Детективски роман — поджанр на криминалистичкиот роман и на мистеријата, во кој истражувач или детектив, професионалец или аматер, истражува злосторство, кое најчесто е убиство.
Почетоците на детективскиот роман
Во античката литература Некои проучувачи на оваа област, сметале дека одредени антички и религиозни текстови имаат сличности со она што подоцна ќе се нарече детективски роман. Во приказната за „Сузана и Старешините“, која припаѓа на Стариот завет (во протестантската Библија, оваа приказна е дел од апокрифот), приказната на двајцата сведоци паѓа во вода кога Даниел накрсно ги испрашува. Авторот Џулијан Симонс ги коментирал писателите кои оваа приказна ја гледаат како детективска приказна со аргументот дека „оние кои бараат фрагменти од откривање кај „Библијата“ и Херодот бараат само загатки“ и дека овие загатки не се детективски приказни. Во драмата „Кралот Едип“ од старогрчкиот драмски писател Софокле, истоимениот лик ја открива вистината за неговото потекло откако испрашува различни сведоци. Иако „Едиповото добивање на податоци се засновува на натприродни, нерационални методи кои се видливи во повеќето раскажувања за злосторства сè до развојот на идејата за Просветителство во XVII и XVIII век“, ова раскажување ги поседува „сите главни одлики и формални елементи на една детективска приказна, вклучувајќи мистерија поврзана со одредено убиство, затворен круг на осомничени лица, и постепеното разоткривање на затаеното минато.“
Раниот арапски детективски роман Најраниот познат пример на детективска приказна бил “Трите јаболка“, една од приказните раскажана од Шехеразада во „Илјада и една ноќ“. Во оваа приказна, рибар открива тежок, заклучен ковчег по текот на реката Тигар и го продава на Абасидскиот Калифат, Харун Ал Рашид. Кога Харун го отвора ковчегот, во него наоѓа тело на мртва жена исечено на парчиња. Харун му наредува на својот везир Џафар Ибн Јахј да го реши убиството и да го најде убиецот во рок од 3 дена, во спротивно ќе биде погубен за неговиот неуспех. Повеќето заплети кои се случуваат за време на приказната создаваат чувството на исчекување кај читателот. Поради тоа, оваа приказна може да се смета дека е прототип на детективскиот роман.
Главната разлика меѓу Џафар („Трите Јаболка“) и подоцнежните детективи како што се Шерлок Холмс и Херкул Поаро, е дека Џафар не пројавува желба да го реши случајот. Мистеријата наречена „кој го направи тоа“ се решава кога убиецот самиот го признава злосторството, што води до друга задача во која Џафар треба да го најде виновникот кој иницирал убиството во рок од 3 дена, во спротивно ќе биде погубен. Џафар повторно не успева да го најде виновникот пред истекот на даденото време, но како резултат на неговото случајно откривање на клучен предмет, тој најпосле успева да го реши случајот со помош на логично размислување, за да го спречи сопственото погубување.
Раниот кинески детективски роман Гонг-ан романот (公案小说 , буквално: „евидентирани случаи на еден јавен правен суд“) е најраниот познат жанр на кинескиот детективски роман.
Некои добро познати приказни ги вклучуваат приказната „Кругот од креда“ на династијата Јуан, збирката приказни „Бао гонг ан“ (Bao Gong An) и збирката приказни „Ди гонг ан“ (Di Gong An) од 18 век. Последно споменатата збирка била преведена на англиски како „Прочуените случаи на судијата Ди“ (Celebrated Cases of Judge Dee) од холандски синологист Роберт Ван Гулик, кој подоцна го искористил стилот и ликовите за да создаде оригинален серијал на романи „Судијата Ди“.
Херојот/детективот во овие романи е еден традиционален судија или сличен човек на функција создаден врз основа на историски личности како што се Судијата Бао (Bao Qingtian) или Судијата Ди (Di Renjie). Иако историските личности живееле во поран период (како што се Сонг или Танг династиите), повеќето приказни се напишани во подоцнежниот Минг или Кинг (Ming or Qing) период.
