Слободан Мирчевски (, ) – македонски универзитетски професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Животопис Слободан Мирчевски е роден во Скопје во 1950 година. На Електротехничкиот факултет во Скопје, тој дипломирал во 1975 година, магистрирал во 1984, а докторирал во 1990 година. По дипломирањето, тој работел во „Рудници и железарница“ – Скопје. Од 1979 година, тој бил вработен на Факултетот со звањето помлад асистент, а за асистент е избран во 1986. Во 1991 година е избран во звањето доцент, во 1996 во вонреден професор, а во 2001 година, во редовен професор. Бил раководител на Лабораторијата за електромоторни погони и Институтот за индустриска електроенергетика во повеќе мандати. Во периодот 1997-1999 бил продекан за настава, а во 1999-2001 продекан за финансии. Во периодот 2004-2008 бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Член е на Интеруниверзитетската конференција. Тој остварил научни престои на Универзитетите во Ерланген, во 1984 и 1995, во Милано во 2000 година и во Илменау во 2002 година. Има подготвено учебни помагала за сите предмети од областа. Држел настава по електромоторни погони и управување на Техничкиот факултет – Битола.

Објавил повеќе од 150 научни и стручни (рецензирани) трудови. Реализирал повеќе научно-истражувачки и апликативни проекти за рационално користење на електричната енергија во електромоторни погони, дијагностика и одржување на електромоторни погони. Член е на IEEE од 1991 година, а т.н. постар член е од 2002 година. Претседател е на Студискиот комитет А1 за вртливи машини во MAKO CIGRE. Бил член на Советот на ЕРЕ-РЕМС и главен претседавач на конференцијата ЕРЕ-РЕМС 2010 во Охрид. Области на научен интерес му се електромоторните погони и управувањето на електромоторни погони.

Наводи

Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Професори на ФЕИТ Категорија:Професори на Техничкиот факултет – Битола