десно|мини|300п|Група панкери на музички фестивал. Панк поткултурата, која се темели на панк-рок-музиката вклучува широк спектар на идеологии, моди и форми на израз, вклучувајќи визуелна уметност, танц, литература и филм. Гледишта против државното уредување и унапредување на идивидуалната слобода во голема мера ја карактеризираат поткултурата.

Историја

Панк поткултурата се родила во Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Австралија во средината на 70-тите години. Во кој точно регион настанал панкот е голема полемика во рамките на ова движење. Раниот панк имал изобилие на претходници и влијанија и Џон Севиџ ја опишува поткултурата како колаж од речиси сите претходни култури на младите во западниот свет уште од Втората светска војна, споени со безопасна игла. Различни музички, филозофски, политички, книжевни и уметнички движења имале влијание врз поткултурата.

Во доцните 70-ти, почнале да се појавуваат различности, кои довеле до брз раст во бројот на факции, како што се нов бран (New Wave), два тона (2 Tone), поп панк, хардкор панк, Ноу вејв (No wave), стрит панк и Ои. Хардкор панкот, стрит панкот и Ои панкот настојувале да ја отфрлат несериозноста воведена во подоцнежните години од првенственото панк движење. Панк поткултурата влијаела на други андерграунд музички сцени како што се алтернативниот рок, инди музиката и кросовер (crossover) трешот. Во раните и средните 90-ти години, настанало ново движење во Соединетите американски држави кое настојувало повторно да го оживее панк движењето, отстранувајќи некои од орнаментите на хардкорот.

Музика

Панк поткултурата се темели на гласен, агресивен жанр на рок-музика наречена панк-рок. Панк-рокот обично го свират мали бендови кои се состојат од вокалист, една или две електрични гитари, електрична бас гитара и тапанар. Во некое панк бендови има и придружни вокали кои вообичаено се состојат од извикување слогани, рефрени или скандирања во фудбалски стил.

Додека во поголемиот дел од панк-рокот се користат гитари со дисторзија и гласни тапани кои се изведени од гаражниот рок од 60-тите и рокот од пабовите од 70-тите години, некои панк бендови вклучуваат елементи од други потжанрови, како што се хеви метал, фолк рок, павер поп (power pop), рокабили или реге. Повеќето панк-рок песни се куси, имаат едноставни и основни аранжмани со користење на релативно мал број акорди и имаат текстови кои ги изразуваат панк идеологиите и вредностите, иако некои панк текстови се во врска со поедноставни теми како разделба или драма во врските. Различни панк поткултури често се разликуваат меѓу себе преку нивниот единствен стил на панк-рок, иако не секој панк-рок стил е поврзан со своја поткултура.

Најраната форма на музика која се нарекувала панк-рок бил гаражниот рок од 60-тите години, и поимот бил ретроактивно изнесен од влијателни рок критичари во 70-тите години. Во доцните 60-ти години, музиката која денес се нарекува протопанк станала како резултати на повторното оживување на гаражниот рок во североисточните делови на Соединетите Американски Држави. Првата посебна музичка сцена која го усвоила обележјето „панк“ се појавила во Њујорк во периодот помеѓу 1974 и 1976 година. Околу тој период или пак набргу потоа, се создала панк сцена во Лондон, Англија. Последователно, Лос Анџелес станал дом на третата главна панк сцена. Овие три градови го формирале ‘рбетот на движењето во подем, но постоеле и други панк сцени во градовите како што се Брисбејн, Мелбурн и Сиднеј во Австралија и Бостон во Соединетите Американски Држави.

Панк рок сцената во Њујорк се воздигна од поткултурното подземје кое го унапредуваа уметници, новинари, музичари и широк спектар на некомерцијални ентузијасти. На грубиот и експериментален, но сепак мелодичен звук на Д Велвет Андерграунд (The Velvet Undergroud) кој се јавил во периодот од средината до крајот на 60-тите години, поврзан со трансгресивните медиумски дела на Енди Ворхол, му се оддава признание за неговото влијание врз бендовите од 70-тите како што се Њујорк долс (New York Dolls), Д Стуџес (The Stooges) и Д Рамоунс (The Ramones). Раните панк бендови од Њујорк често опстанувале мошне кратко поради широката употреба на рекреативни дроги, промискуитетен секс и длабоки – некогаш насилни- борби за моќ, но релативната популарност на музиката довела до развој на панкот во еден начин на живот и движење.

