мини|Уметничка слика на Месечината за време на Доцното Тешко Бомбардирање (горе) и денес (долу) Доцното тешко бомбардирање (ДТБ) или месечева катаклизма е претпоставен настан за кој се мисли дека се случил пред приближно 4,1 до 3,8 милијарди години, во ерите на неохадејот и еоархаикот на Земјата. Според хипотезата, во ова временско доба, огромен број на астероиди се судриле со младите земјовидни планети во внатрешниот Сончев Систем (Меркур, Венера, Земјата и Марс). Ова се случило поради присуство на тела создадени на процесите на насобирање и поради планетарна нестабилност на голем број тела во Сончевиот Систем. Иако оваа теорија е општоприфатена, сепак тешко е да се понудат непобитни докази.
Докази за ДТБ има во примероците од Месечината донесени од астронаутите во Аполо мисиите. Преку испитување на датирањето на изотопите (одредување на старост на материјалите преку односот на радиоактивните изотопи во нивниот состав) на карпите од Месечината се заклучило дека сударите се случиле во прилично краток временски интервал. Неколку хипотези се обидуваат да го објаснат зголеменото присуство на ударни фактори (т.е. астероиди и комети) во внатрешниот Сончев Систем во тоа време, но сè уште нема консензус. Моделот Ница, популарен меѓу планетарните научници, претпоставува дека џиновските планети се преселиле и, притоа, ги растроиле телата во астероидниот појас и во Кајперовиот Појас во ексцентрични орбити и на орбиталната патека на земјовидните планети. Други научници тврделе дека податоците од месечевите примерци не укажуваат на настан по кој би се создале катаклизмични кратери пред околу 3,9 милијарди години, туку дека примероците се земени во близина на еден голем ударен басен кој настанал во тоа време. Тие, исто така, забележувале дека стапката на кратерски удари може значително да се разликува помеѓу надворешната и внатрешната зона во Сончевиот Систем.
Доказ за катаклизма Доказот за катаклизмата на Месечината претежно доаѓа од радиометрискито датирање на стопените карпи од ударот кои биле земени за време на мисиите од Аполо програмата. Се верува дека поголемиот дел од овие стопени карпи настанале за време на судирот со астероиди или комети со пречник од десетици километри, при што се формирале ударни кратери со пречник од стотици километри. Местата на кои слетувале Аполо 15, 16 и 17 биле избирани на тој начин за да бидат во близина на басените Имбриум, Нектарис и Серенитатис, соодветно.
Очигледно било дека староста на овие стопени карпи е помеѓу приближно 3,8 и 4,1 милијарди години, што довело до заклучок дека за ова време Месечината била интензивно бомбардирана. Овој период е наречен „месечева катаклизма“ и предложиле дека тогаш била драматично зголемена стапката на бомбардирање на Месечината. Ако стопените карпи потекнуваат од овие три басени, тогаш не само што овие три познати ударни басени се формирале во краток временски интервал, туку врз основа на стратиграфски анализи се испоставило постоењето на многу други такви басени. Во тоа време, заклучокот се сметал за контроверзен.
По прибавувањето на повеќе податоци, особено од месечевите метеорити, оваа хипотеза, иако сè уште била контроверзна, станала попопуларна. Се верува дека месечевите метеорити треба да се земаат по случаен избор од површината на Месечината, а барем некои од нив би требало да потекнуваат од места подалеку од местата на слетување на Аполо. Многу момирокични месечеви метеорити веројатно потекнуваат од далечната страна на Месечината, а по стопените останки во нив е установено дека потекнуваат од неодамна. Староста на примероците земени од кратерите не надминува приближно 3,9 милијарди години, што одело во прилог на оваа хипотеза. Сепак, староста на примероците не е групирана во тој период (3,9 милијарди години) туку се протега во временска рамка од 2,5 до 3,9 милијарди години.
Датирањето на ХЕД метеоритите (хауардит, еукрит и диогенит) и Х хондрит метеоритите кои потекнуваат од астероидниот појас се со старост од 3,4 до 4,1 милијарди години. Староста од 3,4 до 4,1 милијарди години се толкува дека претставува зголемување на брзините на ударот, бидејќи компјутерските симулации при кои се користел хидрокод откриваат дека количината на стопени карпи се зголемува за 100 до 1.000 пати затоа што се зголемува забрзувањето при ударот од сегашниот просек на астероидниот појас од 5 km/s до 10 km/s. За да има брзина на удар од преку 10 km/s потребни се многу високи наклони или голема ексцентричност на астероидите кои ги пресекуваат орбитите на планетите. Ваквите тела се ретки во сегашниот астероиден појас, но нивното присуство би било значително зголемено ако се изземат резонанциите на џиновската планета поради планетарната миграција.
Истражувањата за распоредот на големите кратерите на повисоките места наведуваат дека истата фамилија од проектили ги погодила Меркур и Месечината за време на Доцното Тешко Бомбардирање. Ако распаѓањето на доцните тешки бомбардирања на Меркур соодветствува со распаѓањето на доцното силно бомбардирање на Месечината, најмладиот голем басен на Меркур - Калорис, може да се споредува со возраста на најмладите големи месечеви басени, Ориентал и Имбриум, и сите рамнински единици се постари од 3 милијарди години.
Критика на хипотезата за катаклизма Додека хипотезите за катаклизма стануваат сѐ попопуларни, особено меѓу динамичарите кои ги одредиле можните причини за таквиот феномен, тие се многу контроверзни и се засноваат на дискутабилни претпоставки. Има две главни критики кон оваа хипотеза: дека старосната група на примероците може да биде последица од тоа што се земаат примероци од еден басен и дека тоа што нема од удар стопени карпи постари од околу 4,1 милијарди години може да значи дека сите такви примероци се сториле прав или дека нивната старост е ресетирана.
