Ванита Матил („Женски ѕид“) — човечки синџир формиран на 1 јануари 2019 година низ индиската држава Керала за да се претстави родовата еднаквост и да се протестира против родовата дискриминација. Ѕидот бил формиран исклучиво од жени и се протегал на растојание од околу 620 километри од Касаргод до Тируванантапурам. Околу три до пет милиони жени учествувале во настанот.

Заднина Во Керала, хиндуистичкиот храм во Сабаримала традиционално им забранувал на жените на возраст меѓу 10 и 50 години да влегуваат за да го обожаваат богот Ајапа. Некои луѓе тврделе дека на жените им е забранет влезот бидејќи менструацијата ја сметале за нечиста, но верниците тврделе дека не им е дозволен влез поради целибатната природа на божеството. Во септември 2018 година, Врховниот суд на Индија, во историска пресуда, им дозволило на жените од сите возрасти да влезат во храмот, наведувајќи дека секоја дискриминација врз основа на биолошки разлики е неуставна. Владејачката коалиција на државата Левичарски демократски фронт ја поздравил пресудата, додека опозициските партии како што се партијата Бхаратија Џаната и Индискиот национален конгрес започнале протести против пресудата. Многу хиндуистички групи протестирале против пресудата и одлуката на државната влада.

На 15 декември 2018 година, главниот министер на Керала, Пинараји Виџајан, по состанокот со 176 општествени и политички организации објавил дека женскиот ѕид ќе се одржел на Нова Година за да се заштитат ренесансните вредности на државата. Објавена била и тематска песна за настанот од Прабха Варма.

На 1 јануари 2019 година во 16:00 часот попладне, ѕидот го оформиле околу три до пет милиони жени по националните автопати на државата Керала во должина од околу 620 километри. Ѕидот започнал во северниот крај на државата од кој што го предводел министерот за здравство и социјална правда на Керала, К. К. Шаилаџа, во Касаргод, а завршил во Тируванантапурам на југ со Бринда Карат, лидерка на Комунистичката партија на Индија. Активистите на Раштрија Свајамсевак Санг и партијата Бхаратија Џаната наводно се обиделе да го нападнат ѕидот во Касаргод.

Истиот ден, во поддршка на настанот во Керала, биле организирани женски ѕидови во знак на солидарност со Ванита Матил во други индиски градови, вклучувајќи ги Њу Делхи, Мумбај и Ченај.

Женскиот ѕид во Керала станал четвртиот најголем човечки синџир направен досега во светот, и најголемиот формиран исклучиво од жени.

Наводи

Категорија:Историја на правата на жените