мини|Лого на Гомора (Серија) Гомора (Gomorra) е италијанска телевизиска серија, за првпат емитувана на Sky Italia од 2014 до 2021 година.
Серијата е инспирирана од истоимениот роман на Роберто Савијано и ја раскажува приказната за клановите Камора во различни области на Неапол, особено во Секондиљано. Филмот „L'Immortale“ (Бесмртниот) од 2019 година ја прикажува приказната на еден од главните ликови од серијата.
Продукција Снимањето на првата сезона започна во август 2013 година и се одвивало во: Неапол, Милано, Ферара, Ментон и Барселона. Најголем дел од сцените се снимени во центарот и околните области на Неапол, како: Понтичели, Сан Џовани а Тедучо, Сан Пјетро а Патиерно, Скампија, Секондиљано, Областа 219 на Сан Виталијано и Парко Верде на Каивано. Режијата е на Стефано Солима, Франческа Коменчини и Клаудио Купелини.
Снимањето на втората сезона започна на 14 април 2015 година во Келн, Германија, во јуни продолжи во Нола и завршило во Неапол на шести ноември. Другите сцени се снимени во: Рим, Бергамо, Милано, Трст, Хрватска и Хондурас. На режисерите од првата сезона им се приклучува и Клаудио Џованези.
Во октомври 2016 година, започна снимањето на третата сезона, во која Стефано Солима и Клаудио Џованези се повлекуваат како режисери, а снимањето завршило на 7 јуни 2017 година.
Снимањето на четвртата сезона започнува на 16 април 2018 година и завршува на 29 ноември истата година; дел од сцени се снимени во: Поџомарино, Лондон, Болоња и Реџо Емилија. На Франческа Коменчини и Клаудио Купелини, како режисери се придружуваат и Марко Д'Аморе (веќе актер во оваа серија), Енрико Розати и Чиро Виско.
Снимањето на петтата сезона, последна од серијата, во која Франческа Коменчини, Енрико Росати и Чиро Виско ја напуштаат режисерската функција, е снимена во Рига, Латвија, во септември 2020 година. Сцените оОд 29 октомври 2020 до 22 мај 2021 се снимени во Неапол и во Рим.
Содржина мини|десно|200px|Улогата на Чиро "Бесмртниот" ди Марцио ја прикажал Марко Д'Амаре Прва сезона Во Неапол, почитуваниот и стравуван дон Пјетро Савастано е шеф на кланот на Камора во Секондиљано. За него работат многу доверливи луѓе, меѓу кои и Чиро ди Марцио, познат како Бесмртниот и токму на него, дон Пјетро му ја дава задачата да ја запали куќата на мајката на Салваторе Конте, негов ривалски шеф. Покрај тоа Чиро има обврска да го подготви синот на Пјетро, Џенаро Савастано, познат како Џени за неговата идна улога како глава на семејството, односно шеф на кланот.
По дојава, полицијата врши претрес на еден од каминоните со дрога и го уапсува дон Пјетро. Меѓутоа тој успева да командува и од затворот, но по масакрот во Кастел Волтурно, полицијата го открива виновникот и дон Пјетро е осуден на суровиот затвор од 41 бис. И покрај неговите негодувања, раководењето на кланот го презема неговата сопруга, дона Има Савастано, која не му верува на Чиро и смета дека Џени не е подготвен да стане шеф. Поради тоа таа решава да го испрати Чиро во Шпанија за да склучи мир со шефот на ривалскиот клан, Конте, а Џени го испраќа во Хондурас, за да преговара со шверцерите на дрога. Договорот со Конте е успешен, но и покрај тоа дона Има продолжува да не му верува на Чиро и да го потценува. Во тој период бизнисот доживува пораст, па таа одлучува да отвори нови места за продажба, свесна и за опасностите од новите непријателства.
