Македонско девојче 2 — осмиот студиски албум на македонската пејачка Каролина Гочева првпат излезен во продажба на 25 февруари 2014 година. Албумот е издаден преку дискографската куќа Авалон продукција во Македонија. Хрватската куќа Далас рекордс исто така го издала албумот низ земјите на поранешна Југославија во април 2015 година. Албумот содржи осум оригинални песни напишани од страна на Валентин Соклевски и Весна Малинова, за чиј аранжман и продукција се погрижиле Никола Мицевски и Дејан Момировски. Покрај горенаведените песни, на „Македонско девојче 2“ исто така можат да се најдат две преработки од кои една е на македонска народна песна, а другата е на песна оригинално снимена од страна на пејачот Пепи Бафтироски. Мотивацијата за снимањето на албумот Гочева ја добила од успехот на нејзиниот претходен проект инспириран од македонската народна музика, „Македонско девојче“ (2008).

Финализацијата на проектот траела две години поради желбата на тимот кој работел зад него да го усоврши колку што може повеќе. Според Гочева и продуцентот Мицевски, доброто познавање на тимот од претходно помогнало во процесот на снимање и одредување точна насока и цел со снимањето на „Македонско девојче 2“. Музички, албумот е сличен на неговиот претходник. Песните се одликуваат со елементи од македонскиот народен фолклор, но се адаптирани во посовремен стил кој е актуелен во времето на издавањето на албумот, односно содржат елементи и од поп и џез музика. Во текстовите, се опеани чувства на тага, среќа, љубов и копнеж на зрела жена. Сите песни биле компонирани специјално за Гочева притоа земајќи ги предвид нејзините широки вокални способности; карактеристично е отсуството на придружни вокали.

Албумот бил голем критички и комерцијален успех. Во 2014 година бил прогласен за најпродаваниот албум во Македонија за таа година. Три сингла биле издадени од албумот; песната „Чалгиска“ е објавена на 6 декември 2013 година пред албумот да биде издаден во продажба, „Две лири (не ни било пишано)“ била претставена во јануари 2014 и „Кој да ми запее“ била издадена во април 2015 година и почнала да кружи низ радио станиците во Македонија и државите од бивша Југославија. Со цел дополнително да го промовира „Македонско девојче 2“, Гочева одржала голем број на концерти во разни градови низ Македонија пред и по издавањето на албумот. Голем дел од нив биле документирани и прикажувани на различни ТВ емисии, како и на официјалните профили на пејачката на социјалните мрежи и на видео платформата YouTube. Од 2015 година, турнејата за промоција на албумот се одвивала и во Србија.

Позадина Во 2008 година, Гочева го издава албумот „Македонско девојче“ за кој соработува со композиторот Златко Ориѓански. Албумот се одликува со елементи од народната македонска музика што претставува промена во стилот на песни кои пејачката дотогаш ги снимала. Според Гочева, албумот служел како експеримент за неа со цел да види дали може да се снајде со снимање таков тип на музика. Албумот бил голем комерцијален и критички успех, станувајќи најпродаваниот албум за таа година во Македонија и добивајќи ја наградата за најдобар етно албум на фестивалот Сунчане скале. Покрај тоа, влијанието на албумот врз публиката продолжило да трае неколку години по издавањето.Carpe Diem - Интервју со Каролина Гочева. 2014 година. Алсат М.

По добриот резултат и барањето на публиката да продолжи со такви песни, Гочева се мотивира и одлучува да сними втор дел во тој музички правец. „Македонско девојче 2“ претставува следбеник на албумот од 2008 година и се одликува со песни кои исто така содржат народни музички елементи од македонскиот фолклор. Плановите за албумот Гочева за првпат ги споменува за време на интервју во мај 2012 со списанието „Наш свет“, откривајќи дека веќе започнала со избор на песни кои ќе бидат вклучени во второто издание на проектот „Македонско девојче“.Наш свет. КАРОЛИНА ГОЧЕВА: "Се работи на нов поп-албум, а се бираат песни за второто издание на “Македонско девојче”. 22 мај 2012. На почетокот, „Македонско девојче 2“ бил само работен наслов, а потоа станал и официјалното име за албумот со цел да се покаже дека музиката е во ист стил со првиот дел.

