мини|Сталактити во пештерата. Змејова Пештера () — пештера во околината на градот Костур, Егејска Македонија.
Местоположба Пештерата се наоѓа на јужниот крај на полуостровот Горица во Костурското Езеро, југоисточно од Костур. Сместена е на само 15 м од езерскиот брег, по патот кон манастирот „Пресв. Богородица Мавровска“.
Опис Влезот на пештерата е уреден во облик на камена порта и има железна врата.
Пештерата има бројни сталактити и сталагмити со различни облици, како и седум подземни езерца распоредени во десет пештерски одаи, од кои најголемата има димензии од 45 × 17 м. Најголемото езеро е длабоко 20 м, а широко 5 м. Во внатрешноста има патека долга 300 м со три моста. На крајот од прошетката има информативен простор.
Температурата е постојано иста во текот на целата година, од 16 до , а влажноста достигнува 90 %. За да се обезбеди квалитетот на воздухот, во неа се дозволени највеќе 12 посетители наеднаш.
Во пештерата не се пронајдени траги од човечко присуство, но пронајдени се коски од пештерска мечка (Ursus spelaeus), стари 10.000 години. Овој изумрен вид живеел во Европа за време на плеистоценот. Мажјаците тежеле до 500 кг, а женките 200 до 250 кг. Во исправена положба биле високи 3 метри.
Пештерата се вбројува меѓу знаменитостите на Костур и во 2017 г. имала 34.000 посетители.
Откривање и истражување Змејоват Пештера порано била пристапна само од езерото и била непозната во османлиско време. Откриена е случајно од граѓаните на Костур во 1940-тите за време на германската окупација, но нејзиното постоење се држело во тајност. По Граѓанската војна војската почнала да го гради патот „Паралимнија“ по езерскиот брег, и така пештерата добила копнен пристап. На почетокот на 1950-тите шведскиот спелеолог Линдберг ја посетил Змејовата Пештера и им раскажал на мештаните за нејзината впечатлива внатрешност. Помеѓу 1963 до 1969 г. пештерата била картирана и фотографирана од Грчкото спелеолошко друштво. Општината потоа побарала средства за уредување и нејзино отворање за посетители, но планот почнал да се спроведува дури во 1990-тите со изработката на студии и долгогодишна работа на пештерата со средства од ЕУ. Змејовата Пештера е отворена во 2009 г. Благодарение на современата опрема за осветлување и проток на рециклажа на воздухот пештерата е зачувана во природна состојба и спречена е ерозија.
Предание Според преданието, во пештерата живеел змеј што блуел оган и го штител златото во неа. Откако го основал градот, кралот Кастор (Костур) му ја покажал пештерата на брат му Полидевк, но од неа почнало да излегува пареа. Кастор изјавил дека тоа е здивот на змејот и ветил големо богатство на оној што ќе го убие. Тогаш се нашол еден смел младич кој успеал да го прободе змејот со копје, а змејот потонал во пештерско езеро. Откако им изразиле благодарност на боговите за оваа победа, некои луѓе влегле во пештерата со факли. Поради недостатокот од кислород факлите згаснале. Во темнината се чул глас кој рекол дека тие што ќе се наведнат и ќе земат кал нема да зажалат. Само неколкумина се осмелиле да земат од калта, која се претворила во течно злато на сончевата светлина.
Поврзано Мелчничка Пештера Горица (полуостров)
Наводи
Надворешни врски
Мрежно место на пештерата Земјовата Пештера на showcaves.com
Категорија:Пештери во Егејска Македонија Категорија:Костур (град) Категорија:Музеи во Костур