Малиот Андамански Остров (на Онге: Гауболаумбе) е четврт по големина остров во архипелагот на Андаманските Острови на Индија и е со површина од 707 км2, а се наоѓа на јужниот крај од архипелагот. Тој и припаѓа на Јужноандаманската административна област и е дел од индиската територија на Андаманските и Никобарските Острови. Островот лежи 88 км јужно од Порт Блер, главниот град на Андаманските и Никобарските Острови и има најблизок аеродром за редовни летови до Колкота и Ченај – главниот град на индиската покраина Тамил Наду.
Географија Островот му припаѓа на архипелагот на Малата Андаманска група на острови и е одвоен со Данкановиот Премин од Рутланд архипелагот на Големата Андаманска група на острови. Оваа група на острови се наоѓа спротивно на Големата Андаманска група на острови. Островот има мала надморска височина и е прекриен со тропска прашума, а тука живеат и неколку ретки видови на морски желки. Островот има убави, бели, песокливи плажи и прекрасни водопади. Малиот Андамански светилник (Светилникот на Ричардсон) се наоѓа 14 километри јужно од пристаништето Хат Беј и се наоѓа на најјужната точка од Малиот Андамански Остров.
Администрација Административно овој остров е дел од областа на Малата Андаманска група на острови.
Демографија Островот е дом на домородното племе Онге, кои овој остров го нарекуваат Егу белонг, а е резерват на ова племе од 1957 година. Покрај нив овде живеат и населеници од Бенгал и други места. Според пописот од 2011 година, населението брои 18.823 жители, кои живеат во 18 села со вкупно 4093 куќи. Главното село Квате-ту-кваге се наоѓа во Хат Беј.
Сообраќај Заливот Хат Беј се одликува со длабок морски пристан и до него се доаѓа низ усекот на коралниот гребен на источниот брег од островот и е влезница кон внатрешноста на островот. Има редовна, дневна бродска линија меѓу Хат Беј и Порт Блер, а патувањето трае 10 саати. Покрај тоа има хеликоптерска врска од Паван Ханс ЛТД (Pavan Hans Ltd.), а има и авионска врска меѓу Хат Беј и Порт Блер. Летот со хеликоптер или хидроплан трае околу 40 минути.
Постои и пат покрај источниот брег на островот кој има добра патоказна мрежа која го обележува секое село, со растојанието меѓу нив.
Туризам Овој остров од туристичките атракции нуди сурфање, едрење, сафари со слонови, јавање на слонови и тренирање на мали слончиња. Батлер Беј, кој се наоѓа на 14 км од Хат Беј, е популарна плажа меѓу туристите и нуди сурфање, подводни екскурзии и прекрасен поглед на коралниот гребен. Туристичките бунгалови се на самата плажа опкружени со кокосови плантажи. Позната е и плажата Нетаџу Нагар, која е оддалечена 11 км од Хат Беј.
Во внатрешноста има повеќе прекрасни водопади: Вајт Сурф водопадот е на 6,5 км од Хат Беј Џети и се наоѓа среде зеленило од дождовна шума, а Виспер Вејв водопадот е на 25 км од Хат Беј Џети, а се наоѓа исто така среде прашума. Патот до овој водопад води преку четири километри долга пешачка стаза која поминува низ шумата. После тие четири километри има уште 800 метри кон внатрешноста на прашумата, каде се наоѓаат мали водопади. Водопадот е со висина од 25 метри, а околу него има зеленило од ниски бамбусови дрва.
Владината организација ANIFPDCL (од анг. Andaman and Nicobar Islands Forest Plantation Development Corporation Limited) нуди туристички пакети од Порт Блер до Малиот Андамански Остров. На островот има повеќе од 30 слонови со кои се организираат возбудливи сафари низ џунглата до водопадите. Слоновите се искусни и тренирани за оваа цел. Исто така во шумата има кампови со слонови кои изведуваат претстави, како и школи за тренирање на слончиња. ANIFPDCL агенцијата нуди сместување во бунгалови. Едрењето е достапно низ премините блиску до летувалиштето Батлер Беј. Северната страна на овој ресорт е позната како популарно место за сурфање. Во близина се наоѓаат и корални гребени, но за нивна посета е потребна специјална нуркачка опрема.
Галерија на слики
Наводи
Категорија:Андамани и Никобари Категорија:Архипелази во Индискиот Океан