„Прослава“ (дански: Festen) — данско-шведски филм од 1998 година, во режија на Томас Винтерберг, кој е и автор на сценариото, заедно со Могенс Руков. Главните улоги ги играат: Улрих Томсен, Ненинг Морицен, Томас Бо Ларсен, Паприка Стен, Бирте Нојман, Трине Дирхолм, Хеле Долерис, Клаус Бондам и Гбатокај Дакина. Во филмот, кој претставува прво остварување според правилата на движењето „Догма 95“, се појавува и режисерот Винтерберг во улогата на таксистот кој го превезува момчето на Хелене.IMDb, The Celebration (1998) (приистапено на 30.8.2020) Филмот наишол на одличен прием од критиката и освоил вкупно 28 награди, меѓу кои и наградата на жирито на Канскиот филмски фестивал и една Европска филмска награда.IMDb, The Celebration (1998)Awards (приистапено на 30.8.2020)
Синопсис Хелге (го игра Морицен) го прославува својот роденден и на прославата се собираат неговите роднини и пријатели. За таа цел, во семејната куќа пристигаат неговите деца: Кристијан (го игра Томсен), Михаел (го игра Ларсен) и Хелене (ја игра Штен). Инаку, кратко време пред прославата, втората ќерка на Хелге извршила самоубиство. На свечениот ручек, синот Кристијан станува да одржи говор во чест на татко му, но тој соопштува дека, во детството, тој и мртвата сестра биле сексуално искористувани од татко им. Присутните се шокирани, а Хелге и неговата сопруга (ја игра Нојман) изјавата на Кристијан ја припишуваат на неговото нарушено ментално здравје. Единствено, на неговата страна се слугите, кои на гостите им ги крадат клучевите од автомобилите, спречувајќи ги да ја напуштат куќата. Мајка му на Кристијан бара од него јавно да се извини, но тој го повторува обвинението. Тогаш, неговиот брат Михаел, помогнат од неколку гости, го претепува Кристијан и потоа го врзува на едно дрво во блиската шума. Сепак, Кристијан успева да се ослободи и се враќа на прославата. Во меѓувреме, неговата сестра Хелене го открива прошталното писмо на нејзината мртва сестра, а писмото го зема една келнерка, која му го дава на Кристијан. Гостите се враќаат во салата и Хелене го чита писмото во кое се потврдува педофилството на Хелге. Присутните се повторно шокирани, а тогаш Михаел конечно се убедува во вистинитоста на зборовите на Кристијан и го претепува Хелге. Утредента, за време на појадокот, Хелге јавно се извинува, но Михаел го замолува да ја напушти собата. Тогаш, Кристијан ја кани келнерката Пија (ја игра Дирхом) да живее со него во Париз, а таа ја прифаќа понудата.
Наводи
Категорија:Дански филмови Категорија:Шведски филмови Категорија:Филмови на дански јазик Категорија:Филмови од 1998 година Категорија:Филмови на Томас Винтерберг Категорија:Филмови со Улрих Томсен Категорија:Филмови со Ненинг Морицен Категорија:Филмови со Томас Бо Ларсен Категорија:Филмови со Паприка Стен Категорија:Филмови со Бирте Нојман Категорија:Филмови со Трине Дирхолм Категорија:Филмови со Хеле Долерис Категорија:Филмови со Клаус Бондам Категорија:Филмови со Гбатокај Дакина Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Данска