Бајка или сказна — вид кратка приказна што обично содржи фолклорни измислени карактери, како што се самовили, гоблини, тролови, џуџиња, џинови, сирени или гномови, и најчесто магии. Приказните може да се разликуваат според фолклорното раскажување, како што се легендите (кои генерално вклучуваат верба во опишаните настани) и експлицитни морални приказни, вклучувајќи басни за ѕверови. Во помалку технички контекст, терминот се користи и за опишување на нешто обвиено во невообичаена среќа и радост, како „крај на некоја бајка“ (среќен крај) или „романтична бајка“ (макар што сите бајки не завршуваат среќно). Во културите каде демоните и вештерките се сметаат за реални, бајките може да преминат во легенди, каде раскажувањето и од раскажувачот и од слушателите се поприма како заснована историска вистина. Сепак, за разлика од легендите и еповите, тие обично многу површно упатуваат на религијата и на вистинските места, луѓе и настани; се случуваат во „си било некое време...” а не во некакво реално време.Catherine Orenstein, Little Red Riding Hood Undressed, p. 9. ISBN 0-465-04125-6

Терминологија Некои фолклористи претпочитаат за бајката да го користат германскиот збор Märchen или „чудесна приказна“ - практика која има добиено на значење преку Томсон и неговата Народна приказна издадена во 1977 (1948): Бајка е приказна на одредена должина која вклучува серија од мотиви или епизоди. Се движи во нереален свет, на замислена локација и со замислени суштества, исполнета со чуда. Во таа недојдија, скромните јунаци ги убиваат непријателите, наследуваат царства и се женат за принцези.Stith Thompson, The Folktale, 1977 (Thompson: 8). Карактерите и мотивите на бајките се едноставни и архетипни: принцези и измеќарки; најмлади синови и галантни принцови; човекојадци, џинови, змејови и тролови; злобни маќеи и лажни херои; самовили, куми и други волшебни помагачи, честопати коњи што зборуваат, лисици или птици; стаклени планини; забрани и кршење на забраните.A. S. Byatt, „Introduction“ p. xviii, Maria Tatar, ed. The Annotated Brothers Grimm, ISBN 0-393-05848-4.

Определба

Иако бајката е точен жанр во склопот на поголема категорија фолклорни приказни, дефиницијата која го означува делото како бајка е извор на значителни дилеми. Една работа со која сите се согласуваат е дека бајките не мора да содржат самовили. Обичниот стил ги исполнува бајките со басни за ѕверки и други приказни, а схоластичарите се разидуваат до степен во кој присуството на самовилите и/или слични митолошки суштества треба да биде земено како разликата. Владимир Проп ја критикува разликата меѓу „бајките“ и „приказните за животни“ во неговата книга Морфологија на бајките на основа на тоа дека голем број приказни содржат и фантастични елементи и животни. Сепак, при изборот дела за неговата анализа, Проп искористил руски бајки класифицирани според фолклорни познавања Аарне-Томпсон 300-749 – во каталошкиот систем – за да се добие појасна слика за приказните. Неговата анализа ги идентификува бајките според нивните елементи во фабулата, но самото тоа е подложно на критики, бидејќи анализата не дозволува приказни во кои нема мисија, а освен тоа, истите елементи се пронаоѓаат и во дела кои не се бајки.

Како што посочува Стит Томпсон, се чини во бајките се повообичаени животните што зборуваат и присуството на магиите отколку самовилите. Сепак, самото присуство на животни што зборуваат не ја прави приказната бајка, особено кога е јасно дека животното е маска врз човеково лице, како во басните. Џ. Р. Р. Толкин во неговиот есеј „За бајките“ се согласува да се исклучат самовилите од дефиницијата за бајките, дефинирајќи ги истите како приказни за авантури во земјата на самовилите, на луѓе, принцови и принцези, џуџиња, самовили и не само други магични видови, туку и многу чуда.J. R. R. Tolkien, "On Fairy-Stories" , The Tolkien Reader, p. 15. Стивен Свон Џонс присуството на магијата го квалификува како одлика според која бајките може да се разликуваат од другите видови народни приказни. Давидсон и Чаудри ја идентификуваат трансформацијата како клучна одлика на жанрот.The Fairy Tale: The Magic Mirror of the Imagination. Routledge, 2002, p. 8. Од психолошка гледна точка, Жан Ширијак спори дека условот е фантастичноста во овие раскажувања. Во контекст на естетските вредности, Итало Калвино вели дека бајката е главен пример за „брзината“ во литературата, поради економичноста и концизноста на приказните.

Главните ликови во бајките се одликуваат со најразновидни телесни и умствени способности, а покрај човек, како главни ликови во нив се појавуваат и митолошките суштества: змејови, ламји, вештерки, зли духови, волшебници, самовили и ѓаволи. Покрај нив, во бајките се застапени и небесните тела: Сонцето, месечината и ѕвездите, како и природните појави — молњата, ветрот, облаците итн. Особено интересни се предметите со волшебна моќ, како што се: летечките ќилими, невидливата облека, видовитото огледало, чудотворниот прстен и чешел итн. Исто така, во сказните се застапени и животните кои најчесто се во добри односи со главниот лик кој им направил некаква добрина, а тие подоцна му враќаат така што му помагаат во неговите најчудесни желби. Главниот и постојан мотив во бајките е борбата меѓу доброто и злото при што во нив секогаш победуваат доброто и правдата поради што тие имаат и педагошка улога.Томе Саздов, „Народни сказни“, во: Волшебни сказни на балканските народи. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 91-92.

