Свети Никола — главна селска црква во селото Брајчино, Општина Ресен, Македонија. Се наоѓа во западниот дел на селото. Во кругот на црквата се наоѓаат и селските гробишта.
Црквата била изградена во 1871/72 година и судејќи по сè, на место на постара црква.
Градба
Црквата „Св. Никола“ се наоѓа во северозападниот дел на самото село, до кој се стигнува по тесните асфалтирани улични, опкружени со камени ѕидови и стара селска архитектура на селото Брајчино. Црквата се наоѓа во кругот на селските гробишта и претставува трикорабна градба со полукружна апсида, врз која се поставени седум плитки и лачно засведени ниши. Крај јужната и западната фасада, прилепени се затворените тремови и помошните простории.
Црквата била изградена во 1871/72 година, што можеме да го дознаеме од натписот во нишата над влезот. Внатрешноста на црквата е надолжно поделена на три делови со два реда од по пет столбови. Нартексот на западниот дел од внатрешноста е одвоен со преграда и е подигнат со три скали повисоко од нивото на наосот. Над нартексот е направена галеријата на кат.
Фрескоживопис
Врз ѕидните површини на наосот и нартексот не се сочувало ѕидно сликарство.
Живопис постои само во апсидата и во жртвеникот. Во конхата од апсидата насликана е „Св. Богородица со Христос“ на горниот дел и фигурите на архијереите „Св. Јован Златоуст“, „Св. Василиј Велики“, „Св. Никола“, „Св. Атанасиј“, „Св. Григориј“ и „Св. Спиридон“ во долната зона.
Иконостас
Иконостасот е составен од три реда на икони, царски двери и врати на јужниот и северниот дел на преградата. Иконите од иконостасот се работени во 1875 и 1889 година. Според сликарските натписи, постарите икони се дела на Апостол Стеријев од селото Пласје, а оние од 1889 година на зографот Атанас Димитри од селото Негован, Леринско.
Галерија
Надворешност
Внатрешност
Поврзано Ресенско архијерејско намесништво Подмочанско-љубојнска парохија Брајчино
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Брајчино Брајчино