Аврора Акснес (норвешки: Aurora Aksnes; родена на 15 јуни 1996), позната како Аврора (Aurora, стилизирано со сите големи букви) ― норвешка пејачка, текстописец и продуцент. Живот и кариера Аврора е родена на 15 јуни 1996 година во Ставангер, како најмала од трите ќерки на на нејзините родители. Првите три години ги поминала во Хеле, мал град во кој нејзините родители живееле 15 години. Подоцна семејството се преселило во малото село Дранге, сместено во шумите на планината Ос, во општината Хордаланд, во близина на Берген. Аврора за ова место рекла: „Речиси нема автомобили, а патиштата се мали и нерамни, и има многу дрвја насекаде; многу е тивко, а интернетот е лош“. Таа го споредила и со измислената земја Нарнија.

Почнала да свири пијано кога имала шест години. На деветгодишна возраст, таа почнала да пишува песни. Таа рекла дека во тоа време била под влијание на музичари како: Леонард Коен, Боб Дилан, Ења и The Chemical Brothers.

Според Аврора, првата песна што ја напишала била под наслов „The Lonely Man“. Пред да започне со музичка кариера работела во пица-ресторан. Во оваа фаза од нејзиниот живот напишала неколку песни. Една од нејзините први композиции била „I Had a Dream“, која се однесувала на тоа колку тежок може да биде светот. Снимката од нејзината песна „Puppet“ (која првично била направена како божиќен подарок за нејзините родители) без нејзина дозвола била поставена на интернет, и Аврора била забележана од претставник на агенцијата Artists Made Management и тој на почетокот од 2013 година ја поканил на состанок во нивната канцеларија. За неколку часа, двете песни добиле илјадници прегледи во Норвешка, а Аврора стекнала база на обожаватели на Фејсбук. мини| Аврора на фестивалот Green Man во 2015 година Аврора сама ја објавила песната „Puppet“ како нејзин деби-сингл во декември 2012 година под нејзиното родено име. Нејзиниот втор сингл, „Awakening“, бил објавен во март 2014 година, и бил нејзин прв сингл објавен под уметничкото име Аврора. Нејзиниот трет сингл „Under Stars“ (ноември 2014) бил прв сингл издаден од нејзините издавачки куќи Glassnote Records и Decca Records, со кои претходно потпишала договор. Таа била пофалена од критичарите во Европа и САД, а тие особено го фалеле нејзиниот глас. Нејзиниот следен сингл „Runaway“ бил објавен во февруари 2015 година и го привлекол вниманието од пејачките Кети Пери и Троја Сиван.

Нејзиниот следен сингл „Running with the Wolves“ бил објавен во април 2015 година, а спотот за песната бил објавен два месеци подоцна. Песната го привлекла вниманието на BBC Radio. Песната се нашла на нејзиното прво EP. Running with the Wolves, објавено во мај 2015 година. Аврора настапила и на концертот за Нобеловата награда за мир во 2015 година.

Во март 2016 година таа го издала нејзиниот прв албум, All My Demons Greeting Me as a Friend. Албумот добил генерално позитивни критики од критичарите. По објавувањето на албумот, Аврора заминала на меѓународна концертна турнеја која започнала во Австралија и траела повеќе од една година.

Нејзиното второ EP Infections of a Different Kind (Step 1) (2018) било прв дел од дводелниот албум, а вториот дел бил нејзиниот втор студиски албум, A Different Kind of Human (Step 2) (2019). На 12 април 2019 година, Аврора придонела со три песни за деветтиот албум од The Chemical Brothers, No Geography.

На 4 ноември 2019 година, бил објавен саундтракот за анимираниот филм Снежното Кралство 2, на кој Аврора пеела придружни вокали на песната „Into the Unknown“. На 9 февруари 2020 година, таа ја извела оваа песна на 92-то доделување на Оскарите. Таа ја објавила нејзината соло-верзија од оваа песна на 3 март 2020 година.

Нејзиниот трет студиски албум The Gods We Can Touch бил објавен на 21 јануари 2022 година.

What Happened to the Heart? е четвртиот студиски албум на Аврора, кој според нејзината објава на Инстаграм треба да биде објавен на 7 јуни 2024 година.

Личен живот мини| Аврора за време на приватна презентација на Rough Trade East во Лондон (јуни 2019 година) Аврора живее во Берген, но редовно ги посетува нејзините родители во нејзиниот роден град Ос.

На рана возраст доживеала загуба на неколку најблиски. По смртта на близок пријател, 11-годишната Аврора почнала да пелтечи, нарушување кое ја натерало да го научи знаковниот јазик.

Себеси се смета за интровертна личност.

Таа е бисексуалка. Претходно се идентификувала со неозначената заедница.

Дискографија

All My Demons Greeting Me as a Friend (2016) A Different Kind of Human (Step 2) (2019) The Gods We Can Touch (2022) What Happened to the Heart? (2024)

Библиографија

Богови кои можеме да ги допреме (2023)

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Родени во 1996 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Норвешки пејачи Категорија:Норвешки пејачки Категорија:Норвешки текстописци Категорија:Синт-поп-пејачи Категорија:ЛГБТ-пејачи Категорија:Арт-поп-пејачи Категорија:Електронски музичари