За инструментацијата и аранжманот на песните на албумот се погрижил тим од повеќе личности од кои како најистакнати се појавуваат Оливер Јосифоски од музичката група Љубојна, Зоран Костадиновски од Кабадајас, Бошко Мангаровски од Чалгија Саунд Систем и Гоце Узунски од Синтезис. Албумот содржи осум оригинални композиции за чие пишување и компонирање придонес имале Никола Мицевски, Валентин Соклевски и Весна Малинова имајќи предвид дека нивните песни ќе бидат испеани од Гочева и притоа усогласувајќи ги со нејзините вокални способности и музички стил на изведба. Две преработки исто така се вклучени на албумот; „Те видов и се заљубив“ која е народна македонска песна и „Ако згрешам нека изгорам“ испеана од страна на Пепи Бафтировски и напишана од Миле и Ѓорѓи Барбаровски.

Снимање и развиток

Финализирањето на целиот албум траело две години, поради тоа што тимот кој работел зад него сакал да посвети внимание на деталите и да ја сними најдобрата можна верзија на материјалот и притоа сè да се одвива постепено. Процесот започнал во 2012 година со тоа што откако песните биле напишани, Мицевски снимил демо верзии и ѝ ги испратил на Гочева. Откако биле преслушани, сите десет песни биле прифатени за да се вклучат во новиот албум. „Македонско девојче 2“ бил снимен во студиото „XL“ на Дејан Момировски во Скопје. Во интервју со порталот ИдиВиди, Гочева изјавила дека групата која работела на албумот се состоела од нејзини долгогодишни познаници и поради тоа ѝ било „лесно и мило да работам со неа, бидејќи имаше одлична атмосфера“. Покрај тоа, долгогодишната соработка и претходните искуства им служеле како лекција за усовршување, при што Гочева стекнала поголема самодоверба и била посигурна во насоката која сакала да ја заземе со албумот. За време на интервју на емисијата Carpe diem на Алсат М во февруари 2014, Гочева изјавила дека албумот е нејзиниот најдобар музички производ издаден дотогаш. Созревањето на пејачката во нејзината кариера служело како инспирација за „модернизирање на традиционално[то]“; Гочева изјавила дека македонскиот фолклор е нешто коешто македонскиот народ го има во крвта и дека албумот не се одликува со типични народни песни туку со песни инспирирани од македонскиот етнос. Притоа, таа преку песните дозволила со нејзината музичка изведба да даде свој личен печат во интерпретацијата на македонската етно музика. Исто така, пејачката кажала дека покрај тоа што музиката која што ја снимила со албумот не е светски модерна и популарна, звукот бил поавтентичен за македонското поднебје од другите светски популарни жанрови како што се хип-хоп, поп и Р&Б.

