Димитар Крстев Дичов, познат и како Дичо Крстевиќ и најпознат како Дичо Зограф ( во ) — македонски иконописец, фрескосликар, претставник на дебарската школа. Тој е еден од најпознатите иконо и фрескосликари на Балканот во XIX век.

Во неговиот краток живот насликал повеќе од 2.000 икони за потребите на правоверските цркви, насекаде во Македонија, Србија и Грција. Творештвото на тресончанецот Дичо Зограф означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста. Дичо во своите икони владее со моделацијата. Во својата дејност тој систематски работи на нови иконостаси, ги обновува и дополнува постоечките, осликува одделни ѕидни површини со живопис и работи на цели ансамбли во новоизградените и доградените цркви и манастири. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите. Познатиот Дичо Зограф освен иконите, оставил и една книга “Ерминија” во која ги запишал сите работи за неговиот живот, за семејството, а на 201 страница напишал и сè што знаел за зографисувањето.

Основни биографски податоци мини|лево|Иконата на Богородица Пантохара од 1844 г. е едно од најрано познато дело на Дичо Зограф

Потекло и запознавање со фреско-сликарството Димитар Крстев, или познат како Дичо Зограф е роден во 1819 г. во маалото Лековци на село Тресонче во Мијачијата. Неговите родители му го дале името Димитар, а од името на неговиот татко, чие име е Крсте, тој е Димитар Крстев. Татко му Крсте Дичов бил копаничар. Кога Димитар бил мал дознал дека е задоен во Селце и таму имал друг татко, но неговиот татко умрел кога Крстев имал една година, а неговата мајка се премажила во маало Лековци, во Тресонче. Татко му, Крсте Перков, бил зограф, но повеќе бил резбар и копаничар. Кога пораснал Дичо, татко му го зел со него, во неговата копаничарска група. Работеле многу, но Крстев тоа не го привлекувало, па сè повеќе се загледувал во зографите со кои татко му често се гледал и другарувал.

Работел во многу цркви низ западна Македонија, меѓу кои и фреските во манастирската црква св.Јован Бигорски, црквата Св.Ѓорѓи Победоносец во село Рајчица како и иконостасот на црквата „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, во периодот од 1848 до 1869 година.

Во тоа време во манастирот Бигорски имало многу зографи и Дичо Зограф заминал од кај татко му и отишол кај зографите. Бигорските зографи кои занаетот го печеле на Света Гора Атонска му ги покажале темелите на зографството. Дичо Зограф за зографството најмногу научил од мајсторот Михаил од Самарина, Цинцар. Отпрвин помладите во кои бил и Дичо Зограф ги цртале првите слоеви од иконите и на крајот мајсторот ги поставувал последните сенки,па на тој начин светијата добивала невидена убавина. По многу работа на Дичо му било предложено да води една помала група, која требало да замине по црквите и манастирите во Далека Земја, во Долна-Егејска Македонија. Дичо Зограф ја прифатил понудата и со групата поминале голем дел од Егејска Македонија и насликале многу икони и фрески. Своето прво целосно зографско дело го насликал додека бил во Драма. Потоа тој заминал во Скопје и насликал нешто повеќе од 50 иконостасни икони за иконостасот на црквата “Света Богородица”. Така Дичо Зограф го започнал зографскиот занает.

Од животописот на Дичо зограф Димитар Крстев се оженил на 20 години. Имал седум синови и една ќерка. Годишно работел по околу педесет големи дела. Во нашите краишта го донел барокот кој доаѓал преку Света Гора и Солун, преку македонските мијачки зографи и резбари кои го учеле занаетот во манастирот “Зограф” на Атос. Дичо Зограф умрел на 54 години, во 1873 година. Причината за смртта на познатиот сликар Дичо Зограф не е позната. Едни извори велат дека тој имал треска или настинка,а некои извори посочуваат дека Дичо Зограф бил болен од пневмонија. Други пак извори велат дека Дичо Зограф го отрула неговата жена и дека тоа не било случајно туку наместо ракија во неговиот чај му турила од отровот со кои ги мешал златните бои за иконите. Некои пак велат дека случајно се сторила несреќата. Сакале да го закопаат во неговото маало Лековци, под стариот костен, на гробиштата кои тој ги направил,но попот и учителот рекле дека треба да го закопаат во дворот на црквата која се наоѓала сред селото,бидејќи многу работи направил за неа.Но и местото каде бил закопан Дичо Зограф не е познато. Некои зборувале дека бил закопан на Долни Ленишча, крај реката. Но постојат тврдења дека Дичо Зограф бил закопан на малите гробишта сред селото, од каде потоа коските му биле префрлени во костурницата во “Свети Николче”. Денеска во Тресонче од куќата на Дичо во Лековци останале уште неколку камења.

Србите и Бугарите го сметале Дичо Зограф за нивни сликар. Србите велеле дека е најголемиот српски зограф, Бугарите пак го сметале во групата на бугарски творци, но сепак познатиот Дичо Зограф е македонски сликар. За тоа сведочат и неговите изјави во кои тој си кажувал дека е од Мијак од Тресонче.

Сепак каков бил неговиот лик не се знае, за тоа дознаваме од неговиот говор ”Илјадници слики светии зографисаф и ‘и потпишаф со писмо "из руки Дича Зографа", а моево грешно лице никоде не го насликаф, па денес не ме зноете какво лице су носел на себе”. Тој сметал дека преку неговите дела може да се дознае се за неговата душа и неговиот лик, поради тоа никаде не го насликал својот лик.

