Мали и средни претпријатија (МСП) (англиски: Small and Medium Enterprises, SMEs) се претпријатија кои задоволуваат одредени критериуми во поглед на бројот на вработените, големината на имотот или остварениот годишен промет.

Европска Унија Во ЕУ постојат три параметри што ги дефинираат МСП: Микро претпријатија се компании со број на вработени до 10 лица Мали претпријатија што вработуваат до 50 луѓе Средни претпријатија што имаат до 250 вработени

Европската дефиниција на МСП е следнава: „категоријата на микро, мали и средни претпријатија (МСП) е создадена од претпријатија што вработуваат помалку од 250 лица и што немаат годишен промет што не надминува 50 милиони евра, и/или годишен биланс на состојба што не надминува 43 милиони евра“.

Во нефинансискиот сектор на земјите на ЕУ (ЕУ–27), малите и средните претпријатија учествуваат дури со 99,8% во вкупниот број претпријатија, а микро фирмите со 91,8%. Но, малите и средните претпријатија имаат големо учество и во вработеноста во рамките на бизнис-секторот – во нефинансискиот сектор на ЕУ–27, и создаваат 67% од вкупната вработеност, како и во создавањето на додадената вредност – речиси 58%.Eurostat, Statistics in focus, 31/2008.

Малите и средни претпријатија во Македонија Во 2004 година, со измените во Законот за трговски друштва, Македонија ја прифатила методологијата на Комисијата на ЕУ за класификација на претпријатијата според големината. Според оваа методологија, врз основа на три критериуми (број на вработени, големина на обртот и вкупна вредност на деловната актива), претпријатијата, се класифицираат на микро, мали, средни и големи. Притоа, првиот критериум од методологијата (број на вработени) се применува и во Македонија (микро до 10 вработени, мали до 50 вработени, средни до 250 вработени и големи над 250 вработени), додека останатите два критериума се соодветно намалени во случајот на Македонија (на пример, во Македонија, мали претпријатија се оние со годишен обрт до 2 милиони евра, за разлика од ЕУ, каде тој износ е 10 милиони евра).

Во Македонија, бројот на мали и средни претпријатија особено се зголемил во периодот од 1990 до крајот на 1993 година, потоа се намалил, а повторно се засилил по 1996 година. Во 2001 година, како последица на војната, речиси и не се формирале нови мали и средни претпријатија, но нивната динамика повторно се засилила во 2002 година. На крајот од 2004 година во Македонија имало регистрирано 172 297 мали и средни претпријатија. Меѓутоа, повеќето од нив биле неактивни претпријатија, т.е. не остварувале приход, не вработувале работници и не вршеле плаќања), а активни биле само 49 123 мали и средни претпријатија.АППРМ, Опсерваторија за МСП во Република Македонија, Извештај за 2004, Скопје, октомври 2005. На почетокот на 2012 година, во Македонија постоеле 73 118 активни претпријатија, од кои дури 72 933 (или 99, 7%) биле мали и средни претпријатија. Притоа, тие имале доминантно учество и во формирањето на БДП (преку 55%, во додадената вредност), и во вкупната вработеност во бизнис секторот (преку 75%).ДЗС на Република Македонија, Соопштение бр. 6.1.12.13. од 24.2.2012.

Погледнато од секторски аспект, во раните 1990-ти, најголемиот број од малите и средните претпријатија биле во секторот на трговијата (во 1993 година, дури 67%). Подоцна, се случило постепено пренасочување на малите и средните претпријатија од трговијата кон производството – преработувачка индустрија, градежништво и услуги надвор од трговијата. Оттука, во 2004 година, во секторот на трговијата стопанисувале 54% од малите и средните претпријатија. Набљудувано од регионален аспект, најголем број мали и средни претпријатија биле концентрирани во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Охрид, Струмица и Тетово.

Институции за поддршка на малите и средните претпријатија во Македонија Паралелно со порастот на бројот на малите и средните претпријатија во Македонија, постепено се формирале посебни институции за нивна поддршка.

НЕПА (National Enterprice Promotion Agency) Во 1997 година, Владата на Република Македонија, со поддршка на програмата PHARE на Европската комисија, ја формирала Националната агенција за поддршка на малите и средните претпријатија – НЕПА. Основните цели на НЕПА биле: да го поддржи развојот на малите и средните претпријатија, посебно на производствени, иновативни и извозни претпријатија, да придонесе за обука на постојните и на потенцијалните претприемачи, да воспостави систем на консултативни услуги за малите и средните претпријатија, да ги координира претприемничките идеи во Македонија, и да придонесува за осмислување на политики на поддршка на малите и средните претпријатија и на претприемништвото во Македонија.

Во почетокот, НЕПА функционирала во рамките на Агенцијата за приватизација, а во 1998 година добила статус на самостојно правно лице. Финансиската поддршка на нејзината активност главно доаѓала од програмата PHARE, додека средствата од буџетот на Македонија биле скромни.НЕПА, Поддршка за развојот на секторот на мали и средни претпријатија, Скопје, 1998. Во 2002 година престанала финансиската поддршка за НЕПА од страна на програмата PHARE, а НЕПА се укинала, т.е. прераснала во Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Македонија (АПП), со функции слични на НЕПА.

Бизнис-инкубатори Идејата за формирање бизнис-инкубатори во Македонија се појавила во 1993-1994 година, во рамките на Проектот за социјални реформи и техничка помош, финансиран преку кредит од Светската банка.Таки Фити, Верица Хаџи Василева – Марковска и Милфорд Бејтмен, Претприемништво, Економски факултет – Скопје, 2007, стр. 235–243. Првите бизнис-инкубатори се воспоставиле во 1997 година во Прилеп, Крушево, Штип, Македонска Каменица и Делчево. Подоцна бил подготвен посебен Прирачник за формирање на инкубатори во Македонија. Во меѓувреме се формирале и нови бизнис-инкубатори, а некои од нив продолжиле да работат со успех како, на пример, Yes – инкубаторот во Скопје, Центарот за развој на нови бизниси при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и други.

Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) Македонската банка за поддршка на развојот била основана на 21 мај 1998 година, врз основа на посебен закон, како државна банка за поддршка на малите и средните претпријатија и претприемништвото во Македонија.

Други институции Во 2002 година, Владата на Република Македонија донела Програма на мерки и активности за поддршка на претприемништвото и создавање на конкурентност на малите и средните претпријатија. Оваа програма на била насочена кон: натамошен развој на институциите за поддршка на малите и средните претпријатија; осмислување нефинансиски и финансиски форми за помош на малите и средните претпријатија; подобрување на економскиот амбиент во Македонија итн.Министерство за економија, Програма на мерки и активности за поддршка на претприемништвото и создавање на конкурентност на МСП, Скопје, декември 2002. Истата година, престанала финансиската поддршка за НЕПА од страна на програмата PHARE, а НЕПА се укинала, т.е. прераснала во Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Македонија (АПП), со функции слични на НЕПА. Со текот на времето, се формирале нови институции за поддршка на малите и средните претпријатија, финансирани со билатерална помош. Така, Швајцарската агенција за развој помогнала во формирањето на Агенција за поддршка на претприемништвото во Пелагонискиот Регион (ПРЕДА – Прилеп); во голем број општини се воспоставиле локални канцеларии за развој (ЛЕР); а со странска помош се формирале и Македонскиот деловен центар (со помош од Северна Рајна-Вестфалија), Штедилницата „Можности“ (со помош на Американската агенција за развој – USAID) итн.

Извори на финансирање на малите и средните претпријатија

Една од најчесто употребуваните поделби на изворите на финансирање на малите и средните претпријатија е поделбата на формални и на неформални извори. Формалните извори ги опфаќаат официјалните финансиски институции – комерцијалните банки, државните банки, меѓународните банки, берзите и официјалните ризични фондови. Неформалните извори за финансирање ги опфаќаат сопствените заштеди на претприемачите и нивните заеми од членовите на семејството и од пријателите, или т.н. 3F пари (founders, family and friends). Во оваа група, често се наведуваат и бизнис-ангелите, кои, пошироко гледано, припаѓаат на фамилијата на ризичен капитал.

Значењето на неформалните извори за финансирање на малите и средните претпријатија, посебно во раните фази на развојот, е многу голема. Така, од вкупната потребна сума за финансирање на малите и средните претпријатија во САД во средината на 1980-тите (речиси 28 милијарди долари), дури 22 милијарди долари (80%) доаѓале од неформалните извори (3 F – парите и бизнис-ангелите).David Birch, Job Creation in America – How our Smallest Companies Put the Most People to Work, New York, 1987, p. 79. Според едно истражување извршено во САД во 2003 година, на примерок од 500 најбрзо растечки компании кои не котираат на берзата, се дошло до следниов резултат: околу 70% од финансирањето на почетокот на бизнисот (start-up financing) биле обезбедени од заштедите на основачите, 20% произлегле од роднини и пријатели, додека само околу 8% биле банкарски кредити.Владимир Филиповски, „Финансирање на малите бизниси“, во: Како до сопствен бизнис, (Р. Поленаковиќ – уредник), Центар за развој на нови бизниси, Скопје, 2007, стр. 205.

Сопственичкиот капитал е многу квалитетен извор за финансирање на малите и средните претпријатија. Во економската литература се наведуваат следниве извори на сопственички капитал:Роберт Барон и Скот Шен, Претприемништво – процес и перспектива (превод), Генекс, Кочани, 2011, стр. 146–156.Владимир Филиповски, „Финансирање на малите бизниси“, во: Како до сопствен бизнис, (Р. Поленаковиќ – уредник), Центар за развој на нови бизниси, Скопје, 2007, стр. 205–207. Лични заштеди на претприемачот (основачот) – овде влегуваат релативно мали суми во форма на банкарски депозити, средства на тековни сметки, на кредитни картички и сл. Во категоријата на лични заштеди на претприемачот влегува и имот во хартии од вредност (акции, државни или компаниски обврзници и сл.), потоа недвижен имот (на пример, земјиште, куќи, деловни згради и сл.). Средства на роднините и пријателите – овој потенцијален извор на финансирање добива форма на сопственички капитал, само доколку се вложени пари во замена на акции. Средства на деловните партнери – фирмата во поединечно-приватна сопственост може да прерасне во партнерство доколку некој од партнерите на сопственикот на фирмата вложи пари во фирмата во замена за акции. Во овој случај, на лицето или лицата кои вложиле свои пари во фирмата им се определува учество во капиталот, а фирмата добива форма на бизнис-организација којашто се вика партнерство. Партнерството овозможува фирмата да дојде до дополнителен капитал за финансирање на развојот во раните и во критични фази од нејзиниот развој (кога, на пример, нема пристап до банкарски кредити, или кога не може да привлече ризичен капитал и сл.).Paul Samuelson and William Nordhaus, Economics, Eighteenth Edition, McGraw-Hill International Edition, 2005, стр. 105. Ризичен капитал – овде се работи за средствата што фирмите ги добиваат од неформалниот ризичен капитал (т.н. бизнис-ангели) и од формалниот ризичен капитал (т.н. официјални ризични фондови). Во двата случаја се работи за вложување пари во замена за акции, но и за вложување во време и експертиза.Colin Mason, Informal Sources of Venture Finance, Hunter Centre for Entrepreneurship, University of Strathclyde, Glasgow, 2005, p. 4.