Обичниот ползач или евроазискиот ползач () е мала врапчевидна птица од семејството на ползачките (Certhiidae). Тешко може да го разликуваме од краткопрстиот ползач, освен по пеењето. Распространет е низ умерена Евроазија, вклучувајќи ја и Македонија.
Опис Сите птици од семејството на ползачките се слични по изглед; тие се мали со избразденошарени и точкави кафеави горни делови од телото, светлопортокалови над опашката и белкави долни делови. Имаат долг искривен, кукест клун и долга цврста опашка која им овозможува потпора кога се качуваат по кората на дрвјата барајќи инсекти.
Долги се околу 12.5 см, а тешки 7-12.5 грама. Кафеавите горни делови се прошарани со црно, бело и портокалово, а опашката е еднобојнокафеава. Стомакот, слабините и задникот имаат кремавопортокалова нијанса. Половите се исти, а младенчињата се со побледи горни делови, а одоздола белкави, со потемни точки на слабините.
Повикот за контакт е многу тивко, тенко и високо сит, но највпечатлив повик е продорното црии, со вибрирање, понекогаш повторувано во серија. Песната на мажјакот почнува со срри, срри, проследено со неколку чрчорливи ноти, подолг опаѓачки бран и свиркање што опаѓа, а потоа се крева.
Таксономија и систематизација
Обичниот ползач под своето научно име, за првпат е опишан од Linnaeus во неговата Systema naturae во 1758. Името произлегува од грчкото kerthios, мала птица што ползи по дрво, опишана од Аристотел и други, и латинското familiaris, семејно или обично. Има 9 до 12 подвида (зависно чиј таксономски поглед ќе се земе предвид):
C. f. britannica; Велика Британија и Ирска; ирските се малку потемни од британските; C. f. macrodactyla; западна Европа; посветло одозгора и побели одоздола од C. f. britannica; C. f. corsa; Корзика; долните делови имаат светлопортокалова нијанса, а горните делови се поконтрастни од C. f. macrodactyla; C. f. familiaris; номинираниот подвид; скандинавија и источна Европа, на исток до западен Сибир; посветли одозгора од C. f. macrodactyla, бели долни делови; C. f. daurica; источен сибир и северна Монголија; посветол и посивкав од номинираниот; C. f. orientalis; Амурска област, североисточна Кина и Кореја; сличен на номинираниот, но попрошаран одозгора; C. f. japonica; Јапонија; потемен и поцрвеникав од C. f. duarica C. f. persica; Крим и Турција, на исток до северен Иран; посветол и со помалку портокалово од номинираниот; C. f. tianchanica; северозападна Кина; поблед и попортокалов од номинираниот; C. f. hodgsoni; западни Хималаи; често сметан како посебен вид - Хоџсонов ползач (C. hodgsonii) C. f. mandellii; источни Хималаи; сега почесто сметан за подвид на Хоџсоновиот ползач; C. f. khamensis; Кина, Сичуан; често сметан за подвид на Хоџсоновиот.
Поведение
Обичниот ползач е најраспространет вид од родот, кој се размножува низ умерениот појас од Ирска до Јапонија. Претпочита зрели дрвја, зимзелени, каде ја дели територијата со краткопрстиот ползач, а листопадни и мешани, каде е единствен член на семејството. Понасевер од опсегот живее на пониска надморска височина, но на Пиринејскиот Полуостров го има и над 1.370 метри. Во умерените области оваа птица е постојан жител, а птиците од посеверните краишта се селат кон југ, а оние од повисоките планински предели може да се симнат во потоплите подножја.
Како мала шумска птица со криптични пердуви и тивок повик, оваа птица може да не ја забележиме како вертикално потскокнува качувајќи се полека нагоре по стеблото на дрвото, помагајќи си со вкочанетата опашка и широко раширените прсти на нозете. Таа не е многу внимателна и плашлива и речиси е рамнодушна кон присуството на луѓето. Има карактеристичен непредвидлив брановиден лет, со наизменични замавнувања со крилјата, сличен на пеперугите. Зимно време живеат сами, но кога е многу студено може да се соберат по повеќе од десетина птици да спијат заедно на заштитено место за да се греат меѓусебно.
Исхрана
Обичниот ползач се храни со безрбетници од стеблата на дрвјата. Почнува од долу и се движи нагоре, и за разлика од лазачките, не се симнува надолу со главата, туку летнува до основата на некое друго блиско дрво. Го користи својот долг, тенок клун за да ги извади инсектите и пајаците од пукнатините во кората. Иако обично се хранат на дрвјата, повремено го ловат пленот на ѕидови, гола земја или меѓу паднатите борови иглички, па и додава некое иглолисно семе во својата исхрана во постудените месеци.
Женките обично се хранат на погорните делови од стеблото, а мажјаците на подолните. Ако мажјакот исчезне, неспарената женка ќе се храни во подолните делови на дрвото, задржувајќи се пократко време на секое дрво.
Зимно време може да се придружат кон мешано јато птици, но не сакаат да го делат изворот на храна со придружните сипки и кралчиња и можеби само ја искористуваат можноста за поголема заштита.
Размножување
Полова зрелост достигаат на едногодишна возраст. Гнездото го прават во дупка во дрвото или пукнатина од кората. Ако е присутна, ја претпочитаат џиновската секвоја, зашто лесно може да го ископаат мекото дрво. 394 Понекогаш користат пукнатини во ѕидови и згради, како и куќички за птици. Гнездото го постилаат со гранчиња, борови иглички, трева и помеки материјали како пердуви, волна, мов, лишај или пајажина. Несат 5-6 јајца, бели со многу ситни розовикави светки на поширокиот дел. Ги инкубира само женката 13–17 дена, а потоа пилињата ги хранат обата родитела, но и понатаму ги грее само женката додека да се оперјат по 15-17 дена. Околу 20% од паровите на југ и запад имаат и второ легло. Животниот век на овие птици е 2 години, но максимален забележан е 8 години и 10 месеци.
Статус Обичниот ползач има широк опсег од околу 10 милиони км² и многубројна популација од 11 - 20 милиони поединци само во Европа. Според Црвениот список на МСЗП, ова е вид со најмала загриженост од изумирање.
Наводи
Надворешни врски
Обичен ползач; видеа, фотографии и звуци на Интернет збирката птици Информации и илустрации на обичниот ползач од Водичот за птиците во Ерменија
Категорија:Ползачки Категорија:Птици на Македонија Категорија:Животински таксони опишани од Карл Линеј