Идеологии

Иако за панкерите се смета дека застапуваат најчесто левичарски или прогресивни гледишта, панк политиката го покрива целиот политички спектар. Панк идеологиите се најчесто поврзани со поединечната слобода и анти-државните гледишта. Најчестите панк гледишта вклучуваат анти-авторитарност, етика за независење од експерти на одредена област, не-сообразеност, директна акција и непродавање на своите морални вредности за лична добивка.

Други забележителни трендови во панк политиката вклучуваат нихилизам, бунтовништво, анархизам, индивидуализам, социјализам, анти-милитаризам, анти-капитализам, анти-расизам, анти-сексизам, анти-национализам, анти-хомофобија, екологија, вегетаријанство, веганство и животински права. Меѓутоа, некои поединци во рамите на панк поткултурата застапуваат десничарски гледишта (како оние поврзани со мрежната страница Конзервативен Панк), нео-нацистички гледишта (наци-панк) или имаат аполитички гледишта (хорор-панк).

Раните британски панкери изразувале нихилистички гледишта со слоганот „Нема Иднина“, кој произлезе од песната на Секс пистолс (Sex Pistols) “Гад сејв д куин (God Save the Queen)”. Во Соединетите Американски Држави, панкерите имале поинаков пристап кон нихилизмот кој се засновал на нивната незаинтересираност за сегашноста и нивното незадоволство од стандардите на средната и работничката класа. Панк нихилизмот се изразувал преку употребата на посилни, повеќе само-деструктивни, свесто-уништувачки супстанци како што се хероин и метамфетамини. Автентичноста е мошне важна во панк поткултурата – пејоративниот поим „позер“ им се дава на оние кои ги прифаќаат стилистичките вредности на панкот, но притоа не ги разбираат суштинските вредности на филозофијата.

Мода

Панкерите сакаат да ги збеснат останатите со нивната театрална облека, фризура, козметички препарати, тетоважи, накит и модификации на телото. Раната панк мода ги адаптирала предметите од секојдневнието за естетички ефект: искинати парчиња облека биле прикачени меѓусебно со помош на безопасни игли или пак биле обложени со селотејп; обичната облека била прилагодена преку нејзино декорирање со маркери или со боја; кесата за ѓубре станувала фустан, маица или здолниште; безопасни игли и жилети се користеле како накит. Исто така, популарни биле парчињата облека од кожа, гума, винил кои јавноста ги поврзувала со трансгресивни сексуални игри како врзување и садо-мазохизам.

Некои панкери носеле тесни и припиени фармерки, карирани пантолони, килтови или здолништа, маички, кожни палта (кои најчесто биле украсени со насликани логоа на некој бенд, игли и беџови, метални обетки или боцки) и обувки како што се Конверс старки, скејтерски патики, „бротел криперс (brothel creepers)“ или чизми Д-р. Мартенс (Мартинки). Некои панкери кои се појавиле на почетокот, повремено носеле облека на која бил изложен нацистичкиот крст (Свастика) за да предизвикаат контроверзност, но повеќето постојани панкери биле строго анти-расисти и поголема била веројатноста истите да носат прецртана свастика. Некои панкери ја правеле својата коса во вид на четка или други драматични форми, ја исправувале да стои во вид на боцки и ја фарбале со вибрантни и неприродни нијанси.