По долг период во Хондурас, Џени се враќа во Неапол, целосно променет и физички и карактерно, подготвен да го земе она што му следува, но се оддалечува од Чиро и сè повеќе се здружува со негови врсници. Првото нешто што го прави е промена на дотогашниот градоначалник на општината Џуљано, Фабрети, верен на дон Пјетро и на семејството Савастано, и на негово место го става неговиот пријател Микеле Касиљо. Тоа предизвикува недоверба кај старите послушници на дон Пјетро и поради тоа со доаѓањето на Џени започнува внатрешна војна помеѓу старите и младите, односно приврзаниците на Џени и оние на дон Пјетро.
Чиро, чувствувајќи се отфрлен и омаловажен од Џени, решава заедно со неколку негови пријатели да го прекине примирјето, што самиот тој го склучил со Конте. Па така му наредува на Даниелино да го убие Тонино Русо, десната рака на Конте, но сите сомнежи паѓаат врз Џени. Чиро сака да ги избрише сите докази, но не можејќи да го најде младиот Даниелино, ја киднапира неговата девојка и подоцна ја убива. Даниелино пак очаен бара помош од брат му Масимо, возачот на Конте, кој му ја раскажува приказната на шефот и се обидува да го натера да му прости. Конте, откако дознава за тоа, ги убива двајцата браќа и решава да ги прекине односите со Џени, сè уште сметајќи го за виновен и одговорен за убиството на Русо. Дона Има го открива предавството на Чиро, благодарение на пораката што девојката на Даниелино ја испраќа до еден негов другар, и го уценува Чиро дека ќе му каже на Џени, доколку тој не го убие Конте. Но наместо него, Чиро ја убива дона Има и го поштедува животот на Конте. Меѓутоа Џени наоѓа копија од снимката во чантата, што тој ѝ ја подарил, и станува свесен за предавството на Чиро. Не знаејќи кому повеќе да верува, им наредува на младите приврзаници да ги убијат старите, сметајќи ги за сојузници на Чиро, па така голем дел од послушниците на дон Пјетро умираат, но Чиро заедно со Маламор успева да избега. Откако приврзаниците на Џени откриваат каде се крие Чиро, одат да го убијат, но паѓаат во заседата на Конте, сè уште убеден дека вистинскиот непријател е Џени.
За време на училишната претстава, на која учествува и ќерката на Чиро, Џени заедно со неговите приврзаници одат со намера да го убијат, но наместо тоа Чиро пука и го повредува Џенаро. По тоа, Чиро бега, а неговата сопруга го напушта затоа што го ставил во опасност животот на ќерка им.
Дон Пјетро успева да избега, со помош на Маламор, кој заедно со некои други луѓе го напаѓаат комбето со кое полицајците треба да го префрлат во друг затвор. Во последната сцена е прикажан Џени, тешко ранет, меѓутоа движењето на раката укажува дека сè уште е жив.
Втора сезона Почетокот на втората сезона ги прикажува сцените од крајот на првата: Џени е во болница, а болничарите прават сè што е во нивна моќ за да го одржат во живот.
Дон Пјетро е во бегство, откако го ослободуваат од комбето за време на трансферот, дознава што му се случило на Џени и го планира неговиот следен потег.
Чиро го формира Сојузот со некои поранешни подружници на Савастано и со Салваторе Конте, кој ги снабдува со дрога и тежнее да си ги врати старите, изгубени места за продажба. Чиро има јасна замисла: од Сојузот да добие моќна и многубројна војска, поради тоа има за цел да ги придобие и т.н. Неодлучни. Целта на Сојузот е секој член да работи автономно низ Секондиљано, но дрогата ја земаат од исто место, од Конте. Бесмртниот, сигурен за одмаздата од Савастано, ги носи на сигурно Дебора, неговата сопруга и малата МаријаРита. Но и покрај тоа што на Дебора сè ѝ е овозможено, таа чувствува гнев и огорченост кон Чиро, сакајќи дури и да го пријави во полиција. По безбројна кавга, Чиро, бесен над неа, ја убива.
Во меѓувреме здравствената состојба на Џени се подобрува и тој излегува од болница.
