Trifolium nigrescens — едногодишен вид на детелина кој е широко распространет низ Средоземното Море, вклучувајќи ја Северна Африка и Блискиот Исток. Растението се среќава во Македонија.

Опис Trifolium nigrescens е едногодишно, високо 10–40 см и обично силно разгрането. Стебленцата се исправени или приподигнати, голи или со ретки влакна. Базалните листови имаат долги дршки, додека кај горните листови дршките се покуси од листната плочка, а најгорните листови имаат многу куси дршки. Листовите се обратнојајцевидни до триаголесто-обратно-срцевидни, најшироки во горната половина, долги околу 10 мм и приближно исто толку широки. Врвот е тап или плитко всечен, а горната половина од работ е ситно шилесто назабена. Основата е клиновидна и постепено преминува во дршка.

Прилисниците се копјести, долги 1–3 мм, во основата меѓусебно сраснати, бели и ципести. Нивниот слободен дел е триаглесто-копјест и постепено се стеснува во заострен врв. Соцветијата се топчести, со пречник од 10–20 мм, составени од поголем број цветови и се развиваат во пазувите на листовите на долги дршки.

Цветовите имаат дршки кои се подолги од трубестиот дел на чашката и се голи. Прицветниците се бели, ципести, копјести и завршуваат со заострен врв. Чашката е долга околу 3 мм, со десет жили. Нејзиниот трубест дел е долг околу 1,5–2 мм, а запците се копјести или линејни. Горните запци се подолги од долните и обично се три до четири пати подолги од трубестиот дел на чашката. Венчето е долго 5–9 мм, бело, поретко розово, а по прецветувањето станува кафеаво. Цветовите по прецветувањето се спуштаат надолу. Плодот е мешунка која содржи едно, почесто две до четири, а поретко пет семиња.

Распространетост во Македонија Trifolium nigrescens се среќава по низини, брдски и планински пасишта и ливади, покрај патишта и грмушести растенија и е широко распространето низ целата површина на Македонија до надморска височина од 1400 метри.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Европа Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија