Џон Лок (; 29 август 1632, Рингтон, Англија - 28 октомври 1704, Есекс, Англија) — англиски филозоф и лекар, претставник на емпиристичката филозофија, предвесник на просветителството и често нарекуван „татко на либерализмот“.Hirschmann, Nancy J., Gender, Class, and Freedom in Modern Political Theory, Princeton University Press, Princeton, 2009. p. 79Sharma, Urmila & Sharma, S.K., Western Political Thought, Atlantic Publishers, Washington, 2006, p. 440Korab-Karpowicz, W. Julian, A History of Political Philosophy: From Thucydides to Locke, Global Scholarly Publications, New York, 2010, p. 291 Пред сè, Лок е познат како еден од најзначајните англиски емпиристи, по традиција на Френсис Бејкон, но е подеднакво значаен и познат по теоријата за општествен договор. Неговите дела имаат огромен придонес во полето на теоријата на познанието и политичката филозофија. Волтер, Русо, многу шкотски просветители, како и американски револуционери се под големо влијание на политичките идеи на Лок.

Согледбите на Лок во однос на умот честопати се земаат за појдовна точка во современите поимања на идентитетот и себството, но и во делата на подоцнежни филозофи како Хјум, Русо и Кант. Лок е првиот да го дефинира себството како продолжение на свеста. Според него, на раѓање умот е празна страница или tabula rasa. Наспроти картезијанското гледиште кое верува во веќе-постоечки идеи во умот, според Лок во умот нема преходно дадени, вродени идеи, односно човечкото познание произлегува од сетилното восприемање.

Животопис Џон Лок се родил во истата година како уште еден голем филозоф - Барух Спиноза. Во детството и младоста бил сведок на бурните револуционерни промени во Англија. Неговиот татко, правник и пуританец, како офицер на револуционерната војска, активно учествувал во граѓанската војна. За тоа време, Џон Лок учел во училиште во Вестминстер (1646-1653), а потоа и на Универзитетот во Оксфорд (1653-1657), каде по завршувањето на студиите останал да работи како еден вид асистент по старогрчки јазик и реторика, а подоцна и по морална филозофија. За време на неговото студирање, во Оксфорд преовладувала схоластичката филозофија, но Лок чувствувал одбивност кон неа и ги претпрочитал нововековните филозофски дела (Бекон, Декарт, Хобс), како и природните науки (хемија, експериментална физика и медицина). Таму, тој се запознал и со славниот хемичар Роберт Бојл и со лекарот Сиденхам, кои се залагале за примена на емпириските методи во истражувањето.

Додека Лок студирал во Оксфорд, во Англија дошло до реставрација на монархијата. На почетокот, Лок бил приврзаник на монархијата, но подоцна им се приклучил на виговците (претставници на буржоазијата и новото благородништво), кои се залагале за ограничување на кралската власт. Големо влијание врз политичките погледи на Лок имало познанството со баронот Ешли (кој подоцна станал лорд Шефтсбери) во 1666 година. Долго време Лок бил семеен лекар на семејството на баронот Ешли, воспитувач на неговиот најстар син, како и секретар и советник на баронот. Кога во 1672 година, Ешли станал лорд-канцелар, Лок добил висока државна функција, но во 1675 година, морал да се повлече поради тоа што неговиот ментор паднал во немилост на кралот. Оттука, во 1675 година, Лок заминал во Франција, од каде се вратил по четири години. Во 1682 година, гонет од реакционерните сили, лордот Шефтсбери морал да побегне во Холандија, каде што умрел следната година, а неколку месеци по неговата смрт, и Лок пристигнал во Холандија, каде живеел пет години.

Во 1688 година, виговците се спогодиле со ториевците и го повикале холандскиот крал Вилим III Орански да седне на англискиот престол. Така, тој дошол во Англија, а стариот крал, Џејмс II, морал да побегне во Франција. Со промената на власта (во историјата позната како „Славната револуција“), заедно со бродот во која патувала жената на новиот крал, во Англија се вратил и Лок. Оттогаш, тој живеел спокојно и исполнет со почит и признание: понуденото место на амбасадор го одбил поради здравствени причини, но прифатил некои помали функции; а во 1691 година се преселил на селскиот имот на своите пријатели во близината на Лондон, каде што починал во 1704 година.„John Locke“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 53-55.

Онтолошкото учење на Лок Онтолошките погледи на Лок се дадени во неговото главно дело „Есеј за човековиот разум“ (An Essay Concerning Human Understanding) од 1690 година, како и во помалото дело „За управувањето со разумот“ (On the Conduct of the Understanding). Така, уште во воведот на „Есејот за човечкиот разум“, Лок најавува дека во него ќе го истражува „потеклото, сигурноста и обемот на човековото сознание, заедно со темелите и степените на верувањето, мислењето и согласувањето“. Притоа, тој нагласува дека не планира да ги проучува спекулациите за суштината на духот и неговиот однос кон телото, туку сака да проучи како духот доаѓа до знаењето, до каде допира знаењето и кои се степените на верувањата и мислењата за нештата за кои немаме сигурни знаења.„John Locke“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 56.

Според Лок, проучувањето на познанието има голема практична вредност, зашто ако ги познаваме границите на нашиот разум, ќе можеме подобро да го употребуваме, т.е. наместо да го бараме она што не може да се разбере, нашите сили ќе ги насочиме кон она што можеме да го осознаеме. Исто така, разграничувањето помеѓу она што може и она што не може да се осознае претставува заштита од скептицизмот и разочарување при истражувањето. Притоа, Лок тврди дека независно од тоа колку човековиот разум „заостанува зад универзалното и совршено сфаќање на сето постоечко“, тој е доволен за нашите животни потреби, за осознавањето на Бога и за нашите морални обврски. Поставувајќи ги овие проблеми, Лок се јавува како основач на теоријата на познанието, бидејќи тој бил првиот филозоф кој јасно го издвоил проблемот на сознанието како посебен филозофски проблем.„John Locke“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 57.