Некои панкери се против модата, застапувајќи го ставот дека панкот треба да се дефинира преку музиката или идеологијата. Ова се среќавало најчесто кај бендовите од американската хардкор панк сцена по 80-тите години, каде припадниците на поткултурата често се облекувале во еднобојни маици и фармерки, наспроти комплицирано-дизајнираните алишта и офарбаната коса со боцки на нивните британски спротивности. Многу групи усвојувале изглед кој се сведува на улична облека и работна униформа на работничката класа. Обожавателите на хардкор панкот усвоиле стил на облекување кој се состои од маици, фармерки, војнички чизми или патики и кусо ишишана коса. Жените кои биле дел од хардкор сцената вообичаено носеле војнички пантолони, маица од некој бенд и дуксер. Стилот на хардкор сцената од 80-тите години претставува контраст на оној кој го практикувале панк-рокерите од 70-ти години (комплицирани фризури, искинати алушта, прешивачи, безопасни игли, метални обетки, боцки, итн.). Фронтменот на Сркл џркс (Circle Jirks), Кит Морис, ја опиша раната хардкор мода како “панк сцената всушност се базираше на англиската мода. Но, ние немавме никаква врска со тоа. Блек флег (Black Flag) и Сркл џркс (Circle Jerks) не беа ни блиску до тоа. Ние изгледавме како момчето кое работи на бензинската станица или во продавницата за подводна опрема.“ Хенри Ролинс ја надополнува поентата на Морис, додавајќи дека за него да се облечеш се подразбира облекување на црна маица и потемни панталони; Ролинс го гледал интересот за модата како одвлекување на вниманието. Џими Гестапо од бендот Мрфис Ло (Murphy’s Law) ја опишува својата транзиција од облекување во панк стил (фризура со боцки и ремен за врзување) во прифаќање на хардкор стилот (избричена глава и чизми) како транзиција која се јавила како потреба за носење на пофункционална облека. Научен извор тврди дека „хардкор децата не личат на панкери“, бидејќи членовите на хардкор сцената носат најобична облека и куса фризура, во контраст со „украсените кожни палта и панталони“ кои се носат на панк сцената. Во контраст со гледиштата на Морис и Ролинс, научен извор тврди дека стандардната хардкор панк облека и стил вклучуваат искинати фармерки, кожни палта, стегачи со боцки за рацете и околувратник, коса во форма на четка, своерачно изработени украси од облека со метални обетки, насликани имиња на бендови, политички изјави и прешивачи. Друг научен извор го опишува изгледот кој бил вообичаен за хардкор сцената во Сан Франциско и вели дека тој се содржи од бајкерски кожни палта, ланци, украсени алки, пирсови на носот и други делови од телото, насликани или истетовирани изјави (на пример анархистички симбол) и фризури кои можат да бидат куси во војнички стил, офарбани црно или сино, четки и бричени глави. Метрополитскиот Музеј на Уметност беше домаќин на една сеопфатна изложба; Панк: Кеос ту кутур (PUNK: Chaos to Couture) во 2013 година која ги истражуваше техниките на хардверот, уништувањето и повторното пронаоѓање на смислата во панк модата.

Визуелна уметност

Панк естетиката го одредува видот на уметност која панкерите ја сакаат, обично со подземни, минималистички, иконокластични и сатирични сензибилитети. Панк уметничките дела ги красат омотите на албумите, флаерите за концерти и панк списанијата. Обично директна и со јасни пораки, панк уметноста често се занимава со политички прашања како што се социјалната неправда и економската различност. Употребата на слики кои прикажуваат патење со цел да се предизвика шок и да се создаде чувство на емпатија кај гледачот е вообичаена. Алтернативно, панк уметничките дела може да содржат слики кои прикажуваат себичност, глупавост или апатија за да испровоцираат презир кај гледачот или читателот.

Голем број од првенствените уметнички дела биле црно-бели, поради тоа што што биле дистрибуирани во списанијата кои се репродуцирале во копирниците. Панк уметноста исто така ја користел естетиката на студиото на Енди Ворхол за масовна продукција. Панкот одиграл и улога во повторното оживување на стенсил уметноста, предводена од Крас (Crass). Д Сичуејшнистс (The Situationists) исто така извршиле влијание врз изгледот на панк уметноста, особено на онаа од Секс пистолс (Sex Pistols). Панк уметноста често користела колаж, а пример за тоа била уметноста на Дед кенедис (Dead Kennedys), Крас (Crass), Џејми Реид и Виндстон Смит. Џон Холмстром бил панк илустратор кој изработил дела за Рамоунс (Ramones) и Панк Магазин (Punk Magazine).