Првата критика се однесува на потеклото на земени примероци од стопени карпи, кои биле земани од местата на слетување на Аполо. Иако се смета дека примероците се земани од најблискиот басен, се тврди дека голем дел од нив би можело да потекнуваат од басенот Имбриум. Ударниот басен Имбриум е најмладиот и најголемиот меѓу басените со повеќе прстени кои се наоѓаат во средината од блиската страна на Месечината, а квантитативното моделирање покажало дека значителни количини на исфрлен материјал од овој настан треба да бидат присутни на сите места на кои слетал Аполо. Според оваа алтернативна хипотеза, тоа што групата од стопени карпи е стара околу 3,9 милијарди години е поради тоа што материјалот се насобрал на едно место (Имбриум) од еден ударен настан, а не од неколку различни удари. Други критики, исто така, тврдат дека старосниот шпиц од 3,9 милијарди години, одреден со датирањето на 40Ar/39Ar, исто така, можел да настане од раното создавање на кора проследено со делумни загуби на 40Ar, а стапката на удар се намалувала.
Втората критика се однесува на тоа што не можат да се најдат стопени карпи од удар кои се постари од околу 4,1 милијарди години. Една претпоставка на ова гледиште според кое немало катаклизма е дека навистина има стари стопени карпи, но дека нивната радиометриска старост е ресетирана од континуираните ефекти на ударните кратери во последните 4 милијарди години. Исто така, можно е сите овие наводни примероци (од стари стопени карпи) да се раситниле до многу мали димензии така што од нив е невозможно да се определи староста со користење на стандардни радиометриски методи. Најновата реинтерпретација за бројот на кратерите наведува дека бомбардирањето на Месечината и на Марс можеби било помало. Така, бројот на кратери може да се објасни и без одреден шпиц на бомбардирање на внатрешниот Сончев Систем.
Геолошки последици на Земјата Доколку навистина имало катаклизмично бомбардирање на Месечината, тогаш и Земјата би била погодена. Екстраполацијата на стапките на месечеви кратери на Земјата во ова време наведува дека би се формирал следниот износ на кратери:
преку 22.000 ударни кратери со пречник поголем од 20 км, околу 40 ударни басени со пречник од околу 1000 км, неколку ударни басени со пречник од околу 5000 км,
Пред формулирањето на хипотезата за ДТБ, геолозите генерално претпоставувале дека Земјата останала стопена до пред околу 3,8 милијарди години. Датирањето (одредена со радиодатирање) на најстарите познати карпи од целиот свет никогаш не го надминува овој период и се чини дека претставува „точка на пресек“ преку која не може да се најдат постари карпи. Датирањето на карпите на Земјата останало прилично константно дури и при различните методи за датирање, вклучувајќи го и системот кој се смета за најпрецизен и најмалку погоден од околината, датирањето со ураниум-олово на цирконите. Затоа што не можело да се најдат постари карпи, генерално се претпоставувало дека Земјата била стопена до овој период, кој е границата помеѓу раниот хадејски и подоцнежниот архејски еон. Но, во 1999 година, најстарата позната карпа на Земјата била датирана на пред 4,031 ± 0,003 милијарди години и е дел од Акаста Гнајс на Ропскиот Кратон во северозападна Канада.
Сепак, може да се најдат постари карпи во форма на делови од астероиди кои паѓаат на Земјата како метеорити. Како карпите на Земјата, и астероидите исто така имаат остра граница од околу 4,6 милијарди години, што се претпоставува дека е времето кога се формирале првите цврсти материи во протопланетарниот диск околу тогаш младото Сонце. Хадеј бил временскиот период помеѓу формирањето на овие рани карпи во вселената и евентуалното зацврстување на Земјината кора, околу 700 милиони години подоцна. Тогаш се случило насобирањето на планетите од дискот и бавното ладење на Земјата во цврсто тело додека се ослободувала гравитациската потенцијална енергија од насобирањето.
Подоцнежните пресметки покажале дека стапката на колапс и ладење зависи од големината на карпестото тело. Оваа стапка пресликана на објект со маса на Земјата навела на многу брзо ладење, за кое биле потребни само 100 милиони години.Lithosphere-Hydrosphere Interactions on the Hadean (>4 Ga) Earth, covers many of the Hadean issues and timelines in depth
ДТБ нуди можно објаснување за оваа аномалија. Според овој модел, карпите кои датираат од пред 3.8 милијарди години се стврднале дури откако голем дел од кората била уништена од ДТБ. Акаста Гнајс во северноамериканскиот кратонски штит и гнајсевите во делот на Џек Хилс на Нариер Гнајс Теран во Западна Австралија се најстарите континентални фрагменти на Земјата, но сепак се чини дека датираат по ДТБ. Најстариот минерал досега датиран на Земјата, циркон од пред 4,404 милијарди години од Џек Хилс, му претходи на овој настан, но веројатно е фрагмент од кора оставен од пред ДТБ, во составот на многу помлада (~ 3,8 милијарди години стара) карпа.
Цирконот од Џек Хилс довел до подобро разбирање на Хадејскиот еон.Revising Earth's Early History Постарите наводи најчесто покажуваат дека Земјата во Хадејот била со стопена површина и испакнати вулкани. Самото име „Хадеј“ се однесува на „пеколните“ услови за кои се претпоставувало дека постоеле на Земјата за тоа време; според богот на подземниот свет Хад. Датирањето на цирконот наведувал, иако контроверзно, дека површината во Хадеј била цврста и покриена со кисели океани. Ваквата претстава произлегува од присуството на одредени изотопски соодноси кои наведуваат на хемиски реакции со присуство на вода одредено време пред формирањето на најстарите карпи (види Ладна рана Земја).