мини|Буквата пси, симбол на психологија Психологија () — збир на академски, клинички и производствени дисциплини, коишто се занимаваат со објаснување и предвидување на човечките и животинските дејства, расположенија, мисли, чувства, мотивации, односи, можности и патологии. Животинската психологија вообичаено се изучува како одделна тема (види животинско спознание), но и како начин за добивање одредени сознанија врзани за човечката психологија низ споредба (види компаративна психологија).
Развој на психологијата како наука
Гарднер Марфи во книгата за историјата на психологијата изнесува свое гледиште за нејзиниот развој и вели дека таа почнува од времето кога човекот се заинтересирал за сопствените психолошки процеси. Според она што денес го знаеме за мислењето, можеме да заклучиме дека човекот почнал да се интересира за својот психички живот од времето кога кај него се појавило апстрактното мислење, а тоа време може да се поистовети со почетокот на развојот на човештвото. Така гледано психологијата има долга историја и би рекле долг развој. Сепак до пред крајот на XIX век, таа се развивала во рамките на филозофијата како и другите науки, а од 1879 година се развива како самостојна наука.
Според Фридрих Енгелс, соништата го поттикнале човекот да поверува дека мислењето и чувствата не се производ на неговото тело, туку на неговата душа. Така дуализмот тело - душа, стана интересен проблем за шпекулација во филозофијата. Покрај со дуализмот, античките филозофи се занимавале и со многу други проблеми. Од тоа време останаа некои размислувања за човековите способности и неговата природа. Конкретно изреката на Платон "Секој човек на вистинското место" и денес е мотив на професионалната ориентација, бидејќи подразбира дека сите имаме различни способности и можеме да работиме одредени работи.
Од Сократ ни остана пораката "Спознај се себеси" што стана предмет на изучување на психологијата на личноста.
Аристотел пишува за асоцијациите според сличност, контраст, простор и време кои ги спојуваат идеите. Така една идеја предизвикува во сеќавањето друга идеја. Психолозите кои ги прифатиле идеите на Аристотел, асоцијаинистите дури се обиделе со помош на асоцијативните врски да го објаснат мисловниот процес кај човекот, што сепак беше погрешно.
Античкиот лекар и филозоф Хипократ размислувајќи за однесувањето на луѓето заклучил дека постојат четири типа темпераменти. Од античкото време до денес постојат доста филозофско - шпекулативни гледања на психичкиот живот. Сободно можеме да кажеме дека и денес на психологијата имаат свое влијание разни филозофско - религиозни насоки од Исток, како на пример зен - будизмот. Всушност, филозофијата и денес, на свој начин се занимава со психологија.
Човекот постојано се интересира за светот што го опкружува. Сака да ги разбере другите луѓе и нивното однесување, да ги запознае предметите и појавите, да ги предвиди процесите, а пред сè се обидува да одговори на голем број прашања во врска со својата личност и сопствената активност. Тој постојано забележува што се случува околу него, ги соопштува своите мисли, ги изразува своите желби. Секојдневно вели "мислам", "чувствувам", "сакам"... Тоа покажува дека човекот поседува психички живот.
Германскиот филозоф Фридрих Ниче вели: „Пред мене воопшто немаше никаква психологија.“Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 159.
Што проучува психологијата
Откако постои, човекот имал потреба да го запознае светот околу себе. Како последица на таа потреба, човекот дошол до корисни знаења за објективната стварност во која живее. Тие знаења се систематизирани во рамките на природните науки: физика, хемија, биологија и други, кои ја изучуваат природната стварност околу него. Другите знаења се систематизирани во рамките на општествените науки: историја, социологија и други, кои ја изучуваат општествената стварност во која живее. Меѓутоа човекот ги забележал и своите реакции и доживувања во врска со објективната стварност. Тој обрнал внимание на психичката стварност или на својот психички живот. Знаењата до кои дошле научниците во оваа научна област се систематизирани во психологијата. Психологијата е наука што се занимава со проучување на психичкиот, т.е. душевниот живот на човекот. Нејзиното име доаѓа од грчките зборови ψυχή [психи] што значи "душа" и λόγος [логос] што значи "наука" (изучување). Душевниот живот на човекот уште се нарекува "внатрешен живот" и се манифестира преку голем број психички појави.
Предметот на психологијата е изучување на психичките појави и откривање на закономерностите на нивното јавување и развивање.
Психички живот
Психичкиот живот на човекот е мошне богат, сложен и динамичен. Тој се состои од повеќе психички појави како што се: психички процеси, психички особини и психички состојби.
Психичките процеси се мошне сложени и се разликуваат следните групи: интелектуали процеси (когнитивни процеси) - со чија помош човекот го осознава светот (перцепции, учење, помнење, мислење, говор); емоционални процеси - кои се однесуваат на начинот на реагирање и во чија основа лежат чувствата (емоции и чувства); мотивациони процеси (конативни процеси) - кои се однесуваат на поттикнувачите на активност и на човековата волја и свесна желба да стори нешто (волја, желба, мотиви).
Психички особини се: навики, ставови, способности, темперамент, карактер, интереси. Тие се развиваат кај човекот под влијание на наследните или стекнатите фактори и претставуваат релативно трајни одлики на човекот.
