Исак Башевис Сингер (21 ноември 1902, Леонќин, Полска - 25 јули 1991, Мајами, САД) — полски и американски писател од еврејско потекло, добитник на Нобелова награда за литература во 1978 година.Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2010.
Животопис Татко му на Исак Башевис Сингер бил рабин, приврзаник на хасидизмот, а мајка му имала порационални погледи. Во 1908 година, семејството живеело во еврејскиот кварт во Варшава. Сингер го добил традиционалното образование на јазикот иврит, читал книги на јазикот јидиш на современи научни, политички и економски теми и уметничка литература. Од 1917 до 1920 година живеел во родното село на мајка му, Билгорај, каде што традициите и начинот на животот на Евреите биле зачувани и неизменети од средновековието. Во 1920 година, кратко време учел во богословијата за рабини во Варшава. Во 1923 година работел во списанието издавано од брат му Израел Јошуа - писател, застапник на идејата за обновување на јудаизмот преку поголемо учество на Евреите во европската култура. Во меѓувреме Сингер стекнал познавања на филозофијата, психологијата и природните науки, пројавувал интереси за окултизмот и преведувал творби на Кнут Хамсун, Томас Ман и Ерих Марија Ремарк. Од 1933 година бил заменик уредник на списанието „Глобус“, каде што го објавил својот прв роман „Сатаната во Гореја“ (1943), кое се смета за негово најдобро дело. Во 1935 година, обеспокоен од растечкиот бран на антисемитизмот во Германија, Сингер заминал во САД. Живеел во Њујорк и работел во списанието „Џуиш дејли форварг“, во кое од 1932 година работел и неговиот брат. Во 1943 година тој станал државјанин на САД.
Дела Творештвото на Сингер е големо и се состои од романи, раскази и поезија. Долги години, пишувал само на јидиш, а најпознати негови дела се: „Семејството Мушкат“, „Сатаната во Гореја“, „Волшебникот од Лублин“, „Спиноза од пазарот“, „Роб“ и „Непријатели“.„Beleška o piscu“, во: Isak Baševis Singer, Rob. Beograd: BIGZ, 1979, стр. 259-260.
Во 1978 година ја добил Нобеловата награда за литература. Во таа прилика, Сингер изјавил: „Добив многу поголемо признание отколку што заслужувам“. Во своите дела, Сингер е опседнат со животот и страдањата на Евреите и поради тоа, тој стекнал светска слава многу доцна - дури во својата 74. година. Сингер е писател кој мисли длабоко, но понекогаш и еретички. Поради тоа, критичарите често го нарекувале „мудар еврејски лудак“ и „филозоф обземен со сексот, питом фаун со топло срце исполнето со силни страсти и верски колебања“. Тој може да се опише како верски фанатик со нерелигиозни сфаќања, бидејќи во своите дела е опседнат со судбината на поединецот и девалвацијата на моралните вредности. Ликовите во неговите дела секогаш се нетипични јунаци, кои се мачат да ги осознаат вистината и суштината на нештата. Обично, тие се длабоко религиозни, но се наоѓаат во постојана расправа со Бога. За себе, Сингер рекол: „Пишувам само за оние теми што ме фасцинираат. Ги оживувам личностите и случките кои ниту еден друг писател не би бил во состојба толку пластично да ги прикаже“.
Наводи
Категорија:Родени во 1902 година Категорија:Починати во 1991 година Категорија:Добитници на Нобеловата награда за литература Категорија:Американски писатели Категорија:Луѓе од Варшава Категорија:Американски нобеловци Категорија:Полски нобеловци Категорија:Еврејски нобеловци Категорија:Полски Евреи Категорија:Родени во 1903 година