мини|300п|Спомен плоча во Струга со натпис: „Во ноќта спроти Новата 1942 година струшката младина организирана од КПЈ и СКОЈ во градот Струга првпат ја испеа песната „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата.“ Од таа ноќ песната се носеше од уста на уста низ цела окупирана но непокорена Македонија. Граѓаните на град Струга“ Повоена македонска музика е музиката створена во периодот после втората светска војна, од август 1944, до септември 1991 - референдумот за осамостојување. На 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински започнало Првото заседание на АСНОМ, што значело врвно достигнување во политиката за вооружена народна борба на македонскиот народ, со кое се одбележал почетокот на постоењето на Социјалистичка Република Македонија како слободна држава во федерација со југословенските народи. АСНОМ значело јавно истакнување на постоењето и афирмација на македонската националност.Историја на македонскиот народ, книга 3, стр. 428, 1969 година, Скопје

Особености на повоениот период

Во гигантската борба за слобода активно соработувале низа композитори кои со своите дела многу придонесувале на борбениот дух во херојската борба против фашистичкиот окупатор. Меѓу нив се истакнуваат: Петре Богданов - Кочко (1913-1988), Тодор Скаловски (1909-2004), Илија Џувалековски (1915-2004), Благоја Ивановски (1921-1994) и Властимир Николовски (1925-2001).Музичка енциклопедија - Македонска музика, Тодор Скаловски, том II, стр. 146-147, 1963 година, Загреб Сите овие композитори-борци активно работеле на изградбата на музичкиот живот во ослободената татковина. Кон овие творци во првата генерација обично се вбројуваат и Стефан Гајдов (1905-1992), Трајко Прокопиев (1909-1974), Живко Фирфов (1906-1984), Глигор Смокварски (1914-1974) и Јосиф Чешмеџиев (1890-1964). Овие автори, главно биле иницијатори за основањето на Симфонискиот оркестар (24.11.1944), кој станал движечка сила на првите чекори на Операта и идната Филхармонија.

Првата оперска претстава „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи е одржана 9 мај 1947 година, а во јануари 1948 година ансамблите на музичката сцена работеле во составот на Државната опера при Македонскиот народен театар. За брзиот подем на Операта, особени заслуги има Ловро Матачиќ, кој во времето од 1948 до 1952 година го раководел поставувањето на низа оперски дела од стандардниот репертоар. Балетскиот ансамбл на Операта, првиот професионален колектив од ваков вид во Македонија, ја дал својата прва целовечерна претстава 1949 година „Бахчисарајска фонтана“ од рускиот композитор Борис Владимирович Асафјев (1884-1949). Во 1945 година бил основан хорот на Радио Скопје. Прв диригент бил Стефан Гајдов. Тој одиграл голема улога за развојот на хорското дело во Република Македонија.

Во областа на музичкото образование биле постигнати видни резултати. Набргу по ослободувањето на земјата, биле отворени нижи и средни училишта, а во 1953 година била отворена катедрата за музика на Вишата педагошка школа (подоцна Педагошка академија), чиј основач бил Аспарух Хаџи - Николов (1909-1980). На 1 декември 1966 година започнала да работи Високата музичка школа (подоцна Факултет за музичка уметност) во Скопје. Прв декан бил проф. Властимир Николовски. Оваа институција, од втората деценија на своето постоење, ги има сите практични и теоретски оддели, вообичаени за музичките академии и високи школи во светот.

Во 1950 година во Скопје бил основан Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во чиј етномузиколошки оддел почнале да се собираат, мелографираат и да се обработуваат музичко-фолклорни материјали од сите краишта во Македонија. Овој материјал претставувал база за проучување и за изработка на повеќе научни трудови што се објавени во нашата земја и во странство. Во 1975 година почнала да работи Медиевистичката секција „Владимир Мошин“ во рамките на манифестацијата Струшка музичка есен, која работи на дешифрирање, изведба и научна разработка на дела од музичкото духовно минато на Македонија. На оваа манифестација премиерно се изведени: „Златоустовата литургија“ од Атанас Бадев - македонски традиционален црковен напев (деш. Сотир Голабовски), како и песнопенија од св. Климент Охридски, св. Јован Кукузел, Калистрат Зографски, Дионис Попоски, Хармосан Охридски и др.

