Олга Валентиновна Корбут (родена на 16 мај 1955 г. родена во Хродна), исто така позната по прекарот "врапчето од Минск", — поранешна советска и белоруска гимнастичарка која освоила четири златни и два сребрени медали на Летните олимписки игри во 1972 и 1976 за советската екипа.
Ран живот Корбут започнала да се занимава со гимнастика на 8-годишна возраст, а од својата деветта година започнала да посетува спортско училиште раководено од тренерот Реналд Книша. Таму, прв тренер на Корбут била Елена Волчетскаја, освојувач на златен олимписки медал од игрите во 1964, но таа била префрлена во групата на Книша една година подоцна. Првично тој ја сметал за "мрзлива и каприциозна" но тој исто така видел потенцијал во нејзиниот голем талент, необична еластичност и харизма. Со него, таа го научила тешкото салто наназад на греда. Таа за првпат го извела тој елемент на натпреварување на СССР во 1969 година. Истата година, Корбут го извела елементот салто наназад од разбојот и повторно фаќање на него (подоцна било наречено Корбут салто); ова било првпат една жена да изведе салто наназад на разбој.
Таа завршила на 5. место на државното првенство на СССР во 1969 година, на кое и било дозволено да се натпреварува со 15 години. Следната година, таа го освоила златниот медал во дисциплината прескок. Поради болест и повреди, таа немала можност да се натпреварува на многу натпреварувања пред Летните олимписки игри 1972.
Олимписки игри На Летните олимписки игри 1972 во Минхен, акробациите на Корбут и нејзиното високо ниво на гимнастика и донеле многу слава. До денес, салтото наназад и Корбут салтото се сè уште многу популарни (светската шампионка од 2003 година на греда Фан Је ги извела двата елементи во својата вежба). Оваа извонредност во техничките вештини го соборила традиционалниот нагласок на уметноста.
За време на игрите, Корбут била еден од фаворитите за победа во повеќебојот по нејзиниот динамичен настап во екипното натпреварување; сепак, таа трипати не успеала да се фати за разбојот и титулата припаднала во рацете на нејзината колешка Људмила Туришчева. И покрај тоа, Корбут ги освоила златните медали во дисциплините греда и партер како и екипниот повеќебој. Во една од најконтроверзните завршници на сите времиња, таа го освоила сребрениот медал на двовисински разбој. Во првиот обид на двовисинскиот разбој, нејзината вежба била нарушена од неколку грешки кои ја отпишале од борбата за златниот медал во повеќебојот. Следниот ден, Корбут ја повторила истата вежба во финалето на дисциплината, но овој пат успешно. Откако на семафорот била означена оценката 9.8, публиката започнала да се потсмева, свири, тупка со нозете и да извикува вулгарни забелешки кон судиите во неодобрување, верувајќи дека нејзината оценка треба да биде многу пониска. Ова траело неколку минути; но сепак судиите не ја промениле оцената.
Корбут е најпозната по нејзините вежби на двовисинскиот разбој и на греда, како и по нејзините харизматични изведби кои ја воодушевувале публиката. Нејзиното олимписко достигнување и ја донело наградата на ABC за спортист на годината. Во 1973 година, таа победила на руските и универзитетските игри, и освоила сребрен медал во повеќебој на Европското првенство.
Советските тренери и власти ја сметале Корбут како жена која може да го победи романското чудо, Надја Команечи на Летните олимписки игри 1976 во Монтреал, но Корбут била повредена и нејзиниот настап на игрите бил подпросечен. Таа била во сенка не само од страна на Команечи, туку и од својата колешка Нели Ким. Таа сепак го освоила златниот медал заедно со советската екипа во екипниот повеќебој, и сребрениот медал на греда.
Живот по пензионирањето
Корбут дипломирала на Педагошкиот институт во Гродно во 1977 година, станала учителка, и се повлекла од гимнастичките натпреварувања потоа. Таа се венчала со Леонид Борткевич, кој бил член на белорускиот музички бенд Песнјари. Двојката го добила синот Ричард во 1979 година. Во 1988 година, Корбут била првата гимнастичарка која била примена во Меѓународната гимнастичка куќа на славни.
Во 1991 година, загрижена за ефектите и последиците од Чернобилската несреќа во Белорусија, таа заедно со своето семејство емигрирала во САД. Тие се сместиле во Њу Џерси каде таа предавала гимнастика. Тие се преселиле во Џорџија две години подоцна. Корбут и Борткевич се развеле во 2000 година; таа станала натурализиран граѓанин на САД истата година. Во 2002 година, Корбут се преселила во Скотсдејл, Аризона каде станала главен тренер во гимнастичкото училиште во градот. Таа сега држи приватни гимнастички часови и одржува мотивациски говори.
Корбут отпатувала во Лондон за Летните олимписки игри 2012. Таа ги следела гимнастичките натпревари во O2 арената, пишувајќи свои коментари на Twitter и Facebook. За време на Олимписките игри, Кралската куќа на операта била домаќин на изложба која ја спровела со Олимпискиот музеј во Лозана, Швајцарија насловена Олимпиското патување, приказната за игрите. Покрај историските артефакти, на изложбата биле поставени лични приказни на шеснаесет олимписки освојувачи на медали, вклучувајќи ја и Корбут. Таа ја прославила 40-годишнината од нејзините олимписки победи на изложбата на 3 август. Таа изјавила „Ова не го ни очекував. Многу сум почестена што сум тука.“
Наследство Корбут е освојувачка на четири олимписки златни медали, но тоа не е причината поради која таа е запаметена. Медиумскиот виор кој го опкружил нејзиното олимписко деби на игрите во 1972 предизвикал бран на млади девојки да се приклучат на локалните гимнастички клубови, и спортот кој ретко бил забележан претходно, сега ги обележувал насловните страници. По игрите во Минхен, таа се запознала со претседателот на САД, Ричард Никсон во Белата куќа. За оваа средба, Корбут изјавила: „Тој ми кажа дека мојот настап во Минхен ја намалил политичката тензија за време на Студената војна помеѓу нашите две земји повеќе отколку што тоа можат да го сторат амбасадите во пет години.“
Во прилог на големото промовирање на гимнастиката насекаде ширум светот, таа исто така придонела кон забележителна промена во смислата на спортот. Пред 1972 година, натпреварувачките биле главно постари и фокусот бил ставен на елеганцијата наместо на акробациите. Во декадата по олимпиското деби на Корбут, акцентот во спортот бил обратен. Корбут, која на игрите во 1972 во Минхен била висока само 1.50 метри и тежела 37 кг, била типичен пример на намерниот и тендециозен тренд кон помалите жени во спортот.
Наводи
Библиографија
Надворешни врски Официјално мрежно место Олга Корбут на мрежното место на Меѓународниот олимписки комитет Олга Корбут на Меѓународната гимнастичка федерација Where Are They Now?: Olga Korbut Info & Photos Профил на sports-reference
Категорија:Родени во 1955 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Советски гимнастичари Категорија:Белоруски гимнастичари Категорија:Освојувачи на златни олимписки медали за СССР Категорија:Олимписки сребрени медалисти за СССР Категорија:Носители на Орденот на пријателството меѓу народите Категорија:Носители на орденот „Знак на Честа“