Срмаџиски занает — традиционален занает кој се занимава со изработка на кадифени, чоени и срмени производи, украсени со свила и срма (златни, сребрени или позлатени метални нишки), најчесто везени или вткаени во ткаенината. Срмаџиите изработувале богато декорирана облека, делови од народни носии, свечени и обредни костими, како и црковни и церемонијални предмети, при што занаетот се одликува со висока прецизност, декоративност и симболично значење.

Историја на занаетот Во 1960 година срмаџискиот занает во Македонија бил во изумирање. Уште тогаш ретки примери на овој занает имало во: Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп.Зое Личеноска, ГЛАСНИК на Етнолошкиот музеј, 2, Скопје 1965, стр. 221

Во Македонија овој занает се пренесувал од генерација на генерација во иста фамилија (од татко на син). Порано се правеле попрости алишта од клашна со поскромни срмени везови, а подоцна се изработувале по углед на некоја мостра донесена од Стамбол и се изведувале полуксузни везови. До околу 1890 година се носеле женски долами од синкава свила „териле“, најнапред од природна (бубина) свила, а потоа од вештачка свила.

Потоа настанала нова промена и се носеле долами од црвена чоја везени со срма и бикме и украсени со срмени гајтани. По нив почнале да се носат долами везени само со срма, на кои се ставало по половина ока срма.

Срмаџиите порано се нарекувале и срмакеши. Казаси и бикмеџии биле луѓе кои исклучиво се занимавале со сукање на срма и бикме.Сања Димовска, Македонски фолклор, година XXIX, број 58-59, Скопје, 2001, стр.317

Што се однесувало до градската носија, во Гостивар муслиманките и христијанките носеле исти димии и елеци, само минтаните им се разликувале по кројот и по везот.

Срмаџиите во Скопје мини|304x304пкс|Скутина со срмен вез од Скопска Црна Гора, НУ Музеј на Македонија Кон крајот на XIX век, срмаџискиот занает во Скопје бил доста застапен т.е. срмаџиите биле многубројни. Тие везеле од свила и срма разновидни чоени и кадифени облеки, кои некогаш се носеле во Скопје. Во прво време срмаџии биле Власи, а подоцна им се приклучиле и Македонците.

Ваквата срмена облека кон крајот на XIX век се извезувала во Босна, особено во Сараево, што сведочело за развиеноста на овој занает во Скопје. Но занаетот почнал да го губи своето значење во 1912 година, а со иселувањето на Турците од Скопје наполно изумира. Само некои срмаџии во Скопје го продолжиле занаетот, изработувајќи срмени везови за локалното население.

Меѓу последните скопски срмаџии што се занимавале со изработка на срмени везови биле: Антон Маџовски, Пано и Јован Глигоровски, Абаз Али, Неџиб Сели, Митре Цветанов и други.

Срмаџиите немале свои дуќани и работилници, туку работеле дома или во дуќаните на некои други сродни занаетчии. Најповеќе биле поврзани со терзиите, ќохаџиите и кафтанџиите, па сошиените делови од облека ги украсувале срмаџиите. Тие обично добивале скроени или делумно сошиени облеки, и ги везеле според барањата на купувачот.Д-р Киро Дојчиновски, Занаетите и еснафите во Скопје, ММ Скопје 1996, стр. 72-73

Во срмените изработки на скопските срмаџии биле застапени најразновидни орнаментални мотиви – геометриски, вегетабилни и зооморфни. Сите тие имале посебни имиња, најчесто турски. Од изработените срмени производи (особено везени украси) на облеката на турското градско население биле: чепкени, минтани, џамадани, антерии, елечиња, фермениња, шалвари и друго. Изработувале и многу делови од облеката на албанското население од околните, скопски села, па дури и од Тетово и Гостивар.

Срмени изработки некогаш носело и христијанското население.

Најмногу работа срмаџиите имале пред свадби, а особено кај муслиманското население кога се порачувала најубавата и најскапоцената облека.