Творештво

Димитар Крстев (Дичо Зограф) бил значаен сликар, кој за краток период насликал повеќе од 2.000 икони за потребите на правоверските цркви, насекаде во Македонија, Србија и Грција. Со неговото творештво започнал во 1835 година. Од 1844 до1845 година сликал по црквите и манастирите на Скопска Црна Гора во село Кучевиште. Во 1844 година отишол и во Бигорскиот манастир каде во следните четири години зографисал неколку престолни икони. Го насликал „Исус Христос“,„Света Богородица“,„Свети Јован Крстител“ и иконата „Свети Ѓорѓи Димитрија“. После тоа работел на голема нарачка за црквата Св. Георгија во село Бањани (1845/46 година), кога ги насликал и иконите во црквата во Тресонче, во „Свети Петар и Павле“ („Света Богородица Одигитрија“, „Свети Јован Претеча“ и „Сабор на светите апостоли“), а во следната година и иконите „Свети Никола Чудотворец“, „Свети Три Јерарси“, како и иконата „Свети Атанасие“. Истата година насликал и други икони за тресонечкиот храм, како што се иконите на “Света Недела” и на “Света Петка”, а во 1847 година ја насликал и иконата на “Свети Архангел Михаил”, со помош на Петре Пачар, кој бил потпишан на иконата како ученик на Дичо Зограф.

Од 1847 до 1849 година работел во Тресонче. Тогаш ги насликал иконите:”Томино неверство”,”Раѓање Христово”,”Крштевање Христово”,”Раѓање на Света Богородица”,”Свети Свети Пантелејмон и Трифун”,”Свети Свети Кузман и Дамјан”,”Преображение Христово”,”Успение Богородичино”,”Воведение на Пресвета Богорорица во храмот”,”Свети Свети Ѓорѓи и Димитрие”,”Свети Свети Константин и Елена”,”Свети Свети Евстахие и Јулијан” и “Слегување на Светиот Дух”. Особено успешно дело на Дичо Зограф е животописанието на големиот иконостасен крст во голамата тресонечка црква кое го завршил во 1854 година. На зографисувањето на тресонечката црква работел од 1844 од 1854 година. Во исто време есента во 1849 година отишол и во Вевчани каде ја изработил иконата “Света Богородица со Христос”,следната година бил во горнореканските села Сенце и Кичиница, а потоа и во Охрид каде во црквата “Света Богородица Каменска” нацртал една иста икона како иконата во Вевчани. Во Охрид за две години насликал околу 40 икони меѓу кои била и иконата “Свети Врачи Големи” во црквата “Света Богородица” во Охрид. Во овие години Дичо Зограф успеал најмногу да ги искористи сите негови творечки можности.Во следните години ги насликал следните позначајни икони:Иконостасот во црквата “Свети Димитрија” во село Волковија,кој го нацртал во 1852 година,иконостасот во црквата “Свети Никола” во манастирот во село Љубанци во 1853 година,во храмот “Свети Никола” во Куманово во 1856 година, во црквата “Свети Илија” во село Кадино во 1857 година, ”Света Марина” во село Зубовце во 1859 година.На крајот во 1859 година заминал во Србија и во Врање каде сликал во црквите “Света Троица”,а 1860 и 1861 година Дичо Зограф повторно бил во Македонија и сликал во црквата “Света Богородица” во Скопје ги насликал “Свети Свети Константин и Елена”,”Света Богородица”,а потоа бил во Охрид каде работел во храмовите “Свети Никола Геракомија”,”Света Богородица Челница”,”Света Богородица Каменска”,”Света Богородица Болничка”,”Света Богородица Перивлептос” и во “Свети Димитрија”. Во овие години Дичо Зограф нацртал стотици и стотици икони, а имало и многу луѓе кои сакале да им црта светии.

мини|десно|Ерминија на Дичо Зограф, чувана во Центарот за Словенско-византиски студии „Професор Иван Дујчев“ во Софија. Страница 176a со опис на сцената „Христовото слегнување во адот“, 1844. Од 1862 година Дичо Зограф го префрла тежиштето на својата дејност во Охрид каде станал еден од најбараните иконописци. Во овој период Дичо Зограф работел икони и живопис за православните храмови во Охрид, најчесто ги обновувал постарите иконостаси и досликувајќи ги надворешните.Меѓутоа со зголемената продукција и сè поголемото учество на неговите помошници во финалните работи, постепено почнал да опаѓа квалитетот на ликовната изведба. Во 1867 год.го работи иконостасот во храмот Св.Никола во Вевчани, а неговиот син Аврам, започнува со фрескоживописување на истиот храм и завршува 1879 год.

Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ (ИЦКН) при МАНУ, низ своите теренски истражувања откриле дела на Дичо Зограф и на Косово, во Грција, во неколку цркви во околината на Солун, но и во Албанија, во црквите во Елбасан. На овој начин се воспоставила прецизна и целосна топографија на откриените и идентификувани икони. Се покажало дека неговиот опус е фасцинантен, со зачудувачка продуктивност, а просторите до каде што стигнале неговите дела ги надминле границите на денешна Македонија, протегајќи се речиси низ целиот Балкан. Од Дебар, Охрид, Скопје, Сандански преку Солун, Врање, Вучитрн и Бањска на Косово, па до Видин, Кула и Лом и Дунав на север.

Изминатата декада голем дел од културното богатство на Македонија, претставува мета на крадци, од кои не се заобиколени ниту делата на Дичо Зограф, па така иконите на Дичо Зографот украдени од црквата посветена на „Свети Петар и Павле“ се можеби една од најголемите загуби на уметнички дела во земјава последнава деценија.

Одлики на творештвото