Музичките фестивали дале придонес за збогатувањето на музичката панорама во Македонија. Од нив треба да се споменат: Охридско лето, Мајски оперски вечери, Струшка есен, Денови на македонската музика, Тетовски хорски одѕиви, фестивалите на забавна музика во Скопје и Штип и други.

Во рамките на Факултетот за музичка уметност постои одделот за музикологија, каде што се подготвуваат специјалисти за ова занимање. Од 1970 година почнало да се работи врз проектот „Музичкото минато и сегашноста во Македонија“, под патронат на Институтот за национална историја. Водители на овој проект биле проф. д-р Драгослав Ортаков и проф. д-р Сотир Голабовски. Музичката критика и публицистика го следи развојот на македонското музичко творештво и репродукција, како и издавачката дејност во целина. Во 1993 и 1995 година излегле од печат двата тома од Македонскиот осмогласник - граматика на македонското црковно пеење, а во 1997 излегла од печат и Златоустовата литургија - македонски традиционален црковен напев.

Класификација на музичкото творештво (1944-1991) Класификација на повоеното македонско музичко творештво досега е вршено на разни начини: според возраста на авторите на стара, средна и млада генерација музички творци; според возраста но и идејно-естетската определба композиторите се поделени на 5 генерации; според видот на инструментот, односно инструменталниот состав за што е создадено делото на: творви на оркестарско, хорско, соло-песни, камерно творештво и сл. Тодор Скаловски во својот труд за македонската музика објавен во Музичката енциклопедија, во 1963 година, се определува повоените македонски композитори да ги дели по нивната возраст. Во таа смисла тој разликувал две генерации македонски композитори: стара (Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Аспарух Хаџиниколов, Петре Богданов - Кочко, Глигор Смокварски, Благоја Иванов и Властимир Николовски) и млада (Кирил Македонски, Томислав Зографски, Тома Прошев, Тихомир Карапанчев).Музичка енциклопедија - Македонска музика, Тодор Скаловски, том II, стр. 143, 1963 година, Загреб

Драгослав Ортаков во својот труд „Музичката уметност во Македонија“ веќе зборува за три генерации македонски творци, прва генерација македонски композитори,Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, стр. 87, 1982 година, Скопје втора, денешна средна, а потоа третата најмлада генерација музички автори.Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, стр. 90, 1982 година, Скопје

Тома Прошев во својата докторска дисертација „Современа македонска музика“ се определил за 15 автори кои ги класифицирал во 4 генерации од причина што пред него наследил класификација на три генерации, а за време на пишувањето на своето дело се афирмира уште една, тогаш најмладата генерација. Тој се определил за следната класификација: Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Стефан Гајдов, Живко Фирфов и Петре Богданов - Кочко како претставници на првата генерација; Благоја Ивановски, Кирил Македонски и Властимир Николовски - претставници на втората; Драгослав Ортаков, Тома Прошев и Томислав Зографски - трета генерација; Михајло Николовски, Сотир Голабовски, Стојан Стојков и Ристо Аврамовски - четврта генерација.Тома Прошев, Современа македонска музика, стр. 24, 1986 година, Пула

Тргнувајќи по оваа аналогија, денес веќе можеме да зборуваме за 5 генерации повоени македонски автори, бидејќи во меѓувреме, се афирмира уште една генерација македонски композитори, а тоа се: Илија Пејовски, Тома Манчев, Горјан Коруновски, Димитрие Бужаровски и Гоце Коларовски. Тргнувајќи од веќе наследената состојба на ова подрачје и ние се определуваме за ваква класификација, макар што има место и за нејзина критика. Ова свесно го правиме бидејќи имаме желба со нашиов труд да почитуваме се' што е сторено во проучувањето на повоената македонска музика, а воедно и да дадеме скромен прилог кон нејзината обработка.