Зависно од етничкиот состав на населението од Скопје и околината постоеле изразити начини на украсување на носијата со срмен вез.Д-р Киро Дојчиновски, Занаетите и еснафите во Скопје, ММ Скопје 1996, стр.74

Срмаџиите во Охрид мини|325x325пкс|Детал од срмен вез на охридско џубе, НУ Музеј на Македонија Во Охрид најстари срмаџии мајстори биле Турците Паша-Уста и Абдураман. Паша-Уста, родум од Охрид, работел како срмаџија до длабока старост, сè додека не го изгубил видот и не можел веќе да везе. Неговиот дуќан се наоѓал во чаршијата, кај Чинарот, и во него имал многу чираци и калфи: Стеван Нанев, Досе Дојчинов, Коле Сакул, Ставре Дојчин, Ангеле Кркуло – сите охриѓани.

Други срмаџии Турци во Охрид биле: Муртеда, Јусуф-ага, Шефки- Мустафа Ахмед и други. Тие имале свои дуќани во Охридската чаршија. Изработувале: елеци, минтани, џамадани, џубиња, шалвари- со богат срмен вез за време на Турците, а продолжиле да работаат и подоцна, меѓу двете светски војни.

Освен Турци, срмаџии во Охрид имало и Македонци, меѓу кои браќата Ѓорѓи и Сандре Срмабожови. Биле добри мајстори и работеле за целата околија, особено за Подградец, Старово, Јанковец, Ташморуништа, а најмногу за Турчинки од Охрид и Ресен.

Останати срмаџии Македонци од Охрид биле Климе Петар Шешов, Стеван Нанев, Димко Тренев и Сотир Пирузе.Зое Личеноска, ГЛАСНИК на Етнолошкиот музеј, 2, Скопје 1965, стр. 224- 225

Срмаџиите во Ресен Селото Јанковец било центар на занаетчиството во Ресен. Скоро сите занаетчии и трговци биле од Јанковец, кои во ресенската чаршија имале околу сто дуќани. Јанковец било село на печалбари, од кои голем број се вратиле од Америка и со средствата подигнале големи градски куќи со огромни цветни градини.

Најстариот срмаџија во Ресен бил Ристо Ламбов Доновски. Занаетот го научил од својот татко Ламбо и имал свој дуќан во ресенската чаршија. Друг срмаџија бил Ноне Ставрев Проевски, кој го научил занаетот во Стамбол. Други добри мајстори на овој занает во Ресен биле Панде Котлароски, Ставре Кунгуловски и Ефтим Љаса. Понатаму: Боре Бутевски, Кице Спасоески, Александар Сандре Босиљков.Зое Личеноска, ГЛАСНИК на Етнолошкиот музеј, 2, Скопје 1965, стр. 226- 227

Срмаџиите во Битола Последните срмаџии во Битола работеле до 1920 година. Срмаџиите во Битола главно биле Власи од Магарево, Трново, Нижополе и Гопеш. Во турско време тие имале свои дуќани во таканаречената Влашка чаршија. Сите биле многу богати зашто работале за Албанија, правеле алишта по нарачка и ги продавале готови.

Познати срмаџии од овој крај биле: Јанаки Иоану Дикас, Михалаки Чили, Јорји Бацарија, Питу Мушу, Веле Тасев и други.Зое Личеноска, ГЛАСНИК на Етнолошкиот музеј, 2, Скопје 1965, стр. 227- 228

Срмаџиите во Гостивар мини|335x335пкс|Детал од срмен вез на невестинска долама од Маврово, Мавровско Поле, НУ Музеј на Македонија Срмаџиите во Гостивар изработувале носии за селата Горна Река и Горни Полог, како и за градското муслиманско и христијанско население. Во Гостивар срмаџиите биле од различна националност: Македонци, Турци и Албанци. Работеле по нарачки за ромско, турско и албанско население. Производите на гостиварските срмаџии најчесто се продавале во Струга, Дебар, Скопје, а понекогаш и во Турција.

