Lotus corniculatus — повеќегодишен тревест вид на Lotus од семејството бобови опишан од Карл Линеј. Растението има широка распространетост и е битна фуражна култура за добиток.

Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 20–35 см, разгрането уште од основата, голо или покриено со ретки до густи влакна по стеблото и листовите. Стебленцата се полегнати, приподигнати или исправени, без столони, најчесто неразгранети и цврсти. Листовите се составени од пет ливчиња. Лисната дршка е покуса од ливчињата. Прилисниците се редуцирани, мали, четинести или жлездесто-топчести. Ливчињата се со куси дршки, копјести, обратнојајцевидно-копјести до речиси кружести, долги 4–18 мм и широки 1–10 мм.

Цветовите, по два до седум, се групирани во главичести соцветија, кои во основата се обвиени со еден приседнат лист составен од три ливчиња. Дршката на соцветието е три до четири пати подолга од соодветниот пазувен лист, а цветните дршки се долги 1–2,5 мм.

Чашката е речиси ѕвонеста, гола или покриена со ретки раширени влакна, долга 6–7 мм. Запците се триаглести или линејно-шиловидни, со широка триаглеста основа и најчесто се долги колку трубестиот дел на чашката, понекогаш малку покуси или подолги. Венчето е долго околу 15 мм, односно околу двапати подолго од чашката, жолто или златножолто, а често по прецветувањето добива портокалова нијанса. Барјачето е подолго од крилцата и лаѓичката и често има црвени жили во основата. Лаѓичката е благо искривена и завршува со долг, заострен клун, кој обично е малку подолг од крилцата. Плодот е права, цилиндрична мешунка, долга 15–30 мм и широка 1,5–2 мм.

Листовите се исто така слични по изглед на некои детелини.

Варијабилност

Lotus corniculatus var. speciousus — клунот на лаѓичката е виолетов Lotus corniculatus var. tenuis (синоним: Lotus tenuifolius) — клунот на лаѓичката е жолт, најгорните ливчиња се копјести до долгавесто-обратно-јајцевидно-копјести и обично на врвот заострени. Стеблата се тенки. Lotus corniculatus var. alpinus (синоним: Lotus alpinus) — клунот на лаѓичката е жолт, најгорните листови се јајцевидни, тапи или кусо заострени. Растението е 10 до 15 см високо и ливчињата се мали. Запците на чашката се долги колку трубестиот дел на чашката или покуси. Lotus corniculatus var. stenodon — клунот на лаѓичката е жолт, најгорните листови се јајцевидни, тапи или кусо заострени. Растението е 10 до 15 см високо и ливчињата се мали. Запците на чашката се 1.5 пати подолги од трубестиот делна чашката. Lotus corniculatus var. corniculatus — клунот на лаѓичката е жолт, најгорните листови се јајцевидни, тапи или кусо заострени. Растението е 15 до 35 см високо и ливчињата се мали. Запците на чашката се 1.5 пати подолги од трубестиот делна чашката.

Подвидови Следниве подвиди се прифатени:

Lotus corniculatus subsp. afghanicus Lotus corniculatus subsp. corniculatus Lotus corniculatus subsp. delortii Lotus corniculatus subsp. fruticosus Lotus corniculatus subsp. preslii

Форми

Lotus corniculatus f. ciliatus — стеблото и листовите се со ретки влакна. Lotus corniculatus f. hirsutus — стеблото и листовите се со густи расперени влакна. Lotus corniculatus f. corniculatus

Распространетост во Македонија Lotus corniculatus расте по ливади, пасишта, меѓи, проретчени шуми и камењари. Нејзините варијабилности и форми се среќаваат на различни места во Македонија:

