Михаел Тарнат (роден на 27 октомври 1969 година, во Хилден) — поранешен германски фудбалер, кој во текот на својата кариера играл на неколку позиции.

Неговиот прекар е Ела.

Технички одлики Тој играл на неколку позиции, вообичаено по левата страна како лев бек или понекогаш и како винг-бек (бек-крило) во 3-5-2 формација, како на пример за време на периодот кога тренер на Бајерн Минхен бил Отмар Хицфелд. Исто така, Тарнат во својата кариера бил користен и како внатрешен играч од средниот ред. Се одликува со чести уфрлања во нападот, со добро нафрлување и со силен удар од далечина. Тој бил одличен изведувач на слободни удари.

Кариера Клупска кариера Својата професионална кариера Тарнат ја започнал во екипата на Дисбург, за која дебитирал во сезоната 1990-1991. Следната сезона го направил своето деби во Бундеслигата на 2 август 1991, во натпреварот на домашен терен против Штутгарт. По четири сезони во Дисбург во летото 1994 потпишал за Карлсруе, каде израснал во една од ѕвездите на клубот заедно со Томас Хаслер и Торстен Финк.

Во 1997 година му се приклучил на Бајерн Минхен заедно со соиграчот од Карлсруе, Торстен Финк. Во шестте сезони во Бајерн, Тарнат ги остварил најголемите успеси во својата кариера освојувајќи четири национални првенства (1998-1999, 1999-2000, 2000-2001, 2002-2003), три Купа на Германија (1997-1998, 1999-2000, 2002-2003), Лигата на шампионите во сезоната 2000-2001 и Интерконтиненталниот куп во 2001 година.

Во 2003 година го напуштил Бајерн и му се приклучил на англискиот Манчестер Сити за предизвикот наречен, Премиер лига. Во клубот од Манчестер останал само една сезона во која на 32 првенствени натпревари постигнал 3 гола, но навивачите на Сити сигурно ќе го паметат по оној од слободен удар против Блекбурн Роверс на 25 август 2003, во победата на гости со 3-2.Anelka fires City top пристапено: 23 март 2015Tarnat spectacular goal vs Blackburn Rovers пристапено: 23 март 2015

Во 2004 година се вратил во Германија, потпишувајќи договор со екипата на Хановер каде останал до крајот на својата кариера, до мај 2009 година.

Репрезентативна кариера Тарнат го направил своето деби за германската репрезентација во квалификациите за Светското првенство 1998 против Ерменија на 9 октомври 1996. Тој бил избран од селекторот Берти Фогтс за Светското првенство 1998 во Франција, каде играл во четири од петте натпревари на репрезентацијата на турнирот пред да бидат изненадувачки елиминирани од Хрватска во четврт-финалето. Во натпреварот од групната фаза против Југославија, по неговиот шут од слободен удар Синиша Михајловиќ го сменил правецот на топката постигнувајќи си автогол.

Титули Бајерн Минхен Бундеслига : 1998-1999, 1999-2000, 2000-2001, 2002-2003. Куп на Германија : 1997-1998, 1999-2000, 2002-2003. Лига куп на Германија : 1997, 1998, 1999, 2000 УЕФА Лига на шампиони : 2000–01 Интерконтинентален куп : 2001

Надворешни врски

Михаел Тарнат на transfermarkt Михаел Тарнат на soccerway Михаел Тарнат на espn Михаел Тарнат на 90minut

Наводи

Категорија:Живи луѓе Категорија:Германски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Бајерн Минхен Категорија:Фудбалери на ФК Манчестер Сити Категорија:Фудбалери на ФК Хановер 96 Категорија:Фудбалери од Бундеслигата Категорија:Фудбалери од Премиер Лига Категорија:Фудбалери на Светско првенство 1998 Категорија:Родени во 1969 година