Калиопи Букле (родена како Калиопи Буклеска; р. ) — позната и истакната македонскa уметничка, вокален изведувач, композитор и текстописец од влашка народност. Во својата татковина често е нарекувана Поп дива или Кралица на македонската поп-музика. Таа е доста позната на поранешните југословенски простори каде врвот на кариерата го достигнала во осумдесеттите. Во Македонија, таа важи за вонсериски уметник од светски калибар, кој покрај извонредните вокални способности во рамките на поп-музиката, изведува и компонира музика за филм, театар и балет.
Почетоци
Калиопи е родена на 28 декември 1966 година во Охрид, а детството го поминала во Кичево. Татко ѝ е со влашко, а мајка ѝ со македонско потекло, но Калиопи не го зборува влашкиот јазик.Чекајте! Моето време допрва доаѓа! на mmm.com.mk Ќе биде запаметена по победата на едно од првите изданија на детскиот музички фестивал Златно Славејче, во 1976 година, со песната Мојата учителка. Потоа, Калиопи го продолжува својот пат кон славата преку учеството во хорот „Развигорче“ на Запро Запров, со кој учествува на бројни турнеи во Чехословачка, Словенија, Австрија, во периодот од 1978 до 1980. Се приклучува во класата на Марија Николовска и четири години изучува соло пеење. Соло пеењето ќе биде и нејзин академски избор со запишувањето на Музичката академија во 1984, во класата на Благоја Николовски. Калиопи освоила трето место на Југословенскиот натпревар во соло пеење во 1984, каде настапила како најмлад пејач на класична музика.
Група Калиопи Својата посериозна музичка кариера ја започнала во бендот Калиопи, заедно со нејзиниот поранешен сопруг, авторот Ромео Грил. Своите први две песни - Томи и Немој да ме будиш, бендот ги снима за Македонското радио. Во почетокот, групата била ориентирана кон реализација на повеќе фестивалски настапи со цел успешно да се промовира на широкиот југословенски музички пазар. Првиот успешен сејугословенски хит кој произлезе од работата на оваа група беше Лео, чиј автор е познатиот македонски композитор Глигор Копров. Со оваа песна, на фестивалот Опатија во 1985 година, Калиопи ја добива наградата за најдобра интерпретација од страна на акредитираните југословенски новинари. Истата година, групата го добива првото место на Видео спот фестивал со песната Лето е авантура. Исто така, тие беа претставници на Југославија на Меѓународниот средоземен фестивал во Тунис, каде освојуваат второ место.
Следната година, бендот го објавува својот прв албум со назив Калиопи. Истата година учествува и на реномираниот Сплитски фестивал со песната Da more zna и добива награда за најдобар деби-изведувач на фестивалот, а самата песна е прогласена за една од најслушаните. Во 1986, групата повторно добива прва награда на Видео спот фестивал со песната Остани во мене.
Вториот албум Rodjeni излегува во 1987 година. Албумот се снима во Загреб и содржи девет дотогаш необјавени песни, меѓу кои и југословенскиот мегахит Bato (Rodzeni) на кој денес се гледа како еден од апсолутно најголемите хитови во рамките на поранешната Југославија. За неа е снимен и музички спот, режиран од Антон Марти. Останати големи хитови од времето на групата Калиопи се: Kofer ljubavi, Ostani u meni, Nebo mi sja, Bolero Lora... После тоа следуваат голем број настапи,програми ширум целиот простор на поранешна Југославија, а и голема концертна турнеја во тогашниот Советски Сојуз.Овој период од кариерата на Калиопи беше обележан со бројни награди меѓу кои: награда "Млад Борец" (1986), награда на "Вечер" за најпопуларно ТВ лице (1986), награда на "Нова Македонија" за најдобар изведувач (1986), награда на "Екран", за најдобар поп пејач во СФРЈ и Македонија (1986) и други.
По успешната промоција на многубројните фестивали, бендот објавува дека повеќе нема да има национални фестивалски учества. Единствен исклучок беше Југословенскиот Евровизиски избор во 1988 година, каде се претставија со песната Емануел и освоија 10-то место.
