Свети Спас или Вознесение Христово — македонски православен храм во селото Драчево. Храмот се наоѓа веднаш од левата страна на патот, односно главната улица „Драчевска“. Препознатлив е по својот убаво уреден двор и висока камбанарија. Црквата е изградена во 1849 година и е една од најстарите цркви во таа област. Покрај за патрониот празник Спасовден, во црквата се одржува ручек за празникот Свети Атанасиј (31.1) кога жителите на Драчево традиционално со векови колат жртва за здравје, што не е одобрено од свештенството. Исто така од оваа црква со црковни знамиња и икони се пешачи преку Марков Рид до манастирот Пеленица и назад за празникот Покрсти. Во рамките на црквата постои сала за ручање и други услужни објекти. Внатрешноста на црквата се одликува со фрескоживопис, икони, иконостас и натписи на црковнословенски и македонски јазик.

Историјат

Кон крајот на 1857 година живописот и иконостасот во црквата Свети Спас во Драчево ги изработил прочуениот македонски зограф и иконописец Дичо Зограф. За иконостасот во овој храм го насликал Архангел Михаил на олтарната врата од жртвеникот, престолната икона со претставата на св. Харалампиј и празничната икона Вознесение Христово, на која се чита Дичовиот потпис, датата 26 ноември и годината 1857. Останатите престолни и празнични икони и иконите со апостолите се претпоставува дека се насликани од некои од неговите соработници. Иконописната ризница на овој храм денес чува околу педесетина помали икони насликани од раката на Дичо Зограф.

За црквата Свети Спас во Драчево пишувал и македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ од 21 мај 1855 во „Цариградски весник“. Тој запишал дека Драчево има нов црковен храм „Свети Спас“ и едно мало училиште кое пустее без учителХаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.81. Добрите, гостољубиви и богати драчевски селани биле изгубени во црквата поради тоа што им служел грчки поп, кој богослужел на грчки јазик, од што селаните ништо не разбирале.

Со Едренскиот мир (1828) и договорот меѓу Русија и Турција (1830), на христијанскиот свет под турска власт му се даваат поголеми привилегии. Со објавувањето на највисокиот турски државен декрет Гилханскиот Хатишериф 1839 година, се прокламира првпат од султанот Абдул Меџит полна рамноправност пред законот на сите граѓани без разлика на вера, народност и социјална полодба. Овие важни реформи, иако не во целост, сепак во Македонија отвораат нов процес на политички, социјалноекономски, просветни и духовни движења. Се отвораат црковно просветни училишта, се воведува црковнословенски јазик во богослужбите, се негува говорниот македонски јазик и се градат многу цркви. Имајќи ја предвид ваквата состојба, повидните драчевци заедно со свештеникот Василиј покренуваат иницијатива за изградба на нова поголема црква, бидејќи старата била мала и не ги задоволувала црковните потреби. Барањето е поднесено до скопскиот паша. Драчевци сигурно добиле ферман за ѕидање на црквата. Најголем придонес за подигнување на нова црква има тогашниот скопски митрополит Јоаким, кој се јавува и како ктитор на црквата. По потекло бил Грк роден во Антигона. Бил добар и совесен архијереј, наспроти неговите пртходници. За негово време ојакнале христијанските населби, го развивал црковниот дивот преку отворања на училишта и во богослужбите вовел црковнословенски јазик. Митрополитот Јоаким бил несебичен дарител во изградба на цркви, на добротворни и просветни цели, па затоа и бил омилен меѓу народот. Умира на 25 февруари 1868 година, а погребан е во дворот на црквата „Света Богородица". Свештеникот Јелисеј од Горно Соње за него вака ќе забележи: „Претстави се господин Јоаким на лето 1868... и го кренаа от митрополиа со свештеници, со ученици, со анагности, со господин Ќустендилски (митрополит), со господин Пајсиј Врањски, го пренесоха по Тафтакала, до пазариште (покриена чаршија), пак отвам доле кај Пекчи, кај Фиронлака го однесоха у цркви нова свјатија Богородица, со голема чес и слава. Се претстави у недела навечер на сатот дванаес, а погреба у среда на сатот два. Што беше живо и турско и рисјанско све дојдова да видат, и четириесе свештеници облечени со фелони и еден псалтир му исчатија".

Локацијата за новата црква била стотина метри југоисточно од старата каде што и денес постои. Има два записа на годините за започнувањето со изградбата на црквата. Едниот се наоѓа на ѕидот на северната страна од црквата (под галеријата до влезот на малата врата), додека вториот податок е запишан на северната олтарна врата, а пак во првиот дел стои само годината 1848 со црковнословенски букви. Ако се земе предвид дека северната врата ја работел Дичо Зографот во 1858 година, значи неговиот натпис е ставен пред првиот, затоа што живописот на ѕидовите е правен по смртта на митрополитот Јоаким како што стои во првиот натпис. Дичо учествувал во изработка на иконостасот и може да му се верува повеќе на неговиот податок кој го впишал на северната олтарна врата. Храмот спаѓа во редот на поголеми трокорабни базилики без купола какви што се црквите: „Св. Димитриј“ во Битола, „Св. Богородица“ во Скопје, „Св. Ѓорѓи“ во Струга, „Св. Пантелејмон“ во Велес, ѕидани во првата половина на XIX 19 век.

