Alyssum debarense — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Alyssum debarense (Alyssum debarensis) е опишано од ботаничарот Кирил Мицевски.

Опис и распространетост Растението е силно разгрането при основата, со малку или без базални вегетативни гранчиња. Црвеникавото и неразгрането стебло е високо до 40 см и е покриено со прилепени влакна со 4–6 зраци. Приосновните листови отпаѓаат за време на цветањето и формирањето на шушменчињата (плодови). Листовите на стеблото се линејно-копјести или копјести, врвот е остар, основата постепено преминува во кратка дршка. Листовите се долги 15–20 мм и широки 3–4 мм, зелени од двете страни; горната страна со ретки влакна со 6–8 зраци, долната со погусти и повеќезрачни влакна. Во пазувите на стеблените листови често се развиваат кратки гранчиња. Листовите на гранчињата се зелени одозгора, а сиви одоздола. Соцветието е штитовидно, крупно, силно разгрането и густо. Цветовите се долги околу 2 мм. Цветните дршки се долги 2 мм со ретки влакна, плодните се долги 3 мм. Чашкините ливчиња се зелени, долги 1,2–1,5 мм, со ретки влакна и тесен ципест раб. Венечните ливчиња се жолти, долги 2 мм, обратно-овални, кон основата постепено стеснети, со ретки влакна одоздола. Шушменчињата (плодовите) се широко-елиптични, врвот и основата им се клиновидни, сплеснати, со средишно малку подуени капачиња и јасна нерватура; долги 2,5–3,5 мм, широки 2,5–2,75 мм, со ретки нежни влакна; влакната мали, 0,2 мм, со 8–10 зраци; зраците брадавичести. Столпчето е голо и долго 1,2–1,4 мм. Семките се долги 2,5–2,75 мм, со широко крило, ширина 0,3–0,4 мм, светлокафеаво.

Расте покрај дабови шуми, до 700 метри надморска височина. Познато единствено за Дебар, клисурата на Црн Дрим кај с. Отишани. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Ендемска флора на Македонија Категорија:Флора на Европа