Во време на својата најголема популарност, Калиопи и нејзиниот поранешен сопруг и основач на групата, Ромео Грил, заминуваат во Швајцарија, со што групата се распаѓа и следи 10 годишна пауза и престанок на нивната активна музичка кариера, но сепак цело време се присутни на електронските медиуми во Македонија со своите дотогаш снимени аудио и видео материјали. Од официјалниот распад на групата во 1988 година, Калиопи одржа само еден соло концерт во Универзалната сала, во декември 1988 година.
Соло кариера и Обои ме
Калиопи во полн сјај се врати на македонската музичка естрада во 1996 година. Нејзиниот настап на Скопскиот фестивал со песната Само ти, за која освои Grand Prix, беше најава за големиот come back на естрадата.Македонската забавна музика во тој период продукциски сѐ уште беше во зародиш, па враќањето на Калиопи означуваше голем чекор напред во тој правец. Таа година, Калиопи како победник на фестивалот од кој се одбира македонскиот претставник на Песна на Евровизија, требаше да ја претставува Македонија на овој избор, меѓутоа поради наметнати контроверзни правила во полуфиналето, таа не успеа да се претстави на евровизиската сцена.
Во 1997 година, Калиопи освои Grand prix на фестивалот за забавни мелодии Еврофест, со песната Не плачи. Следната година, таа повторно учествуваше на македонскиот избор за Песна на Евровизија, со песната Не заборавај и заврши на 9 место.
Во декември 1998 година, Калиопи го објави својот прв соло албум (а трет во целокупната кариерата) Обои ме. Албумот беше снимен во Базел, Швајцарија и предизвика вистинска еуфорија во Македонија. Овој албум успеа да придобие генерациски различни почитувачи на Калиопи, бидејќи понуди нови и автентични песни, кои наидоа на широк прием кај публиката. Песната Обои ме прерасна во огромен хит, кој високо котираше на сите топ листи. Во хитови прераснаа и песните: Дај да пијам, Не плачи, Черги, Азија... Подоцна, во едно свое интервју за дневниот весник Вест, Калиопи ќе изјави: Свесна сум дека "Обои ме" беше албум кој се случи во вистинско време, вистински албум за кам бек. Македонската телевизија снима специјална емисија во која Калиопи презентира видео верзии на сите песни од албумот Обои ме.
Во овој период, Калиопи го круниса својот успех со неколку освоени награди: Буба Мара за најдобра пејачка за 1999 и 2000, како и 12 Величествени за најдобра пејачка и најдобар албум (Обои ме) за 1999 и 2000 година. Во јануари 2000 година Калиопи ја започнува својата промотивна турнеја и го пушти новиот сингл од албумот Дај да пијам, заедно со видео спот. Истата година, таа основа своја сопствена продукциска куќа - Kaliopi Music Production, која се занимава исклучиво со проекти врзани со работата на Калиопи. Во остатокот од 2000 година, таа имаше и летна турнеја, а почна да го подготвува својот втор соло албум.
Ако денот ми е ноќ
На почетокот на 2001 година, Калиопи официјално го објави својот втор албум и соработката со продуцентот, аранжер и композитор Дарко Димитров. Албумот го носи насловот Ако денот ми е ноќ и содржи 10 композиции на нејзин текст и музика и една бонус песна - преработка на старата македонска народна песна Сношти минав покрај вази. Овој албум беше полн погодок за Калиопи. На него се најдоа вонсериски композиции кои веднаш станаа апсолутни хитови: носечката Ако денот ми е ноќ, Дали ме сакаш, Месечина, За само еден ден, На пат до Македонија...
Со издавањето на нејзиниот втор соло албум се совпадна и документарниот филм Повторно Калиопи, во продукција на Македонската Телевизија, кој се емитуваше во јуни. Во јули 2001 година, Калиопи одржа unplugged концерт во античкиот амфитеатар на Хераклеја, Битола. На концертот беа присутни околу 4000 луѓе. Концертот го започна со традиционалната Сношти минав покрај вази, а потоа следеа сите нејзини хитови, кои таа ги пееше заедно со публиката.