Историја

Потеклото на бајките Од одделните виови народни приказни, басните и фантастичните приказни (бајките) се најстари и се смета дека тие потекнуваат од периодот на дивјаштвото. Фантастичната приказна се развила од митот со кој долго време се поклопувала, како според формата, така и според содржината. Таа се јавила на повисокото ниво од развојот на човештвото (најверојатно, кон крајот на дивјаштвото), кога митовите значително се размножиле. Во тоа време, бајката почнала да се разликува според формата од митот при што бајката добила прозна форма, а освен тоа, таа била пренесувана поединечно. Во периодот на варварството и цивилизацијата, бајките се развиле како богата гранка на усната книжевност. Приказните во кои нема чуда се развиле многу подоцна од басните и бајките, иако одредени нејзини видови се појавиле во времето на првите почетоци на прозата. Во овие приказни се јавуваат мотивите на душата, судбината, преминот на душата од умрениот во некое растение или животно, разни преобразувања, брак меѓу луѓе и животни, животни како помошници, обраќање кон бога за пород, богати гозби, љубов меѓу најблиски роднини, злобни жени, описи на далечни земји, победа на малите луѓе над силните, стапување на сиромашните на царскиот престол, желба за вечен живот, казнување на неправдата и славење на правдата, итн. Поради општите мотиви и неодредените места, често се истакнува меѓународниот карактер на народните приказни, особено на фантастичните, иако бројни приказни содржат и силни национални обележја. Во однос на меѓународниот карактер на приказните постојат две објаснувања: дека мотивите во нив се пренесувале од еден на друг народ преку војните, трговијата и пишуваната книжевност; и дека заедничките мотиви се појавиле спонтано кај различни народи на ист степен на општествен развој.Војислав Ђурић, „О народним приповеткама“, во: Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 9-12.

На почетокот, бајката претставувала единство со митот, и тоа со оној мит што не се сметал за светост, а во текот на нивниот развој трпеле промени и бајката и митот. На пример, во бајките на словенските народи постојат траги од старите пагански митови, иако со текот на времето бројни негови делови биле неповратно изгубени или изменети. Основната тенденција на паганскиот мит ја определила не само длабочината, туку и големата убавина на симболите застапени во бајките. Навистина, отсуството на трагичното и на силните емоции ја прави бајката со помала уметничка вредност во споредба со народната лирска и епска поезија, таа пак има посебна вредност - силните слики прикажани во мајсторска градација и волшебната атмосфера на интимноста меѓу човекот и околниот свет.Војислав Ђурић, „О народним приповеткама“, во: Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 14-16.

Уште повеќе е заплеткан односот меѓу ралноста и фантастиката во бајките. Во таа смисла, постојат различни мислења околу тоа дали фантастиката ја поддржува реалноста. На пример, според Максим Горки, во бајките е изразена способноста на нашите мисли однапред да согледаат некои нешта, далеку пред нивното случување. На пример, уште во далечното минато луѓето мечтаеле за способноста за летање, за побрзото минување на растојанијата на земјата итн., а сето тоа е остварено многу подоцна. Оттука, зад секој вид на древната фантастика се крие стремежот на луѓето да си ја олеснат работата. Слична интерпретација на бајките дава и Продановиќ, според кого во нив го има што она што го има и во стварноста, т.е. низ нив дише вистинскиот живот. Оттука, бајките ништо не измислиле, туку само одредени појави им ги припишувале на натприродните сили, ги преувеличувале или ги покриле со таинственост. Поради тоа, реалноста во бајките не страда од фантастиката, туку напротив, она што се случило преку волшебното добива поголеми размери. Чудните симболи што се случуваат во бајките не се обични имзислици, туку бил потребен голем интелектуален напор и генијална интуиција за да се пронајдат тие симболи. Без фантастиката, човекот не можел да ги изрази своите желби, стремежи и намери.Војислав Ђурић, „О народним приповеткама“, во: Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 14-14.

Историјата на жанрот

Бајките постоеле во книжевноста но тешко е да се определи кога точно настанале. Книжевните дела сведочат дека бајките постоеле со илјадници години, иако можеби непризнати како посебен жанр; називот „бајка“ најпрвин бил употребен од страна на Мадам Д’Олноа кон крајот на 17 век а се среќаваат во разни варијации низ културите во целиот свет.Gray, Richard. „Fairy tales have ancient origin.“ Telegraph.co.uk. 5 September 2009. Бајките и делата изведени од нив се пишуваат до денес. Најчесто, бајките биле наменети за деца. Браќата Грим својата збирка ја насловиле „Детски и домашни приказни“, со што врската со децата само се зајакнала низ времето. Фолклористите ги класифицираат бајките на разни начини. Системот за класификација Аарне-Томсон и морфолошката анализа на Владимир Проп се најпознати. Други фолклористи ги толкуваат значењата на приказните, но ништо дефинитивно не е утврдено.