Прва генерација повоени македонски композитори

Појава на профаниот македонски композиторски јазик и афирмација на хорски слог

Главните одлики на творештвото на оваа генерација македонски композитори би можеле да ги сведеме на следново:

1. Најзначајни претставници: Јосиф Чешмеџиев (1890-1964) Стефан Гајдов (1905-1992) Тодор Скаловски (1909-2004) Трајко Прокопиев (1909-1979) Живко Фирфов (1906-1984) Петре Богданов - Кочко (1913-1988) Глигор Смокварски (1914-1974)

2. Извор на инспирации.

Оваа генерација македонски повоени композитори акцентот главно го става вр вокалната музика т.е. хорската. Со искуството стекнато пред војната, во работата со аматерските хорски колективи, беа во можност да се запознаат со достигнувањата во овој жанр на светски план. Затоа од оваа генерација композитори хорските песни се движат од едноставните хомофони песни во Лидертафел стил (Стефан Гајдов, „Леле Јано“ и сл.) - преку широко конципираните духовни дела (Тодор Скаловски - Величание Кирилу и Методију и др.), па сè до сложено контрапунктни работени хорови (Трајко Прокопиев, „Кумановка“ бр. 3 и 4). Гледано од формалната страна, постојат хорски композиции аналогно на строфичните и прокомпонираните соло-песни (С.Гајдов „Петлите пејат“ - строфична и Т. Скаловски „Македонско Оро“ - прокомпонирана). Дел од хорските композиции на оваа генерација се всушност обработки на народни песни. Строфичната градба често наметнува варијациска обработка (секоја строфа е работена на друг начин), а стремежот за создавање поголеми облици довел до поврзување на повеќе песни во една целина (Пример: Тодор Скаловски - Балтепе).

3. Формирање профан музички јазик специфичен за македонската музичка традиција.

Првата генерација македoнски творци, покрај тоа што продолжиле со стилизација и хомогенизација и обработка на македонскиот музички фолклор, почнале да создаваат и оригинални дела во тој стил, што придонеле за формирањето на специфичен музички јазик, кој се гледа во подрачјето на хармонијата (со откривање латентни хармонии на фолклорните мелоритмички примери), во ритамот (со афирмација на мешано-сложените тактови 5/8, 7/8, 9/8, 11/8 и сл. како и нивни комбинации 5/8+7/8 и др.). Во подрачјето на обликот (Тешкото, односно Македонско оро од Т. Скаловски), забележуваме трансформација на формата, односно премин од инструменталната во вокална музика и обратно и слично.

4. Се печатат хармонизирани или обработени македонски народни песни во збирки, од кои најпознати се на Јосиф Чешмеџиев и на Стефан Гајдов. Трите збирки Македонски песни од Ј.Чешмеџиев се печатени во 1926, (52 песни за мешан и еднороден хор). Во овие зборници скопјанецот Јосиф Чешмеџиев ја покажува својата зрелост и имагинација во третирањето на македонскиот музички фолклор. Од зборниците на Стефан гајдов попознати се песните: „Ајде слушај Анѓо“ - 1927, „Петлите пејат“ - 1928, „Момчиче мало ѓаволче“ - 1928 и др. Овие песни се одделно хармонизирани, така што имаат карактер на хорски минијатури кои лесно се паметат и се мошне пристапни за хорско пеење.Бранко Каракаш, Македонска музика - Музичките творци во Македонија, стр. 20, 1970 година, Скопје

5. Афирмација на музичко-сценските и симфониските форми.

Ј.Чешмеџиев создал две опери: „Тајната на Вардар“ - 1918 и „Меглена“ - 1924, како и две симфонии и др., Глигор Смокварски е автор на балетот „Македонска повест“ - 1952, Т. Прокопиев создал две опери: „Разделба“ - 1971 и „Кузман Капидан“ - 1978, како и еден балет „Лабин и Дојрана“ - 1978.

6. Негување на вокално-инструментални концертни форми.