Детски ткаеници — ткаеници како пелени, повои, лулки и ќулавки во Македонија. Пелените, повоите и белата шамија се сметаат за првата облека на новороденчето. Основна функција на пелените и останатите ткаеници е практична – да го заштитат бебето и да му обезбедат удобност. Истите биле прилагодени на климатските услови. Веднаш по раѓањето, детето било завиткувано во вута од мајката или бабата, а по првото капење го виткале во постилци - парчиња од стари, но чисти кошули или други крпи. Честопати, ако жената се породила надвор од дома (на нива или во поле), бебето било завиткувано во првата достапна крпа, обично престилка или скутина.

Во некои делови на Македонија, за да се осигураат машки потомци и да се заштити детето од уроци и болести, новороденчето го завиткувале во облека на таткото (гаќи или кошула). На пример, во Мариово, детето го завиткувале во татковата кошула на третата вечер од раѓањето, кога три баби изведувале ритуал – залулување над огништето за добар „к'смет“. Во кривопаланечко и кумановско, детето го повиткувале во стари алишта: пашкуљи, партаљи, додека во дебарски Дримкол користеле парталишта, такви какви што ќе се најдат, верувајќи дека мајката и детето се „нечисти“ првите 40 дена.

Материјали за изработка Најупотребувани детски ткаеници претставувале пелените за кои биле употребувани различни материјали за изработка. Повивањето на новороденчето – дете, рулче, бебе, џагурче – обично вклучувало неколку слоеви пелени: долна пелена направена од коноп или волна – повивалка, постилок и покривка. Во Скопска Црна Гора, децата биле завиткувани во конопни пелени и ставани во дрвени колевки со слама. Во Порече, процесот вклучувал волнена врвка, скутник и две пелени, додека во Дебарца внимавале при првото повиткување да бидат користени три пелени  бидејќи за бројот 3 се сметало дека има магиски својства.

Обично бабата ја преземала обврската за изработка на пелените за првото дете, додека мајката ги изработувала оние за следните деца. Се верувало дека не е добро пелените да се исткаат пред да започне бременоста, бидејќи тоа можело да предизвика јаловост. Економската состојба на семејството диктирала колку пелени ќе бидат подготвени, но најмалку пет се сметале за неопходни.

Постоеле два типа на пелени: едните биле за повивање, а другите за покривање на детето. На почетокот се ткаеле од коноп и лен, а подоцна главно од волна. Често се комбинирале и со памук. Материјалот за ткаење технолошки се обработувал исто како и за останатите ткаеници: перење на волната, влачење на гребенци, предење, бојадисување со природни бои, сновање, навивање, воведување и ткаење. Се ткаеле со различни техники: лито ткаење со совалка, со прсти, со штичка или вадено со игла. Дводиплените пелени биле сошиени на средина, а украсните рабови биле нарекувани различно во различни краишта: „чатма“, „р’бче“, „цеп“, „кривуљка“ и сл.

Орнаментика и колорит Орнаментика и колоритот на пелените биле разновидни. Пелените за повивање како долњача, повивалка и др., обично биле со едноставна орнаментика и темни бои, додека оние за покривање, како згорњача, горњача, покирач, килимче, покривачка, тене, веленце, имболиче и др. биле поголеми, со посложена декорација и светли бои.

Пелените на почетокот биле еднобојни и без орнаменти. Подоцна се јавува линеарната права шарка која станала основен орнаментален мотив и имала повеќе различни имиња: штампа, тафки, препашка, прачки, дугучки, фрги, редеша, прошар и др. Орнаментиката вклучувала и други различни мотиви: геометриски – цик-цак линии, ромбови, квадрати, триаголници; растителни – лалиња и јаболка; и зооморфни – птици, желки и мечки. Овие мотиви биле симетрично распоредени, најчесто долж рабовите.

Поради техниката на ткаење, декорациите биле благо релјефни и изразито декоративни. Кај некои пелени, украсите биле присутни само на еден крај, кој секогаш се поставувал кај главата на детето. За разлика од другите видови ткаеници, орнаментите на пелените имале не само естетска, туку и симболична и заштитна улога.

Се верувало дека орнаментите ги штитат децата од уроци, завид и „лоши очи“, и претставувале одбрана од погледите на постарите кои пак имале магична моќ да ја одземат нивната сила и енергија. Посебна заштитна функција имале килимастите прсти (Скопска Црна Гора), волчјата шепа (Мариово) и кокошкината нога (исламизирани Македонци), Дополнително, пелените, особено нивните рабови, биле украсувани со тантели, реси, монисти и стари пари за да ги одвратат лошите сили.

Оваа традиција на домашно ткаени пелени и повои постепено исчезнала во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, кога индустриските материјали станале почести, како на пример порхетот.

Повои, лулки и ќулавки Покрај пелените во состав на детските ткаеници влегуваат и повоите, лулките и ќулавките. Повојот бил плетен од волна а се нарекувал и фаше или п’рк’зон. Бојата и украсите во некои делови на Македонија имале симболично значење, на пр., сино-црвено за момчиња, бело-црвено за девојчиња. Карактеристичен е црниот повој со апотропејска моќ, кој се сретнува само во две села во Македонија: Горно Врановци и Мелница, населени со исламизирано македонско население.

Лулките познати и како љука, љуљка, лег’н, цадилка, имале правоаголна форма и биле ткаени од волна и памук со линеарни орнаменти. Се користеле за носење на детето на грб или за лулање. Особено биле погодни за мајката – доилка која била приморана да го носи детето со себе кога имала работа надвор од куќата, на пр. на поле, на нива и др.

Ќулавката, пак, била зимска покривка за глава, украсена со реси и сребрени пари. Со оваа покривка која се викала и капучка или цуцка го завиткувале детето кога го изнесувале надвор и таа се употребувала на возраст од една до три години. Најчесто била украсена со геометриски орнаменти и при тоа се внимавало мотивите да имаат магиско-заштитна функција.

Наводи

Категорија:Ткаење Категорија:Македонски обичаи