Света Петка — главна селска црква во битолското село Орехово, Македонија.

Местоположба

Црквата се наоѓа во средишниот дел на селото, а селските гробишта се наоѓаат околу црквата.

Историја

Црквата е изградена во 1861 година, како што може да се прочита на ктиторскиот натпис.

Храмот е обновен по Првата светска војна со средства на ореовци иселени во странство. Во 1926 година била изградена камбанаријата северозападно од црквата. Храмот повторно е обновен во 2000 година со донации од страна на иселеници.

Архитектура

Храмот претставува трикорабна градба со седумстрана апсида на исток и приграден трем од север. Влезот во наосот е од северната страна, а од истата страна има и влез во припратата. Од јужната страна има врата низ која верниците оделе на гробиштата. Внатрешноста на црквата е поделена на три кораба со два реда од по пет столба.

Состојбата на градбата е задоволителна, иако видливи се оштетувања на малтерисаните и живописаните површини, како и присуство на влага во долните зони од внатрешна страна на ѕидовите.

Фрескоживопис

Целата внатрешност на наосот е насликана со добар живопис. Над северниот влез од внатрешната страна има долг зографски натпис на кој се споменува Константин Зограф од населичкото село Селица и годината 1861. Овие негови фрески се меѓу најдобрите во Битолско и пошироката околина од средината на XIX век. Богатата програма е исполнета врз ѕидовите со големо внимание и врз основа на добри богословски познавања. Во првото подрачје се одделни светци претставени во полн раст или допојасно. Во погорните подрачја се сцените од Стариот и Новиот завет, животот, чудата и страданијата на Исус Христос и фрески вдахновени од Богородичниот Акатист.

Живописот се наоѓа во исклучително лоша состојба и се забележани големи продлабочувања на малтерот со сликаниот слој во сите делови, посебно во олтарниот простор на одредена висина од околу 190 до 200 центиметри од подот. Потребна е итна санација.

Икони и иконостас

Во храмот, освен иконите од средината на XIX век, има и мала но вредна збирка икони од втората четвртина на XVII век. Исклучително вредни се и царските двери. На нивното северно крило има црковнословенски натпис кој точно ги датира во 1642 година. Ова крило подоцна е пренесено во црквата „Св. Димитриј“ во Битола. Во 2011 година, во западниот дел на иконостасот Ристо Палигора го открил и јужното крило. Ова јужно крило се чува во црквата. Натписот гласи:

Иконите од XVII век и царските двери веројатно се дело на мајстори од Линотопската школа.

Галерија

Поврзано Битолско архијерејско намесништво Буковска парохија Орехово

Наводи

Надворешни врски

Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија

Орехово Категорија:Дела на Линотопската школа