Според Гулик, овие романи се разликуваат од западната традиција во неколку факти:
детективот е локален носител на правдата кој обично е вклучен во неколку неповрзани случаи истовремено; криминалецот е претставен на почетокот од приказната и неговото злосторство и причините се внимателно објаснети, создавајќи притоа обратна детективска приказна, наместо „сложувалка“; приказните имаат натприроден елемент при што духовите им кажуваат на луѓето за нивната смрт, па дури и го обвинуваат криминалецот; приказните се исполнети со дигресии во филозофијата, целосни текстови од официјални документи, и многу повеќе, резултирајќи во мошне долги книги; романите најчесто имаат огромен број на ликови, обично стотици, чија врска со различните главни ликови во приказната е објаснета.
Ван Гулик одбрал да го преведе делото „Ди Гонг Ан“ поради тоа што, според него, тоа било поблиско до западната традиција и би било попримамливо за некинеските читатели.
Забележителен е податокот, дека одреден број на Гонг Ан дела биле загубени или уништени за време на Литературната Инквизиција и војните во античка Кина. Денес може да се најдат само мал број или пак некомплетни изданија, на пример, единствената копија од Ди Гонг Ан била пронајдена во книжара за користена литература во Токио, Јапонија.
Раниот западен детективски роман
Еден од најраните примери за детективски роман е делото „Задиг“ (Zadig) (1748г.) од Волтер, во кое главниот лик прави храбри анализи. „Нештата какви што се“ (Things as They Are); или „Авантурите на Кејлеб Вилијамс“ (The Adventures of Caleb Williams) од Вилијам Годвин, го прикажуваат законот како нешто што ги штити убијците, а ги уништува невините. Данската криминалистичка приказна „Ректорот од Веилби“ (The Rector of Veilbye) од Стин Стинсен Бличер била напишана во 1829 година, а норвешкиот криминалистички роман „Убиството на изработувачот на машини Ролфсен“ (The Murder of Engine Maker Rolfsen) од Мауриц Хансен бил објавен во 1839 година.
„Госпоѓата од Скудери“ (Das Fräulein von Scuderi), куса приказна од 1819 година напишана од Е.Т.А. Хофман, во која Госпоѓата од Скудери ја докажува невиноста на главниот осомничен на полицијата во случајот на убиството на еден златар, некогаш се смета за првата детективска приказна и директно влијание на делото на Едгар Алан По, „Убиство во улицата Морг“ (Murders in the Rue Morgue). Исто така, како можно влијание на Едгар Алан По се смета „Тајната ќелија“, куса приказна издадена во септември 1837 година од Вилијам Еванс Бартон, во која се раскажува за тоа како еден полицаец од Лондон ја решава мистеријата на едно киднапирано девојче. Измислениот детектив на Бартон се служи со практични методи – испрашување сведоци, познавање на подземјето и прикриено надгледување – наместо брилијантност, имагинација или интелект, но се смета дека оваа приказна може да му била веќе позната на По, кој во 1839 година работел за Бартон.
Воспоставување на жанрот
Вистинскиот детективски роман во земјите во кои се зборува англискиот јазик се смета дека започнал во 1841 година со издавањето на „Убиство во улицата Морг“ од Едгар Алан По, во кое се појавува „првиот измислен детектив, ексцентричниот и брилијантен Ц. Август Дупин. По создал „рецепт за заплет кој оттогаш па до денес се покажал успешен, со или без неколку променливи.“ По продолжил да издава натамошни приказни кои се вртат околу ликот на Август Дупин: „Мистеријата на Мари Роже“ (The Mystery of Marie Roget) во 1843 и „Украденото писмо“ (The Purloined Letter) во 1845 година.