Мицевски исто така е една од личностите кои имале долгогодишна професионална врска со пејачката и кои придонеле за снимањето и аранжманот на „Македонско девојче“ (2008); почетокот на таа врска започнал кога тој се придружил на бендот кој настапувал заедно со Гочева за време на нејзините концерти. Тој додал дека поради меѓусебното разбирање со пејачката, процесот на одредување на насока за тоа како треба да звучи албумот се одвивал без тешкотии, но исто така бавно поради нивната главна цел да создадат квалитетен материјал. За време на интервју со неделниот весник „Република“, Мицевски изјавил дека работата на „Македонско девојче 2“ како следбеник на првиот албум кој веќе достигнал успешност и пофалби за својата уметничка вредност претставувала одговорност и притисок во одредена мерка. Тој додал, „Зна­чи се ба­ра­ше да се на­пра­ви не­што што ќе ли­чи на тоа пр­во­то, но не­ма да би­де исто, и, се раз­би­ра, да го за­др­жи ква­ли­те­тот, па и да го над­ми­не. Ме­ѓу­тоа, тоа за ме­не прет­ста­ву­ва­ше еден го­лем пре­диз­вик и, мо­же­би, жи­вот­на шан­са да се изра­зам по­и­на­ку, уни­кат­но, со еден по­и­на­ков бе­лег, со це­ло­то свое зна­е­ње и ду­ша. До­пол­ни­тел­но за­до­волс­тво бе­ше и тоа што ра­бо­тев со мој бли­зок при­ја­тел и со­ра­бот­ник Де­јан Мо­ми­ров­ски... На крај, си­те за­ед­нич­ки мис­лам де­ка ус­пе­ав­ме во тоа што го на­у­мив­ме.“ Мицевски исто така открил дека сите песни на албумот биле оригинално напишани за Гочева, приспособени на нејзините вокални способности и музичка зрелост, додавајќи: „Ка­ро­ли­на е из­ве­ду­вач од свет­ски рам­ки, глас што рас­по­ла­га со мно­гу тех­нич­ки спо­соб­но­сти, пе­јач што мо­же да пее мно­гу раз­лич­ни сти­ло­ви. Таа, ед­но­став­но, се сна­о­ѓа се­ка­де и го пра­ви тоа на мно­гу ви­со­ко ни­во. Бе­ле­гот што го да­де на ма­те­ри­ја­лот од „Ма­ке­дон­ско де­вој­че 1 и 2“ е, на­ви­сти­на, уни­ка­тен, ори­ги­на­лен на­чин на из­вед­ба, кој оста­ва дла­бо­ки тра­ги во исто­ри­ја­та на ма­ке­дон­ска­та во­кал­но-ин­стру­мен­тал­на му­зи­ка.“

Композиција и текст Според Гочева, албумот покрај народен фолклор исто така се одликува со елементи од етно-џез музика. Критичарите исто така забележале дека елементи од поп и џез музиката се застапени во песните и дека се врши интернационализација на традиционалниот македонски канон. Текстовите во песните опеваат чувства на радост, тага, љубов и копнеж. Инструментално, во песните се претежно застапени кларинети, бас гитари, труби, гитари, виолини, канони, саксофони и удиралки.

Албумот започнува со седумминутната љубовна песна „Кој да ми запее“ која ја опева тагата и тешката емотивна состојба на зрела жена која го загубила својот љубеник кој претходно постојано ѝ пеел песни додека биле заедно. Насловот на песната и стиховите „жедна сум, жедна за пој“ и „[e]х што ми беше срцето живо, ех што си имав со него живот“ ги доловуваат нејзините чувства на недостасување, потреба од љубов и жал за изгубената младост. Новинарот Бечковиќ ја опишал како „класика во новата македонска чалгија“. Втората песна која се надоврзува на неа е „Чалгија“ која е карактеристична со своите стихови во кои е застапена римата. „Сакам да не те сакам“ тематски зборува за неверен љубовен партнер и ја прикажува положбата на изневерениот женски протагонист. Таа му ја посветува песната за тој да дознае „кој го сакал искрено“. „Смеј ми се, смеј“ се одликува со елементи од џез музиката и класични чалгиски елементи.

„Две лири (не ни било пишано)“ опева стара љубов и претставува песна оставена во аманет од некоја баба која не дочекала да ја види свадбата на својата внука. Девојката сепак ѝ ја исполнува желбата на својата баба и со две лири нарачува песна на свадбата на нејзиниот поранешен љубеник на која таа учествува како гостинка. „Ќе пијам љубов до крај“ се одликува со весел текст, и според Бечковиќ музички е слична на игривиот ритам на жанрот босанова поради тоа што Гочева е придружена од брза труба и контрабас. Во текстот на песната, Гочева пее за „врел бакнеж што жежи“. Песната „Сон“ се одликува со бајковита атмосфера и опишува како „убавината завршува кога ќе ги отвориме очите“ и како животот е поразличен од сонот преку стиховите „Пуста остана желба невина, сон си мина и ти си замина... Не знам кој е крив, Боже дај ми здив...“. Преработките „Те видов и се заљубив“ и „Ако згрешам нека изгорам“ се одликуваат со аранжмани поразлични од оригиналните верзии поради што ритамски се вклопуваат со целосната музичката атмосфера присутна на албумот.

Издавање во продажба