Архитектура

Градители на црквата најверојатно се Дебарчани, Петре Гарката со наговата тајфа, кои ја граделе и црквата „Св. Богородица“. Црквата „Св. Спас“ има правоаголна основа со димензии: 2025 × 1170 и висина 10 метри. Ѕидана е со камен и малтер. По кажувањата на Велика Божиновска (сега покојна), која ги слушала од својот дедо, каменот бил носен од старата црква. Во работата учествувале сите жители од селото, особено помладите лица. Каменот се пренесувал од рака на рака поредени во два реда, од едната страна момчињата, а од другата девојчињата. Централниот кораб се издига повисоко од страничните и е соѕидан од плитар. Ѕидовите се дебели еден метар од сите четири страни. Поставена е еден метар во земја како што наложувале турските фермани. Употребата на природни градежни материјали придонесува црквата да добие компактност и цврстина. Денес се користи влез на црквата од јужната страна, а постојат уште два влеза од западната страна. Јужниот влез има две дрвени врати дебели 10 сантиметри. Од западниот дел едниот влез е со две дрвени врати, а другиот е помал со една дрвена врата. На лунетата на главниот влез е насликана главата на Бог Отец со двете отворени очи што симболизира надгледување на верниците, односно Божјото сезнаење и секаде присутност и грижа за нас луѓето.Наосот е поделен на три кораба формирани од два реда дрвени столбови. Столбовите се потпрени на камена основа, опшиени со трска и малтерисани. Нивната висина е 430 сантиметри и пречник 40 сантиметри. Нив ги има по пет, поредени во два реда, кои се поврзани со аркади што го делат централниот брод од страничните. На источниот дел е олтарниот простор со полукружна апсида со две помали прозорчиња, ѓаконик, жртвеник и мијалник.

Во западниот дел од наосот е галеријата до која се доаѓа преку внатрешни камени скали на северната страна. Во галеријата може да се влезе одвнатре и директно однадвор преку малата врата. Целата дрвена конструкција на галеријата се потпира на двата дрвени столба. Во аголот на јудната и западната страна постои камен сад за крштевање.Во централниот дел од наосот се наоѓаат, певници, места каде што пеат црковните псалти. До десната певница се наоѓа архијерејскиот престол, каде стои икона на св. Кирил и Методиј, зографисана од Петар Николов во 1874 година, од село Ореовец Велешко. Големината на оваа икона е: 143 × 73 сантиметри, работена на дрво, и на неа се напишани дарителите. Централниот кораб се издига повисоко од страничните. Во него има четири внатрешни куполи, а едната е во олтарот. Страничните имаат исто по четири куполи од кои по една се во олтарот. На централниот кораб има десет прозорци, кои однадвор се крстовидно направени. Во црквата исто така има тринаесет поголеми прозорци со димензија 80 × 70 во правоаголна форма. Овие прозорци даваат природно осветлување во црквата и истите се заштитени со железни решетки. Подот е со голедои камени плочи, а од 1997 година поставен е мермер. На западната страна и дел од јужната во 1912 година дограден е трем (артика). По кажувањето на старите драчевци артиката била доградена за да ја заштити црквата од поплави бидејќи истата година се случило надојдената вода да влезе во црквата. Таа служела и за црковни потреби (парастаси, и др.) Сега црквата е покриена со ќерамиди.

Живопис

На северната страна од наосот на ѕидот во првата зона од иконостасот кон галеријата се насликани:

Св. Кирил и Методиј; Св. Климент и св.Наум; Св. Јован Рилски и св. Јоаким Осоговски; Св. Прохор Пчински и св. Гаврил Лесновски; Св. Иларион Злетовски и св. Ѓорѓи Кратовски; Св. Јоаникиј.

Во втората зона по ист распоред се:

Св. Теодор; Св. великомаченик Ѓорѓи; Рождество Христово.

На јужната страна во првата зона од иконостасот кон галеријата претставени се следните светители:

Св. Спиридон Чудотворец. Насликан е во природна големина, претставен со чудото направено на Првиот вселенски собор. Од неговата лева и десна страна се насликани по три фрески од неговите чуда. Богатото претставување на св. Спиридон се должи на дарителството на грнчарскиот еснаф од Драчево како благодарност кон нивниот заштитник. На левата страна ги има приложниците на грнчарскиот еснаф. Св. Петка и св. Варвара; Св. Константин и Елена; Св. Симеон Столпник и св. Трифун; Св. Никола и св. Пантелејмон; Св .Ефтимиј и св. Антониј.

Во втората зона по ист редослед се:

Св. Нестор; Св. Димитриј; Богојавление; Св. пророк Исаија.

Овие фрески се живописани од зографот Димитар Андонов Папрадишки во 1943 година. Првата зона одлево и оддесно е заменета со живописи правени на шпер плоча и монтирани на ѕидот. Под галеријата на крајот од јужната страна има стари фрески претставени со двајца светители. На ореолот пишува св. Унофриј. По описот на ликот соодветното име е неточно. Се работи за светител со долга бела брада до земја и со долга коса. Изгледот на ликот одговара на св. Онуфриј (25 јуни) (се работи за погрешно запишано име на старословенски јазик). На северната страна под галеријата претставени се Адам и Ева во рајот. Во олтарот, во апсидата насликани се од лево на десно: св. апостол Петар и Павле, св. Јован Златоуст, св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. апостол Тома. Горниот дел од апсидата е св. Богородица со Христос. Во жртвеникот насликан е Господ Исус Христос со раните, во големина 141 сантиметар. Исус стои на наковално со раширени раце, со дланките свртени надолу, од кои тече крв. Оддесно на ребрата тече крв, со нозете стои на наковално и од нив тече крв која се собира во еден сад во јајцевидна форма. Исус со показалецот на десната рака покажува кон храмот. На горниот дел од фреската Господ Исус Христос е претставен на престолот, а над него пишува Горе на престоле. На долниот дел е потпишан зографот, а за време на цртањето на фреската дежурен свештеник во црквата бил Димитриј. На крајниот долен дел од фреската напишани се и дарителите на самата фреска. Во централното кубе насликан е Господ Исус Христос со Неговите апостоли.

Иконостас