Lotus corniculatus var. corniculatus — растение со многу ограничена распространетост. Се среќава кај желеничката станица Врановци и селото Велебрдо во Гостивар, селото Куќи и браната Шпиље во Дебар, Плетвар кај Прилеп и кај детското летувалиште Младост во Берово. Lotus corniculatus f. corniculatus — важат истите податоци како истоменета варијабилност. Lotus corniculatus f. ciliatus — широко распространето растение на територијата на Македонија. Lotus corniculatus f. hirsutus — се среќава на Шар Планина - Попова Шапка, Љубаш во Кавадарци, селото Бешиште во Прилеп, селото Градешница и Змејца во Битола, Кожуф кај Висока Чука и врвот Две Уши и Смрдлива Вода кај Гевгелија. Lotus corniculatus var. tenuis — широко распространето растение во Македонија, меѓутоа, за разлика од северните делови на Балканскиот Полуостров на пр. од Хрватска, македонските растенија од овој подвид се одликуваат со пошироки ливчиња. Lotus corniculatus var. alpinus — овој таксон главно е распространет по високите планини во Македонија, како на пример: Јакупица, Шар Планина, Кораб, Дешат, Бистра, Јабланица, Галичица, Баба, Ниџе, планината Змејница кај Мариово и околината на Пехчево. Lotus corniculatus var. speciousus — среќава на Шар Планина, Јакупица, Кораб, Баба, Ниџе, селото Граешница во Битола, помеѓу Неготино и Демир Капија. Lotus corniculatus var. stenodon — се среќава само на планината Галичица кај Преслап и кај селото Пештани (Охридско).

Распространетост и живеалиште низ светот Lotus corniculatus има широка распространетост низ целиот свет. Потекнува од умерената Евроазија и Северна Африка. Честа е насекаде во БританијаMartin, K. The Concise British Flora in Colour. и Ирска.Parnell, J. and Curtis, T. 2012. Webb's An Irish Flora. Cork University Press Hackney, P. (Ed) 1992. Stewart & Corry's Flora of the North-east of Ireland, Third Edition. Institute of Irish Studies, The Queen's University of Belfast.

Живеалиштата вклучуваат стари полиња, тревни места,Clapham, A.R., Tutin, T.G. and Warburg, E.F. 1968. Excursion Flora of the British Isles, Cambridge University Press. и покрај патишта. Типично се шири на висина од околните тревни површини. Може да преживее и покрај пасење, газење и косење. Најчесто се среќава во песокливи почви.

Екологија Цветовите најчесто ги посетуваат бумбари. Во Чикашкиот регион, забележани се претежно неавтохтони пчели кои ги посетуваат цвеќињата, вклучувајќи ги Andrena wilkella, Anthidium oblongatum, Apis mellifera и Megachile rotundata. Автохтоните пчели Bombus impatiens и Megachile relativa исто така се забележани како ги посетуваат цветовите, иако вторите ретко.

Растението е важен извор на нектар за многу инсекти, а се користи и како ларвена храна од многу видови пеперуги, како што се Zygaena filipendulae и стоокиот синец. Растението е домаќин за шумската бела пеперутка, Leptidea sinapis.Clarke, S. A.; Green, D. G.; Joy, J.; Wollen, K.; Butler, I. (2011-04-01). "Leptidea sinapis (Wood White butterfly) egg-laying habitat and adult dispersal studies in Herefordshire". Journal of Insect Conservation. 15 (1-2): 23–35. doi:10.1007/s10841-010-9300-8. ISSN 1366-638X.

Како инвазивен вид Lotus corniculatus е инвазивен вид во многу делови од Северна Америка и Австралија. Најчесто се сади покрај патиштата за контрола на ерозијата или на пасишта за сточна храна, а потоа се шири во природни области. Откако ќе се воспостави во одредена област, може да ги надвладее домородни видови. Употребата на пропишан оган не е ефикасна алатка за управување против L. corniculatus и наместо тоа се препорачува хербицид за контрола.

Потенцијални здравствени проблеми Видот содржи цијаногени гликозиди, кои ослободуваат мали количини на цијановодород кога се мацерираат. Сепак, ова не е вообичаено отровно за луѓето, бидејќи дозата е многу мала, а метаболизацијата на цијанидот е релативно брза. Присутни се и кондензирани танини.

Употреба Се користи во земјоделството како фуражна култура, одгледувана за пасишта, сено и силажа. Тоа е висококвалитетна фуражна храна која не предизвикува надуеност кај преживарите. Може да се користи како алтернатива на луцерката во сиромашни почви.

Како украсно растение се одгледува двоцветната сорта. Редовно се вклучува како компонента на мешавини од диви цвеќиња во Европа. Исто така, може да спречи ерозија на почвата и да обезбеди добро живеалиште за дивиот свет.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Лотоси Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Македонија