мини|Климе Садило фотографиран со неговиот оркестар кон 1950те години. Од лево на десно: Наум Курте - виолина, Климе Садило - виолина, Паско Пепелко - лаута, Кирил Кузманоски - виолина и Димче Карче - лаута. Климе Садило (1880-1965) бил македонски музичар од Охрид кој дејствувал во периодот од 1905 до неговата смрт во 1965 година. Садило свирел на виолина, покрај тоа свирел и на ут. Своето школување го започнал во Битола кај семејството Лозанчеви, каде ја купил и својата виолина. Во 1905 година, на свадба во Битола каде свирел со својот татко Григор и со уште еден дајреџија, се охрабрил да ја испее песната "Надеваш ли се султане, на пролет комити да дојдат", по што бил уапсен од турските заптии и лежел во затвор една година. Следната година, во 1906, Садило ја оформил и својата тајфа "Такамот на Садиловци", по ослободувањето преименувана во "Охридски Трубадури". Садиловци биле третата генерација на охридски свирачи, пред нив дејствувала тајфата на Климе Курте, и пред нив тајфата на Ангеле Караѓуле. Во 1959 година, Садиловци издале лонг-плеј плоча на Бродвеј насловена "Macedonian Folk Songs and Dances". А подоцна, во 1961 година, објавуваат и уште една, овој пат сингл плоча насловена "Frosina sedit na vrata" за дискографската куќа Југотон.