Капиталот на банките (англиски: Bank Capital) ги покажува трајните извори на средства, односно оние средства кои ги вложиле сопствениците на банката. Овие средства, банката нема обврска да ги врати, туку тие ѝ остануваат на располагање сè додека таа постои. Банките во своето работење претежно се потпираат врз туѓи извори на средства што произлегува од основната функција на банките да посредуваат помеѓу оние економски агенти кои имаат вишок и оние кои имаат недостиг од финансиски средства. Ова е всушност причината поради која што учеството на капиталот во вкупните извори на средства кај банките е многу помало во споредба со она на нефинансиските трговски друштва. И покрај своето релативно скромно значење како извор на финансирање, капиталот има централно место во работењето на банките при што го привлекува вниманието како на акционерите (капиталот набљудуван низ призмата на принос што може да го остварат во однос на ризикот што го преземаат) и раководствата на банките (големо значење за деловната политика), така и на регулаторните органи и јавноста (оцена на сигурноста на банката). Со тоа што капиталот, освен дел од процесот на раководење на банката, претставува и прашање од поширок јавен интерес, клучното прашање за раководството на банката е како да се обезбеди оптимално ниво на капитал од гледна точка на целите на банката, но истовремено да се задоволат и ограничувањата што ги поставуваат регулаторите.

Улогата на капиталот во работењето на банките Повеќе капитал (со самото тоа, помалку долг) значи дека банките се повеќе способни да ги претрпат загубите. Но истовремено, повеќе капитал значи помал профит. Ова е и причината поради која поседувањето на повеќе капитал за банките е „скапо“. И покрај тоа, банките не одрекуваат дека капиталот е есенцијален, бидејќи без него и најмала загуба ќе доведе до несолвентност. Капиталот може да се гледа како процент на средства коишто банката може да ги изгуби без притоа да стане несолвентна. Ако се намали вредноста на средствата на банката, тоа треба да се корегира со прилагодување на изворот на финансирање кој се користи. Обврските, како што се долгот и депозитите не можат да се намалат, но капиталот може. Акционерите се согласуваат да ги апсорбираат загубите доколку банката се најде во тешки времиња. Со тоа, капиталот наместо фонд за тешки времиња, претставува мерка за потенцијалот на банката да апсорбира загуби. Капитал на банките Банките држат капитал и од следниве причини: тој обезбедува заштита од недостаток на готовина, бидејќи дивидендите можат да не се исплатат без притоа да има катастрофални последици, со што ќе се ослободат пари за да се исплатат штедачите; доколку банката е принудена да се затвори, капиталот може да се искористи за да се платат неплатените долгови; поседувањето на капитал ја охрабрува банката да презема помал ризик со оглед на тоа дека ризикува да го изгуби во случај на банкрот; поради асиметричните информации, односно бидејќи банките знаат повеќе за исправноста на своето работење отколку што знаат инвеститорите, одлуката да држат повеќе капитал им сигнализира на штедачите и потенцијалните инвеститори дека банката нема да преземе преголем ризик; бидејќи им е наложено од регулаторните органи.

Всушност капиталот има три основни функции: Извор на финансирање – капиталот вложен од акционерите на банката служи за финансирање на инвестициите и тековните трошоци во почетниот период од работењето, бидејќи новата банка сè уште нема прибрано депозити од јавноста. Подоцна, капиталот го губи значењето како извор на финансирање поради тоа што банката претежно се финансира од туѓи извори на средства. Меѓутоа, и тогаш капиталот има посредно значење бидејќи поголемиот капитал ја зголемува сигурноста на штедачите и другите доверители, а тоа го олеснува пристапот на банката до туѓите извори на средства. Заштита од загуба во работењето – најважната функција на капиталот. Всушност, капиталот ги ублажува последиците од разните ризици на кои е изложена банката. Поради тоа што банките претежно се финансираат од туѓи извори на средства, доволно е банката да се соочи со мала загуба на средствата за таа да стане технички несолвентна, односно вредноста на нејзините обврски да биде поголема од вредноста на нејзините средства. Доколку, на пример, една банка 90% од средствата финансира од депозити, а 10% од сопствени средства, и вредноста на средствата на банката се намали за 15%, банката ќе биде несолвентна. Но, во случај банката да располага со поголем капитал, таа ќе остане солвентна, бидејќи загубата во работењето ќе падне на товар на капиталот. Од ова може да се заклучи дека, колку е поголем износот на капитал, толку банката е поподготвена да ги покрие загубите во работењето. Всушност, капиталот на банката покажува колкав износ на загуба може да покрие банката, а да не ги оштети штедачите и другите доверители. Можности за растеж на банката – големината на капиталот делува како регулатор на растежот на банката. Доколку банката сака да го прошири работењето потребно е да обезбеди дополнителен капитал. И зголемувањето на средствата преку позајмување на финансиските пазари мора да биде поддржано со дополнителен капитал по барање на доверителите кои сакаат да се заштитат од ризикот од пропаѓање на банката. Регулаторните органи пак, ги ограничуваат активностите на банката така што ги врзуваат за износот на капитал што го поседува банката. Всушност, регулативните одредби го ограничуваат растежот на банката, така што доколку банката сака да одобрува нови кредити, да вложува во недвижности или да стекнува сопственички учества во други друштва, таа мора да го зголеми капиталот.Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје, 2011, стр. 268-270.