Психички состојби се: внимание, расеаност, замор, загреаност и други и тие се такви психички појави што го определуваат одвивањето на психичките процеси, нивниот интензитет и брзина. (На пример, добро е познато дека во состојба на замор ученикот учи послабо).
Овие три групи психички појави овде се само теоретски одвоени, заради полесно изучување. Во животот на човекот тие се наоѓаат во постојано заемно единство и претставуваат организирана целина која се нарекува личност. Личноста е постојано активна и се одликува со специфично однесување.
Иако психичките појави се јавуваат кај сите луѓе, постојат големи поединечни разлики меѓу нив. Сите луѓе перципираат, учат, мислат, се заморуваат, поседуваат темперамент, карактер итн., меѓутоа, насоките, интензитетот и особеностите на овие појави кај нив се разликуваат. Токму поради тоа, уште се вели дека психологијата ги проучува психичките појави, личноста на човекот и неговото однесување.
За да можеме да го изучуваме психичкиот живот, потребно е да се дојде до него. Тоа се постигнува по пат на изучување на постапките и реакциите на поединецот, кои се согледливи во нејзиното однесување. Но, исто така, до психичкиот живот на поединецот може да се дојде и со помош на нејзиниот исказ за непосредното искуство. Во двата случаи се користат научни методи и техники. По овие информации можеме да одговориме на прашањето: Што проучува психологијата? Психологијата го проучува психичкиот живот на луѓето и животните врз основа на проучувањето на објективното однесување и непосредното искуство, по пат на научни методи и техники.
Проблеми при определувањето на предметот на психологијата
Се чини не е претерано сфаќањето дека и по 120 години егзистирање како самостојна наука психологијата на единствен начин не го определила својот предмет. На тоа укажуваат и најголемите умови на современата психологија во светот. Едни од нив само констатираат (Х. Еѕсенцк), други ги објаснуваат причините (П. Ј. Галперин; Х. Просански; Р. Заззо) додека трети одбираат патишта за надминување на оваа состојба во психологија (К. Мадсен).
Причините за ваквата состојба се повеќекратни, но се чини најзначајни се следните: Историјата на психологијата е историја на борба помеѓу различни учења и школи, како резултат на што припадниците на различни (и на исти) школи давале приоритет на едни прашања од областа на психологијата, а ги поставувале или негирале другите. Тоа имало одраз врз потполното развивање на психологијата, а одтаму и врз определување на нејзиниот предмет. Брзото развивање на подрачјата на психологијата во последните десеттина години и стремежот на научниците од тие подрачја да преземат проблеми од општата психологија без да ја обогатат со нови знаења стекнати од истражувања во посебни области. Во врска со тоа францускиот психолог Р. Зазо, истакнува дека за психологијата е карактеристичен достатокот на единство заради нејзиниот полиморфизам. Со други зборови, може да се каже дека нема единствена психолошка наука (според Печјак; 1982). Положбата на психологијата во тријадата на науки, филозофски, природни и општествени со кои е во тесна врска и од кои како што истакнува Жан Пјаже зависи нејзината иднина, а со тоа и прецизното одредување на нејзиниот предмет на проучување (Пијагет, Ј. 1969, стр. 152).
Социјалната страна на психичкото, нашла одраз во стремежот на научниците да го разгледуваат предметот на психологијата во зависност од општествените услови да го проучуваат нивното заемно влијание со биолошките или поединечното влијание на психичкиот живот. Овие потешкотии при определувањето на предметот на психологијата не се потполно надминати што се гледа и од појавата на голем број дефиниции на истиот. Ќе исдвоиме неколку од позначајните со што ќе укажеме на развојноста на ова прашање. Кога психологијата се издвоила во самостојна научна дисциплина таа била наука за појавите и процесите на свеста. Нејзини основни методи биле интроспекцијата и експериментот. Во согласност со тоа сфаќање се и дефинициите на психологијата како наука за појавите и процесите на свеста, или наука за менталниот живот како за неговите појави, така и за неговото јавување. (Њ. Јамес, 1890). Психологијата се разликува од физичките или природните науки по тоа што се занимава со појавите на внатрешниот свет при што го употребува својот метод - интроспекцијата (Џејмс и Сали, 1884 година).
За Вунт (1892) психологијата треба да го истражува внатрешното искуство - односно своите осети, чувства, своите мисли и желби - за разлика од предметите од надворешниот свет кои претставуваат предмет на проучување на природните науки.
За Тиченер психологијата е наука за менталните процеси. нејзината основна задача е да го анализира менталното искуство (чија основа ја сочинуваат сензациите, сликите и чувствата) да ги утврди законите на нивното комбинирање и да ги одреди физиолошките функции на менталното искуство. Според бихевиористичките сфаќања, формирани во втората деценија од овој век, кои жестоко ја критикуваат интроспективната психологија, особено нејзиниот метод, психологијата е исклучиво наука за однесувањето. Однесувањето се изучува врз основа на надворешното, објективното набљудување. Бихевиористите користеле само објективен метод - методот на набљудување, пред сè надворешното однесување под експериментални услови.
Додека Тиченеровата психологија останувала во рамките на неактивната и нефункционална свест, Водсоновата психологија требала да биде наука за однесувањето без свеста. Водсон психологијата ја одредува како гранка на природните науки која го проучва однесувањето на човекот.
Предмет на психологијата може да биде исклучиво однесувањето на организмот, бидејќи само тоа може објективно да се набљудува.