По, овие приказни ги нарекол „сказни на логично разоткривање“. Во ваквите приказни, главната цел на заплетот е утврдување на вистината, а вообичаениот начин на откривање на вистината е сложен и мистериозен процес кој ги комбинира интуитивната логика, остроумното забележување и мудрото донесување заклучоци. „Раните детективски приказни биле наклонети кон следење на протагонистот од првата до последната сцена, правејќи го разоткривањето практична, наместо емоционална, случка.“ „Мистеријата на Мари Роже“ е особено интересна приказна поради тоа што е едвај измислена приказна која се заснова на теоријата на По, за тоа што се случило со вистинската Мери Сесилија Роџерс.
Емил Габорио бил пионир на детективскиот роман во Франција. Во „Господин Лекок“ (Monsieur Lecoq) (1868г.), истоимениот лик е вешт во маскирање, клучна одлика на еден детектив. Се смета и дека делата на Габорио го содржат првиот пример за детектив кој детално го истражува местото на злосторството.
Друг ран пример за „кој го направи тоа“ е подзаплет во романот „Мрачна куќа“ (Bleak House) (1853г.) на Чарлс Дикенс. Препредениот адвокат Талкингхорн (Tulkinghorn) е убиен доцна навечер во неговата канцеларија и злосторството го истражува инспекторот Бакет од полициската единица на Метрополис. Таа ноќ, на скалите кои водат до канцеларијата на Талкингхорн се појавиле повеќе ликови, од кои некои маскирани, и инспекторот Бакет мора да навлезе во овие мистерии за да го пронајде убиецот. Исто така, со својата смрт, Дикенс оставил еден недовршен роман, „Мистеријата на Едвин Друд“ (The Mystery of Edwin Drood).
На ученикот на Дикенс, Вилки Колинс, понекогаш именуван како „дедо на англискиот детективски роман“, му се припишува првиот успешен роман-мистерија, „Жената во бело“ (The Woman in White). Томас Елиот го нарекол романот на Колинс „Месечевиот камен“ (The Moonstone) (1868г.) „првиот, најдолгиот и најдобриот од англиските детективски романи....во жанр создаден од Колинс, а не од По“, а Дороти Сејерс го нарекла „најверојатно најдобрата детективска приказна некогаш напишана“. „Месечевиот камен“ содржи повеќе идеи, кои во жанрот вовеле неколку класични составни делови на детективската приказна од 20 век:
Грабеж на англиската вонградска куќа „работа на внатрешен човек“ одвлекувачи на вниманието истакнат, вешт, професионален истражувач неспособен локален шериф детективски испрашувања голем број на погрешни осомничени лица „најнеочекуван осомничен“ најпросто убиство во „затворена соба“ реконструкција на злосторството краен пресврт на настаните во заплетот
Иако „Месечевиот камен“ обично се смета за прв детективски роман, постојат и други кандидати. Повеќе критичари тврдат дека помалку познатото дело „Мистеријата од Нотинг Хил“ (1862-63 година), напишано од псевдонимот Чарлс Феликс (подоцна идентификуван како Чарлс Ворен Адамс , му претходело повеќе години и прво поседувало техники кои подоцна ќе го дефинираат жанрот.
Литературните критичари Крис Вилис и Кејт Вотсон, ја сметаат првата книга на Мери Елизабет Бредон, уште пораната „Трагата на змијата“ (“The Trail of the Serpent” -(1861 година), за прв британски детективски роман. Романот „ја вклучува необичната и иновативна детективска личност, господин Питерс, кој е нем припадник на пониската класа, и кој најпрво, низ текстот и преку ликовите во текстот е прикажан како неважен.“ Подоцнежното и позапомнетото дело на Бредон, „Аурора Флојд“ (Aurora Floyd) (испечатено во форма на роман во 1863 година, но направено во серијал во 1862-63 година), исто така го вклучува занесниот детектив Гримстон од Скотланд Јард.
Мелодрамата на Том Тејлор, „Човекот со карта за излез“ (The Ticket-of-Leave Man), адаптација на „Леонард“ од Едуард Бризбер и Јуџин Нус, се појавила во 1863 година и го претставила детективот Хокшо. На кратко, тешко е да се утврди кој бил првиот писател на англискиот детективски роман, поради тоа што различни автори ја истражувале оваа тема истовремено.