрелки во две насоки- напред и назад. Од 'рѓата ако се напоиеш во вистинскиот миг нема да си зависен веќе од времето. Така, Вир испил таква голтка вино и сетил вкус на таа 'рѓа и станал составувач на првиот календар и првиот хороскоп. Се криел од сонцето мислејќи дека ќе се стопи, а Кукулинци го сметале за светец и еден од Исусовите апостоли.
Кранго Дус, бил волшебник со шупелка,и според преданието свирел во шупелка изделкана од змиско дрво,и секоја желба му се остварувала. Но, откако проодел раснел само од половината нагоре, додека долниот дел му бил мал. Верувалл дека е предодреден за водач.
Ринго Бигорски, бил најголемиот мудрец во Кукулино, и за него е врзано преданието дека во Кукулино понекогаш ноќе на површината на водата горат свеќи. Кој ќе се допре до нив ќе се продухови и ќе стане поумен од другите.
Сликајќи ги овие свои ликови Јаневски ги насликал своите кукулински литературни фрески за кои Георги Старделов пишува во поговорот на делото и го нарекува романот Чудотворци „Новиот кукулински завет по Јаневски“. Славко Јаневски, Чудотворци, Македонска книга, Скопје, 1989 Јубилејно издание. Поговор: Новиот Кукулински завет по Јаневски, Георги Старделов
Наводи
Надворешни врски
Извадок од „Чудотворци“
Категорија:Македонски романи Категорија:Романи кои се одвиваат во Македонија Категорија:Дела на Славко Јаневски Категорија:Книги од 1988 година Категорија:Појавено во 1988 година во Македонија