По една година во Неапол, тој се враќа во Хондурас, каде што организира шверц на дрога во име на татко му. По неколку месеци, се враќа во Европа, оди прво во Рим за да ја договори продажбата на неговата дрога со дон Џузепе Авитабиле, шеф на Камора и градежник. Во тој период Џени почнува да се гледа со неговата ќерка Азура Авитабиле. Потоа заминува за Германија, каде што го чека татко му Пјетро. Тоа се тешки времиња за семејството Савастано, поради тоа што се барани од полицијата. Дон Пјетро почнува да шверцува гориво и оружје, додека расте неговата желба за одмазда против Чиро и Конте. Една вечер додека преговара со шефот на калабриската ‘Ндрангета, дон Пјетро заедно со Џени го ризикуваат нивниот живот, во заседа против калабрискиот шеф. Но благодарение од предупредувањето на пријателите на Џени, кои успеваат да го убијат шефот, Џени и татко му успеваат да побегнат неповредени. За време на бегството, германската полиција, сметајќи ги за сомнителни, почнува да ги брка, но на дон Пјетро му се слошува и принудени се да застанат. Џени и покрај омразата кон татко му поради непочитувањето од минатото, му помага и го засолнува на сигурно. Меѓутоа утрото откако ги повратил силите, дон Пјетро одлучува да се врати во Неапол и да ги врати загубените криминалните активности, оставајќи го синот сам на себе.
Со Сојузот не владее мир, бидејќи членовите се незадоволни од Салваторе Конте, кој иако тврди дека е различен од Савастано, се однесува како шеф, грабајќи се по најпрофитните места за продажба. Чиро се обидува да ги смири сите, велејќи им да бидат трпеливи, во очекување на погрешен чекор од Конте, на тој начин ќе можат да земат дел од неговите места. Таквиот момент брзо пристигнува: за време на роденденската забава на Конте, тој ја прободува раката на ‘О Мулато, еден од членовите, бидејќи ја исмева трансродовата девојка Нина, сестра на јавната девојка на Конте и потајно негова љубовница. Како дополнителна казна, го одзема местото за продажба на ‘О Мулато и го доделува на ‘О Принчипе. Чиро ја користи приликата и бара од ‘О Мулато и ‘О Принчипе, мајстор во разредувањето на дрогата, да го предадат Конте. Иако и двајцата се негови верни приврзаници, тие се согласуваат со планот на Чиро. Прво го информираат Конте, кој му ја враќа базата за продажба на ‘О Мулато, а потоа за време на религиозната миса, на која Конте учествува секоја година, го убиваат.
По смртта на Конте, дон Пјетро гледа можност да го нападне Сојузот, прво наредува на неговите луѓе да го ограбат курирот на Шанел, сестрата на Ѕекинета. Дон Пјетро се среќава со Џенаро да го информира за тоа што планира да го направи против Сојузот, наредувајќи му да замине од Секондиљано, по стоти пат понижувајќи и омаложувајќи го. Шанел оди во затворот да го посети син ѝ Рафаеле, познат како Лелучо, заедно со нејзината млада снаа која секојдневно ја прекорува. Дон Пјетро продолжува со провокациите против Шанел, овојпат организира грабеж во коцкарницата каде што таа често игра покер. Во меѓувреме наоѓа тајно засолниште и успева да се информира за настаните од Патриција, внука на Маламор, која е неговите очи и уши надвор. Шанел го открива сторителот на кражбата во коцкарницата и наредува да го запалат жив, меѓутоа навреме пристигаат Чиро и ‘О Принчипе да го спасат по цена да им каже кој му го наредил тоа. Младиот успева само да проговори: „Пјетро Савастано ... се врати“ , пред да го убијат. Стравувајќи од можните последици, Сојузот предводен од Чиро,‘О Муларо и О’Принчипе одлучува да преговара за договор со Савастано. Патриција, амбасадорот на дон Пјетро го известува дека Сојузот сака да преговара само со Џенаро, негирајќи го присуството на поранешниот шеф.