Критика на теоријата на вродeни идеи Проучувањето на човековиот разум, Лок го започнува со критика на теоријата на вродените идеи, дадена во првата книга на „Есејот за човечкиот разум“. Имено, според приврзаниците на оваа теорија, во разумот постојат некои први принципи, вродени идеи, примарни поими кои душата ги носи со себе уште при раѓањето на човекот. На тоа, Лок одговара дека дури и да постојат некои општоприфатени принципи и идеи со кои се согласуваат сите, тоа не е доказ дека тие се вродени во нас, зашто согласноста може да се постигне и на друг начин. Меѓутоа, дури и некои очигледни принципи (на пример законот за идентитет или законот за непротивречност) не се општо познати, бидејќи тие не им се познати на децата и на идиотите. Понатаму, Лок го негира и тврдењето дека вродените идеи постојат, но духот не е свесен за нив (како кај идиотите), зашто ако идеите постојат во духот, тој не може да не знае за нив, т.е. не може духот да знае за едни идеи, а да не е свесен за други.

Исто така, тој тврди дека токму оние идеи за кои најчесто се истакнува дека се вродени (како законот за идентитет), воопшто не можат да се докажат со разумно заклучување. Освен тоа, искуството покажува дека во текот на човечкиот живот, разумот најпрвин ги запознава поединечните идеи, а дури подоцна, кога човекот ќе созрее, разумот стекнува општи идеи. По критиката на вродените примарни идеи, Лок продолжува со критика на вродените практични принципи. Така, тој истакнува дека ниту еден морален принцип не е толку општоприфатен за да се смета дека е вроден. На пример, разни народи имаат различни морални принципи, па дури и еден ист народ со текот на времето има различни морални принципи. Најпосле, ниту идејата за Бога не е иста кај сите луѓе, а кај некои луѓе таа воопшто не постои, па ниту таа идеја не може да биде вродена.„John Locke“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 58-60.

Потеклото на сознанието Заклучокот од првата книга на „Есејот за човечкиот разум“ е дека не постојат никакви вродени идеи, туку човечката душа претставува празна, неиспишана табла (tabula rasa). Во втората книга на „Есејот за човечкиот разум“, Лок дава одговор на прашањето од каде произлегуваат идеите. Во таа смисла, тој вели: „Nihil est in intellectu quod antea non fuerit in sensu“ (Нема ништо во интелектот што претходно не било во сетилата). На тој начин, Лок се смета за основач на теоријата на познанието и на емпиристичката филозофија. Тврдејќи дека искуството е извор на идеите, Лок не порекнува дека и разумот има одредена улога во сознанието. Имено, разумот поседува два вида идеи: едноставни и сложени. Едноставните идеи ги добива како готови од искуството и при нивното примање тој е пасивен, т.е. не може да ги создаде, промени или уништи „исто како што ни огледалото не може да ги одбие, промени или избрише сликите кои ги произведуваат предметите поставени пред него“. Меѓутоа, разумот со својата активност, преку комбинирање на едноставните идеи, ги создава сложените идеи. Значи, разумот може да ги составува, разделува, споредува и комбинира едноставните идеи, но нема никаква улога во создавањето на тие први елементи на сознанието.

Искуството како извор на едноставните идеи, Лок го дели на: надворешно искуство, осет или сензација (sensation) и внатрешно искуство, размислување или созерцание (reflection). Притоа, од надворешното искуство потекнуваат нашите идеи за надворешните објекти, додека од внатрешното искуство потекнуваат идеите за активностите на нашиот дух. Едноставните идеи, Лок ги дели на четири категории, во зависност од тоа дали разумот ги прима: 1) со едно сетило (боја, звук, мирис итн.), 2) со повеќе сетила (простор, облик, мирување, движење), 3) со созерцание (мислење, желба) или 4) созерцание и осет (радост, задоволство, болка, сила итн.). Лок посветува посебно внимание на разработката на првите два вида идеи, кои потекнуваат од дејството на надворешните предмети врз сетилата, но меѓу нив има голема разлика. Едноставните идеи кои ги добиваме од повеќе сетила претставуваат слика на примарните квалитети, т.е. на реалните својства на предметите (големина, облик, движење итн.). Идеите кои ги добиваме преку едно сетило се само идеи на секундарните квалитети, односно одраз на способноста на предметите со своите примарни квалитети да предизвикуваат кај нас различни осети. Оттука, според Лок, секундарните квалитети не се целосно субјективни, туку во нивната основа лежат примарните квалитети, кои пак се објективни. Поради тоа, секундарните квалитети се второстепени, зашто самите по себе тие не се ништо и нашите идеи за нив не можат да им бидат слични. Со други зборови, примарните квалитети се апсолутни својтва на предметите без кои тие не може да постојат, додека секундарните квалитети се само релативни својства на предметите, кои се појавуваат само во одредени односи.

Својата теза за субјективноста на секундарните квалитети, Лок ја докажува преку два аргументи: првиот се однесува на релативноста на нашите идеи за тие квалитети. На пример, еден сад со вода некому може да му изгледа топла, а на друг може да му биде студена. Бидејќи водата не може истовремено да биде и топла и студена, произлегува дека топлото и студеното се само наши субјективни осети. Вториот аргумент се однесува на поврзаноста на осетните квалитети со одредени емоционални состојби, кои се субјективни. На пример, топлината предизвикува чувство на удобност, а тоа чувство е субјективно.„John Locke“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 61-65.