Радомирово евангелие — кирилско полно изборно евангелие од втората половина на XIII век. Наречено е според записот на главниот писец Радомир, покрај кој во пишувањето учествувале уште три лица. Се состои од 182 листа. Според јазично-правописните особености се поврзува со Северна Македонија односно со Кратовската книжевна школа. Препишано е од постара кирилска предлошка која не била иста за целиот ракопис, некои делови сведочат за контакт со руската писменост. Македонското потекло на предлошката најјасно е одразено во делот што ги содржи читањата по Педесетницата (л. 24-80), каде на пр. се откриваат траги од започнатиот процес на мешањето на носовките, кои во текстот се употребуваат главно етимолошки и најчесто се деназализираат во согласност со северномакедонскaта дијалектна подлога (у, е). Одделни појави сведочати и за контакт со српската писменост. Сложената повеќеслојна структура на текстот со елементи од различна територијална и хронолошка припадност доажа до израз и во лексиката. Покрај добро потврдениот архаичен слој што се надоврзува на охридските традиции, присутни се и бројни подновувања карактеристични за рускиот полн апракос и поврзани со преславските лексички норми. Ракописот е калиграфски оформен и има извонредно богата орнаментика: 314 иницијали кои често претставуваат оригинални комбинации од тератолошки и антропоморфни (човеколики) облици. Се чува во Хрватската академија на науките (ХАЗУ) во Загреб под сигнатура IIIb24

Наводи

Категорија:Средновековна македонска книжевност