Видови капитал

Капиталот како сметководствена категорија

Во сметководтвото, капиталот на банката е разлика помеѓу вредноста на средствата (активата) на банката и вредноста на нејзините обврски. Од сметководствена гледна, точка капиталот го сочинуваат повеќе различни ставки: запишан капитал (најголемо учество во капиталот на банките; номинална вредност на обичните и приоритетните акции издадени од банката и уплатени во целост); сопствени акции (ги откупила банката; одбитна ставка којашто го намалува капиталот); премија од издадени акции (разлика помеѓу продажната и номиналната вредност на издадените акции); задржана добивка (кумулативен износ на нераспределената добивка на банката во текот на работењето на банката); хибридни финансиски инструменти (комбинација на долговните и сопственичките хартии од вредност); резерви (банката ги издвојува од добивката за покривање на сегашните или идните веројатни обврски); малцински учества (учество на банката во капиталот на други финансиски институции).

Меѓутоа, сметководствениот капитал не ја одразува вистинската способност на банката за покривање на ризиците во работењето поради тоа што во сметководството на банката, голем дел од средствата и обврските се водат по историска, набавна вредност. Иако, во поново време, сè поголем дел од средствата на банките се прикажуваат по пазарна вредност, сепак овој проблем не е целосно отстранет.

Пазарна вредност на капиталот Теоретски, капиталот може да се набљудува и како разлика помеѓу пазарната вредност на средствата и пазарната вредност на обврските на банката. Исто така, пазарната вредност на капиталот може да се добие така што бројот на издадени акции ќе се помножи со нивната пазарна вредност. Пазарната вредност на капиталот претставува најдобар показател за финансиската состојба на банката, особено во однос на заштита од ризиците. По правило, оваа вредност е поголема во споредба со сметководствената вредност на капиталот бидејќи ги одразува и можностите за раст и очекуваните приливи во иднина. Меѓутоа, поради тоа што сите банки не котираат на берзите, како и тоа дека цените на акциите се менуваат секојдневно, и покрај теоретската надмоќ на пазарната вредност, регулаторите се држат до сметководствената вредност.

Регулаторен капитал Регулаторите, за своите потреби, даваат посебна дефиниција на капиталот којашто не мора да се совпаѓа со сметководствената дефиниција. Тие дозволуваат во капиталот да се вклучат и некои ставки коишто од сметководствена гледна точка не претставуваат капитал.Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2011, стр. 270-271. Така, според НБРМ, сопствените средства на банката претставуваат збир на основниот капитал и дополнителниот капитал намален за износот на одбитните ставки. При утврдувањето на износот на сопствените средства, банката е должна да ги почитува следните ограничувања: дополнителниот капитал не смее да биде поголем од износот на основниот капитал на банката; збирот на износот на кумулативните приоритетни акции и на субординираните инструменти коишто се дел од дополнителниот капитал не смее да надмине 50% од износот на основниот капитал.

Основен капитал Според регулативата на НБРМ, позициите коишто се дел од основниот капитал треба да ги исполнуваат следните услови: НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012) да се безусловно неповратни, односно да немаат рок на достасување и да не содржат клаузули или друг вид одредби коишто даваат можност за откупување, повлекување или исплата; исплатата на дивиденда се врши само по исплата на сите правни и договорни обврски на банката и позициите не се оптоварени со задолжителна обврска за банката за редовна исплата на дивиденда; да се во целост и веднаш на располагање за покривање на ризиците и загубите за време на работењето на банката; да се во целост и неограничено расположливи за покривање на обврските на банката кон нејзините доверители во случај на стечај, односно ликвидација на банката.

Во основниот капитал на банката се вклучуваат: Номиналната вредност на запишаните и уплатените обични и некумулативни приоритетни акции и премијата од продажбата на овие акции. Премијата од продадени акции претставува разлика меѓу продажната и номиналната вредност на акциите. Доколку продажната вредност на акциите е пониска од нивната номинална вредност, се добива негативна премија од продадени акции. Доколку продажната вредност на акциите е повисока од нивната номинална вредност, се добива позитивна премија од продадени акции; Резерви и задржана нераспоредена добивка или загуба на банката: Резерви издвоени од оданочената добивка, коишто служат за покривање на загубите што произлегуваат од ризиците со кои се соочува банката во своето работење, Задржана добивка којашто не е оптоварена со какви било идни обврски, којашто е искажана во билансот на состојба и потврдена со одлука на Собранието на акционери на банката. Одлуката треба да содржи одредба којашто предвидува задржаната добивка да не биде расположлива за исплата на дивиденда на акционерите во иднина (ограничена за распределба на акционерите). Во оваа позиција се вклучува и акумулираната загуба од претходни години, со негативен предзнак; Добивка остварена во текот на годината (тековна добивка) доколку се исполнети следните услови: износот на тековната добивка на одреден пресечен датум е потврден од овластен ревизор, при што тековната добивка може да е дел од основниот капитал на банката за наредниот период на известување, само доколку во наредниот период банката остварила повисок износ на тековна добивка од износот потврден од страна на овластениот ревизор, износот на тековната добивка е намален за какви било плаќања врз основа на авансна дивиденда исплатена во текот на годината, даночни или друг вид слични обврски коишто се плаќаат од тековната добивка, банката ги вреднува своите средства и обврски врз основа на пропишаните сметководствени стандарди, надзорниот одбор на банката донел одлука со која се предвидува распоредување на тековната добивка во резервите или задржаната добивка на банката, со што нема да може да се користи за исплата на дивиденда на акционерите, и