На пат до Македонија - врв на патриотските чувства
Во екот на конфликтот во Македонија од 2001 година, Калиопи го објави видео записот на песната На пат до Македонија - композиција од нејзиниот втор соло албум Ако денот ми е ноќ. Песната им беше посветена на бројните македонски бранители кои ги дадоа своите животи за нивната татковина. Во спотот се претставени прекрасни живописни места од Македонија, а Калиопи е завиена во националното знаме. Песната ги разгоре патриотските чувства на Македонците и многу брзо се претвори во родољубива химна на македонскиот народ. Во едно свое интервју, Калиопи ќе изјави: Посакувам секој Македонец, без оглед на која националност е, а живее во Македонија и се смета како дел од оваа држава да ги почувствува зборовите и музиката како што јас ги имам почувствувано.
Во тој период, Калиопи го посети Тетово - градот кој најмногу настрада во вооружениот конфликт. Подоцна, таа го опиша чувството додека патувала за Тетово како "страотно" и дека "се чувствувала како странец во своја земја". Меѓу другото, Калиопи за ова свое искуство ќе додаде: Тоа ми даде надеж. Се симнавме до борбените линии каде имав средба со нашите безбедносни сили. Видов многу лица кои до ден денес ми се вржани во гради и нема никогаш да ги заборавам. Тоа се нечии деца, синови, браќа, татковци, кои ме прифатија буквално како сестра. По таа средба чувствував како од нивна уста да е кажано "да одиш Калиопи да го пренесеш ова што тука ни се случува, и да и кажеш на цела Македонија глас од сите нас, кажи како да е од нас кажано".
На медиумското поистоветување на оваа нејзина постапка со посетата на Мерилин Монро во Виетнам, Калиопи едноставно порача дека не била поведена од маркетинг или бизнис, туку дека ја водело длабоко чувство. Калиопи со оваа песна им порача љубов и мир на сите луѓе кои живеат во Македонија: Сакам да порачам љубов. Сакајте се, сакајте го тоа што го имате зашто предоцна е кога нештата ќе се изгубат тогаш да почнат да се сакаат. Се е кажано за бранителите, секој еден е бранител кој доволно ја сака земјата и знае да го каже вистинскиот збор на вистинско место. Никогаш нема да ја заборавам чесноста и искреноста што ја видов во очите на нашите бранители. Ја имав приликата да ги видам одблиску. Единствено да знаат дека не се сами дека сме со нив. Тие се тие, наши синови, наши браќа, наши деца, наши бранители. Не се сами и ова е најмалку што можам да го направам за нив. Зашто сепак, тие не се бранители само на Македонците во Македонија, тие се бранители и на Албанците во Македонија кои сакаат мирен живот, на секој човек од било која националност кој е жител на Македонија. Бранители на сите луќе кои го сакаат мирот во Македонија.
Потоа, во ноември 2001 година, следуваше големата турнеја наречена На пат до Македонија, во рамките на која Калиопи имаше концерти во Кочани, Гевгелија, Куманово, Велес, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица, Охрид, Радовиш, Битола и три концерти во Скопје. Истиот месец во етерот се појави и видео спотот за антологиската тема Месечина, која Калиопи му ја посвети на својот син Пако, а воедно и една од песните миленички на нејзината публика, која редовно на концертите ја пее од првиот до последниот стих.
Најмила
По бројните награди за најдобар пејач, автор, песна, лице на годината, Калиопи продолжува да реди успеси во нејзината кариера. Во 2002 година повторно учествуваше со своја авторска песна на Македонскиот избор за песна на Евровизија, но овој пат не како изведувач. Песна за нас, целосно потпишана од Калиопи, ја изведуваше младиот талентиран пејач Ѓорги Крстевски. На изборот, Калиопи пееше придружни вокали и свиреше на пијано, давајќи му ја својата поддршка на младиот пејач. Песната се пласираше на 5-тото место.
Во јули, Калиопи го реализираше својот мега популарен сингл Најмила, а веќе во октомври го објави албумот Најмила - Калиопи, Live and Unreleased. Овој албум ги содржеше нејзините најголеми хитови испеани во живо, како и две нови песни - Најмила и Заслужена земја.
Дива на македонскиот поп