Хаџи Мурат () е новела од Лав Толстој пишувана од 1896 до 1904 година, а објавена постхумно во 1912 година. Главниот протагонист е Хаџи Мурат, командант на аварските бунтовници, кој поради лична одмазда склучува сојуз со Русите против кои претходно се борел.
Инспирација Толстој го пишува делото во нарушено здравје, а според подоцнежните писма пишувањето на ова дело му дало краток и последен момент на енергичност. Додека авторот се борел со неминовната смрт, со долготрајни медитации успева да ја заврши книгата, иако немал намера да ја објави, туку се грижел само да ја доврши. Отпорот на главниот лик е главна тематика во новелата, но можат да се сретнат и многу други идеи, како детерминизмот; што е повторување на идејата од „Војна и мир“. Многу повоочлива тематика е борбата меѓу христијанска Русија и муслиманскиот Кавкаски Имамат, традиционалната борба на западот против истокот - тематика од руската историја и многу други раскази и романи.
Делото има сличности со делото на Александар Пушкин „Капетановата ќерка“ затоа што е реалистичко дело засновано на вистински луѓе и настани и има сличен тек, иако главните ликови немаат ист крај. Толстој користел материјали од руските архиви, вклучувајќи го и досието за животот на Хаџи Мурат.
Историски контекст Толстој, приказната ја сместува на Кавкаските планини во средината на 19 век во Русија. Во тоа време, руската војска сакала да ги освои овие предели, борејќи се против чеченско-дагестанската војска. Делото „Хаџи Мурат“ е поврзано и личните искуства на Толстој во армијата. Во 1851 г., му напишал на брат му: „Ако сакаш да ми кажеш новост... можеш да речеш дека извесен Хаџи Мурат пред неколку дена се предал на Руската Влада. Тој беше главниот јунак и најбестрашен во цела Чеченија, но беше натеран да го направи ова лошо дело“.Wheeler, Edward Jewitt, and Frank Crane. Current Opinion. Vol. LII. New York: Current Literature, 1912. Print.
Во книгата се опишуваат случките од кавкаската и руската борба во која беа вклучени и Толстој и Хаџи Мурат. Иако е пишувана по педесетина години откако настаните се случиле, Толстој успешно ја отсликува руската цивилизација на времето. Ги прикажува разликите помеѓу бирократското трулење и здравиот страствен живот на еден планинец.Woodward, James B.. “Tolstoy's "hadji Murat": The Evolution of Its Theme and Structure”. The Modern Language Review 68.4 (1973): 870–882. Web…
Содржина Новелата се состои од 25 глави. Во предговорот, раскажувачот нѐ воведува во приказната со коментар за прегазениот, но сѐ уште жив магарешки трн во полето (симболика за главниот лик), по што почнува да ја раскажува приказната за Хаџи Мурат, славен и прочуен сепаратистички герилец кој по кавгата со својот командант преминува на руската страна, со надеж дека така ќе си го спаси семејството. На почетокот од приказната, кон крајот на 1851 година, Хаџи Мурат и двајца негови соборци бегаат од имамот Шамил, водачот на кавкаските сепаратисти кој војува против Русите. Бегалците засолнуваат во куќата на Садо, лојален другар на Мурат. Мештаните дознаваат за тоа и го бркаат од селото. Неговиот поручник стапува во контакт со Русите, кои му ветуваат дека ќе го пречекаат Мурат. Доаѓа во тврдината Воздвиженскаја за да им се приклучи на руските сили, со надеж дека ќе ја добие нивната поддршка за да го собори Шамил и да го спаси своето семејство. Пред да пристигне, Петруха Авдеев, млад руски војник, умира во локалната воена болница откако бил застрелан во пресметка со чеченските и дагестанските планинци крај тврдината. Толстој посветува едно поглавје за Петруха: без деца, тој доброволно се пријавил како регрут наместо брат му кој имал семејство. Таткото на Петруха се кае за ова, зошто Петруха бил работлив, за разлика од брат му.
Во Воздвиженскаја, Мурат се спријателува со кнезот Семјон Михајлович Воронцов, син на кралскиот намесник, неговата сопруга Марија и син му, и добива благонаклоност од војниците стационирани таму. Восхитени од силата и славата, тие уживаат во неговото друштво, а Воронцови му подаруваат часовник. По пет дена по доаѓањето на Мурат, пристигнува аѓутантот Михаил Лорис-Меликов со наредба да ја запише приказната на Мурат. Така читателот дознава дел од неговиот живот: роден е во селото Целмес и уште како мал бил во контакт со месните ханови затоа што мајка му била дадилка-доилка кај кралското семејство. Кога имал 15 години, во селото дошле муридисти и повикале на света војна (газават) против Русија. Мурат прво одбил, но откако му објасниле како ќе се води, колебливо прифатил. Шамил тогаш бил поручник кај муслиманите кои се бореле против Русите. Гамзат (нивниот водач) го напаѓа Хунзах (главниот град на Аварското Ханство) и ги убива проруските ханови, со што ја презема контролата врз овој дел од Дагестан. Колењето на хановите ги врти Хаџи и брат му против Гамзат, и тие успеваат да го намамат и убијат, а неговите следбеници успеваат да избегаат. Сепак, во обидот е убиен братот на Мурат, додека Шамил го заменува на Гамзат како водач на муслиманите. Шамил го повикува Мурат да им се приклучи во борбата против Русите, но Мурат одбива бидејќи крвта на неговиот брат и хановите е на дланките од Шамил.
