За други значења видете Беласица (појаснување)
Беласица — планина во југоисточниот дел на географскиот регион Македонија и е поделена меѓу државите Македонија (35 %), Грција (45 %) и Бугарија (20 %). Во Македонија, оваа планина почива во близина на Струмица. Има напореднички правец на протегање исток — запад и должина од над 70 км. Спаѓа во групата најстари планини не само во Република Македонија, туку и на Балканскиот Полуостров. Настанала за време на создавањето на Родопските Планини. Подоцна е разорена а повторно е издигната за време на најмладото алпско набирање. Според морфолошката структура, планината е изразит хорст со мошне стрмни падини кои се спуштаат на северната и јужната страна.А. Стојмилов, Физичка географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје, 2003.
Од соседните планини Беласица е одделена со долините на реката Вардар на запад, Струма на исток, Струмичката Котлина на север и Дојранската и Серската Котлина на југ. Според висичината, таа спаѓа во групата високи планини. Наjвисок врв е Радомир (Калабак) - 2.029 метри, наречен по царот Гаврил Радомир, син на царот Самуил. На врвот Тумба се наоѓа тромеѓата меѓу Македонија, Бугарија и Грција (поточно Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија). Тука е поставен граничен камен во вид на пирамида, што ја означува тромеѓата помеѓу овие три држави. Беласица е богата со шуми и на неа се среќаваат дабот, буката, борот, елата, јасенот и др.Д. Манаковиќ, Т. Андоновски, Релјефни одлики на Источна Македонија, „Географски разгледи“, кн. 17, Скопје, 1979
Но, таа е уште побогата со планински пасишта на кои во летниот период доаѓааат бројни стада на пасење. Само највисоките врвови на Беласица се голи и каменити. Во подножјето на Беласица извираат многубројни термални и минерални извори. Меѓу нив најпознат е изворот во с. Банско. Водата од овој извор е лековита, минерална и сулфурна со температура од 75 °С. Според температурата на водата овој извор е најтоплиот во Македонија. Исто така, Беласица е богата со рудни богатства, но сѐ уште ништо не се експлоатира. На падините на Беласица се наоѓа еден од најубавите водопади во Македонија - Смоларскиот Водопад.Благоевъ, Т. А. Бласица. София, 1925.
Од 2001 година секоја година, во август, се организира меѓународен планинарски поход за искачување на врвот Тумба (Тромеѓа) под наслов „Балкан без граници“. Походот започнува од селото Смоларе, преку планинарскиот дом „Шарена чешма“, сè до тромеѓата.Александар Матески, „Беласица“, Стопанство и бизнис, година 18, број 213, март 2016, стр. 106-107.
Историја Планината е позната како местото кајшто се одиграла значајната Беласичка битка (1014), кајшто се судрила војската на Самоиловото Царство со византиската војска на Василиј II.
Галерија
Поврзано Беласичка битка ФК Беласица Беласица (Пиринско) — село во Петричко, со изворно име Елешница
Наводи
Надворешни врски
Слики од Беласица во текот на зимата Особености и историја на планината Беласица - Портал на Општина Ново Село Портал на Беласица и регионот За водопадите на Беласица - Портал „ИГЕО“ Документарна емисија за Беласица на Миленко Неделковски
Категорија:Рилско-родопски Масив Категорија:Планини во Македонија Категорија:Планини во Егејска Македонија Категорија:Планини во Пиринска Македонија Категорија:Македонско-бугарска граница Категорија:Македонско-грчка граница Категорија:Бугарско-грчка граница Категорија:Географија на Струмица Категорија:Тромеѓи Категорија:Меѓународни планини во Европа