Институт за биологија — институт кој структурно е составен дел на Природно-математичкиот факултет во Скопје (единица на УКИМ). Тој е средиште на високообразовната настава, на научните и апликативните истражувања во областа на биологијата.
Историја
Институтот за биологија (како Катедра или Институт за биологија) бил основан во 1946 година, со основањето на Природно-математичкиот оддел во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје. До 1951 година теоретската и практичната настава била изведувана во зградата на тогашниот Природонаучен музеј во Скопје. Во учебната 1951/52 година, Природно-математичкиот факултет бил сместен во зградата во која се наоѓа и денес. Теоретската настава се изведувала во 1 амфитеатар и 2 предавални. Со развојот на научноистражувачката и наставната дејност на Институтот следувало и отворање и проширување на лаборатории за истражувања и изведување на практичната настава.
Во 1958 година, Природно-математичкиот оддел се одделил од Филозофскиот факултет и прераснал во одделен Природно-математички факултет. Институтот за биологија бил во состав на Природно-математичкиот факултет сè до 1976 година. Со универзитетските реформи, во 1976 година, Институтот за биологија бил трансформиран во самостоен Биолошки факултет во рамките на Универзитетскиот центар за биолошко-биотехнички науки при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во рамките на Катедрата за биологија, односно Институтот за биологија, во 1952 година започнало организирањето ботаничка градина, а во 1977 година таа се издвоила како самостојна работна единица во состав на Заводот за ботаника, од кога и датира името Завод за ботаника со Ботаничка градина. Од 1985 година, со процесите на рационализација во високото образование, петте самостојни факултети (Математички, Факултет за физика, Хемиски, Биолошки и Географски) одново се обединиле во Природно-математичкиот факултет.
Основоположници на наставната и научната дејност на Институтот за биологија се наставници од повеќе универзитетски центри: д-р Синиша Станковиќ, д-р Милутин Радовановиќ, д-р Сима Гроздановиќ, д-р Стева Јаковлевиќ итн. Свој придонес во едукацијата на кадри на Институтот дале и многу професори од факултетите во Скопје што одржувале настава по предметите физика, хемија, математика, биостатистика, педагогија, психологија и методика. Наставната дејност на Институтот за биологија (тогаш Катедра за биологија) почнала со тројца наставници што ја изведувале целокупната активност во врска со организацијата и изведувањето на наставата (практичната и теоретската).
Денес, на Институтот за биологија се вработени 49 лица. Во наставно-научно и во соработничко звање работат: 17 редовни професори, 6 вонредни професори, 7 доценти и 2 асистенти. Исто така, во наставата учествуваат и надворешни соработници од други институти при Факултетот, како и од други факултети. Во работата на Институтот учествуваат и 12 технички соработници, 1 технички секретар, 1 библиотекар, 2 лаборанти и 1 лице помошен персонал од Ботаничката градина. За изведување на студиите по биологија, Институтот располага со амфитеатри (2), предавални (2), лаборатории за изведување на практичната настава (8) и лаборатории за научноистражувачка работа (14). Во рамките на Институтот се наоѓаат и дополнителни простории за наставно-научна работа: ботаничка градина, аквариум, лаборатории за одгледување на експериментални животни, клима-комора за одгледување на растителни култури, инсектариум, хербариум, херпетолошка збирка, миколошка збирка, компјутерска училница и библиотека.
Организација
Според научната и наставната област на интерес, наставничкиот и соработничкиот кадар на Институтот е организиран во заводи: Ботанички завод со ботаничка градина Завод за молекуларна биологија, генетика и микробиологија Завод за цитологија, хистологија и ембриологија Завод за експериментална физиологија и биохемија Завод за зоологија.
Организациска структура
Завод за ботаника со ботаничка градина Одделение за физиологија и биохемија на растенијата Одделение за екологија на растенијата Одделение за хидробиологија, систематика и биотехнологија на алгите Одделение за систематика и филогенија на вишите растенија и фитогеографија со фитоценологија Одделение за микологија Завод за цитологија, хистологија и ембриологија Завод за зоологија Катедра за анимална екологија Катедра за систематика и филогенија на безрбетници Катедра за споредбена анатомија Одделение за зоологија на ’рбетните животни, биогеографија и валоризација на природните екосистеми Завод за експериментална физиологија и биохемија Одделение за општа физиологија и имунологија Одделение за анимална физиологија Одделение за експериментална биохемија Завод за молекуларна биологија, генетика и микробиологија Катедра за молекуларна биологијa Катедра за генетика Катедра за микробиологија и микробна биотехнологија
Наводи
Биологија Информатика