Облеката извезена со срма била во класичен турско-ориентален стил и се состоела од чинтијани, елеци, минтани, капчиња и украси за половина. Тоа биле исклучиво женски костими наменети за семејни свечености како свадби, повојници, свршувачки или сунети. Секоја невеста морала да има по неколку вакви комплети и во текот на свадбата се преслекувала повеќепати. Во периодот меѓу двете светски војни и по Втората светска војна, кога немало можност да се набави срма и материјал за изработка на облека, невестите и другите жени се облекувале во облеки наследени од постарите членови на семејството.

Во Гостивар со овој занает започнал да се занимава Раде Лазаревски, син на Лазар Лазаревски, кој го зел занаетот од татко му Соломон, и сите биле родум од село Леуново. Побарувачката била голема, така што во неговиот дуќан се обучувале нови ученици. Друг познат срмаџија бил Нофит Синадиновски. Овој занает продолжиле да го негуваат и жени – Македонки, Турчинки и Албанки.

До осумдесеттите години занаетот се работел рачно така што еден комплет се работел и по два месеца. Подоцна срмата се везела и на машина.Сања Димовска, Македонски фолклор, година XXIX, број 58-59, Скопје, 2001, стр.318-320

Материјали за работа Срмата, главниот материјал за работа, се внесувала претежно од Германија и Австрија, а ја продавале главно Евреите. Срмаџиите работеле главно со три вида срмени конци – златен, сребрен и бакарен.

Покрај срмата, некои срмени изработки се везеле со „тир-тир“, специјална зиг-заговидна метална жица во разни бои, а по рабовите речиси сите се украсувале со срмени гајтани и ширити. Се везело и со свила – „бикне“, сукани свилени конци во разни бои, особено црвена. Везени изработки со „бикне“ носеле главно посиромашните, но имало одредени облеки што се везеле исклучиво со свилено „бикне“.Д-р Киро Дојчиновски, Занаетите и еснафите во Скопје, ММ Скопје 1996, стр.73

Алати за изработка За изработка на срмени везови биле потребни главно следниве алати: канџа, напрсток, мали игли за шиење, ножици и делевиш.

Канџата претставувала долгонавесто парче од шајак или чоја, долго околу 70 см, а широко 40–50 см. На едниот крај била проширена во вид на копје, каде што се закачувале иглите, а другиот бил потесен со џепче за напрсток. На самиот врв канџата имала кука за закачување на материјалот што се везел.

Напрстокот што го употребувале срмаџиите се нарекувал „топузлија“ – со поширок и заоблен горен дел, каков што употребувале јорганџиите.

Делевиш бил вид коскена игла за пробивање отвори во текстилот.Д-р Киро Дојчиновски, Занаетите и еснафите во Скопје, ММ Скопје 1996, стр.73-74

Начин на обработка Орнаментите се изведувале на тој начин што срмените конци се воделе по линиите нацртани со молив, па постојано се сошивале незабележливо за текстилот, со тенок конец во соодветна боја. За цртање на орнаментите постоеле специјални дрвени калапи со чија помош се втиснувале разни шари, откако калапот претходно се потопувал во бел растворен прашок. Се цртало и со наострено сапунче, а подобрите мајстори везеле директно.

При везењето се „терале“ по два срмени конца – чифте срма, па така се формирале самите орнаменти. Само некои шарки се изведувале со „тек-срма“.

Покрај ваквиот начин на везење, одредени делови од везот се изработувале со тенко „сузме“, при што срмените конци се вртеле на иглата и штом се извлечела иглата со конецот се добивале рељефни везови што им давале на мотивите орнаментален изглед. Слична техника била и „бурмата“, што се изведувала при самото везење, со усукување на едниот срмен конец во две нивоа; со така усуканиот конец се формирале одделни декоративни елементи од срмениот вез.

Изработените срмени везови се триеле од опачината со шише или се чукале со чеканче за да добијат подобар сјај.Д-р Киро Дојчиновски, Занаетите и еснафите во Скопје, ММ Скопје 1996, стр.74 Поврзано

Занаетчиство во Старата скопска чаршија

Наводи

Категорија:Занаети