Hypericum annulatum — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони. (Hypericaceae). Hypericum annulatum првпат е опишан во 1827 година од ботаничарот Џузепе Морис. Опис и распространетост Растение со височина од 20 до 60 см, со неколку стебленца од основата. Стебленцата се исправени, во основата малку лачно искривени, покриени со густи куси распрснати влакненца, белузлаво-зелени, во основата црвеникаво-кафеави, а и во областа на соцветието каде што нема влакненца се јавува црвеникава нијанса. Листовите се јајцевидни до јајцевидно-елиптични, долги 20–40 мм, во основата срцевидни, приседнати, на врвот тапи и заоблени, со испакнати жили на долната страна; од двете страни се густо влакнести и затоа се сивкасто-зелени, со многу густи проѕирни точкести жлезди, а покрај работ и на врвот имаат црни точкести жлезди. Цветовите се собрани во пирамидално-гроздовидни до цилиндрични метличести соцветија. Цветните гранчиња и кусите цветни дршки се голи. Прицветниците се долги 3–4 мм, линејно-копјести, по работ со ресести црни жлезди, а во основата со ушенца кои имаат густи покуси ресести црни жлезди. Чашкините ливчиња се линејно-копјести, долги 4–5 мм и широки 0,8–1 мм, голи, по работ имаат ресести црни жлезди и долги линејни светли жлезди. Венечните ливчиња се долги 14–16 мм, светложолти, без црни точкести жлезди. Прашниците се групирани во три групи; антерите имаат една црна жлезда. Плодната кутијка е долга 5–6 мм, тесно-јајцевидна, со многубројни долги и тенки паралелни смолни канали. Семките се цилиндрични и кафеави.
Расте по варовнички камењари и светли дабови шуми. Се среќава во Скопје – Матка; Скопска Црна Гора (Групче); Штип – Исар (Миладинова); Кочани – с. Зрновци; Плачковица – с. Блатец; Пелистер (Симовски). Варијабилност Видот е поделен на следниве подвидови:
H. a. afromontanum H. a. annulatum H. a. intermedium Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Кантарион (род) Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа