Осумка — повремено природно постглацијално ледничко езеро кое се наоѓа високо на планината Баба во непосредната близина на Големото Пелистерско Езеро. Сместено е на надморска висина од 2.200  м. на оддалеченост од околу 150 метри од моренскиот бедем на Големото Пелистерско Езеро и на 500 метри над Димитровото ЕзероВасилески, Драган. Пелистерски езера. Напредок, Тетово. 2008. стр.87-88, при што припаѓа во рамките на Националниот парк Пелистер.

Одлики Тоа е типично акумулативно моренско езеро, бидејќи од сите страни е заградено со моренски седименти. Езерото има облик на бројот 8, поради што е така и именувано од научните и стручни истражувачи, меѓутоа за поголема автентичност и сообразност со топонимијата на местоположбата каде што се наоѓа веднаш западно под врвот Мразарник тоа може да биде именувано и како Мразарничка Локва (Езеро). Првичните мерења покажале дека езерото е долго 25 метри, широко 7 метри, а длабоко 40 сантиметри, но подоцнежните мерења при научните истражувања покажале дека најголемата должина измерена во правец југоисток-северозапад изнесува 47,5 метри, најголемата широчина измерена во правец југозапад-североисток изнесува 13 метри, при што во најтесните средишни делови се движи до 5 метри, а просечната широчина изнесува 10 метри. Вкупната должина на езерскиот брег при максимално ниво на водата изнесува 115 метри, а најголемата длабочина изнесува 0,4 метри додека средната е 0,3 метри. Во наведените рамки езерото зафаќа површина од 475 м2. За време на висок водостој, во ова езерско корито се собираат помеѓу 100 и 150 м3. Езерото во крајбрежните делови е обраснато со тревната растителност, а во средишниот или најдлабок дел на местото каде што водата се задржува најдолго, тоа е каменливо. Ова езеро се полни со вода од атмосферските врнежи кои директно се излачуваат над езерскиот басен и непосредниот слив, како и од водата што се добива со топење на снегот и снежниците кои се формираат во самиот езерски базен и непосредната околина. Водите обично се задржуваат до средината на јуни, а понекогаш и подоцна.

Галерија

Поврзано

Пелистерски очи Национален парк Пелистер

Наводи

Категорија:Леднички езера во Македонија Категорија:Национален парк Пелистер