Штом Мурат им се придружил на Русите, тие го сметаат за совршена алатка за да го фатат Шамил. Сепак, воениот министер Чершинов ги уништува плановите на Воронцов, наредувајќи дека Мурат не смее да ја напушта тврдината. Следува опис на рускиот цар Николај I, претставувјќи го како летаргичен и огорчен; опишувајќи ја неговата самобендисаност и горделивост, како и презирот кон жените. Царот наредува да се нападнат планинците, а Мурат останува во тврдината. Во меѓувреме, мајката на Мурат, сопругата и неговиот најстар син Јусуф, кои Шамил ги држи во заробеништво, се преместени на друго место. Согледувајќи си ја состојбата (ниту Русите му веруваат да се бори со своја војска против Шамил, ниту може да се врати кај Шамил затоа што ќе биде убиен), Хаџи Мурат одлучува да избега од тврдината и да собере луѓе за да си го спаси семејството.
Приказната продолжува со пристигнување на група војници во тврдината кои ја носат отсечената глава на Мурат. Марија Димитријевна - придружничка на еден од офицерите и пријателка на Мурат - ја презира суровоста на луѓето во војната, нарекувајќи ги „касапи“. Војниците ја раскажуваат приказната за смртта на Мурат кој бега од тврдината откако сеослободува од руската придружба со помош на пет негови соборци. По бегството, бегалците наидуваат на мочуриште кое не можат да го поминат и до наредното утро се кријат меѓу грмушките. Еден старец им кажува на Русите каде се наоѓаат бегалците и Карганов (командантот на тврдината) со своите војници и неколку козаци го опколуваат местото. Хаџи Мурат и дружината се утврдуваат и даваат отпор на војниците, јуначки загинувајќи. Притоа, Хаџи Мурат истрчува на отворен оган, и покрај тоа што е ранет. По испукувањето на последниот куршум, во мислите му навираат случки од животот, а војниците мислат дека е мртов; се исправа за последната борба, но паѓа мртов. Руските војници во сласта на победата го обезглавуваат. Славејчињата, кои престанале да пеат за време на битката, одново ја започнуваат својата песна, а нараторот приказната ја завршува со потсетување на читателот за магарешкиот трн од почетокот на новелата.Лав Николајевич Толстој, Хаџи Мурат и друге приповетке. Просвета - Рад, Београд, 1983, стр. 25-167.
Тематика Хаџи Мурат е поразличен од другите дела од Толстој приближно напишани во исто време. Во Ѓавол (1889), Кројцеровата соната (1890), „Отец Сергеј“ (1898), „Воскресение“ (1899), „Стопанот и работникот“ (1895) и Фалсификуван купон (1905), акцентот се става на човечкиот морал и должности, што не е случај со Хаџи Мурат. Толстој во делата обично ги тера протагонистите да поминат низ фаза на „прочистување“, каде што учат за етичките идеали. Хаџи Мурат е посебно дело од Толстој, затоа што го нема тоа во неа. Наместо тоа, во староста Толстој се враќа да пишува за спомените од младоста. Хаџи Мурат е приказна сочинета од негативни тематики, што е несвојствено за Толстој. Ја отсликува негативната страна на човекот кој се сомнева дека има и најмала добрина во кој било човек.HEIER, EDMUND. “Hadji Murat in the Light of Tolstoy's Moral and Aesthetic Theories”.Canadian Slavonic Papers 21.3 (1979): 324–335. Web... Ребека Рут Гулд го опишува Хаџи Мурат заедно со другите списи на Толстој за Кавказот, како „етнографски фусноти кои го информираат читателот за историјата, јазиците и обичаите на непријателите на Русија“.Gould, Rebecca Ruth. "Topographies of Anticolonialism: The Ecopoetical Sublime in the Caucasus from Tolstoy to Mamakaev" Comparative Literature Studies, Vol. 50, No. 1, p. 92
Поврзано Библиографија на Лав Толстој
Наводи
Категорија:Дела на Лав Толстој Категорија:Руски романи Категорија:Постхумно објавени романи