Црноопашната блатарка () е птица од семејството пескаровидни. Се среќава и во Македонија. Црноопашната блатарка е релативно голема птица, со долги нозе и долг клун, која е опишана за првпат од шведскиот биолог Карл Лине во 1758 година. Во рамките на видот се издвојуваат три подвида, но кај сите нив е слична специфичната портокалова глава, вратот и градите со перјето во сезона на парење, обичната сива колоритност на перјето во зима и карактеристичните црни и бели линии на врвовите од крилјата.
Се размножува на територијата од Исланд во Европа до Средна Азија. Црноопашната блатарка ја поминува зимата во области како Австралија, западна и јужна Европа, како и западна Африка. Гнезди околу езера, мочуришта, блата и речни утоки. Светската популација на црноопашната блатарка брои меѓу 634 000 и 805 000 поединци, поради што нејзиниот статус е „речиси загрозен“.
Опис
Црноопашната блатарка е релативно голема птица со долг клун (од 7,5 до 12 см), долг врат и нозе. За време на сезоната на парење, бојата на клунот се менува во жолтеникава или дури портокалова со многу темен врв, додека во зима бојата на клунот е розова. Нозете се темносиви, кафени или црни. Нема истакнат полов диморфизам, но за време на сезоната на парење мажјаците се малку посветли, со заситена портокаловa боја на градите, главата и вратот. Во зима, возрасните единки имаат сиво-кафеави пердуви. Младенчињата имаат светли портокалови области по вратот и градите. Во лет, дебелите црни и бели линии на крајот од крилјата убаво се гледаат, додека, пак, на земја може да биде помешана со сличната Limosa lapponica. Во должина, црноопашната блатарка достигнува до 42 см од клунот до опашката, со распон на крилјата од 70 до 82 см . Мажјаците тежат околу 280 грама, додека женките се тешки околу 340 г. Женките по правило се малку поголеми од мажјаците, во просек околу 5% , со малку подолг клун (просек за 12-15%) . Најчесто повикот ѝ е остро вика-вика-вика.
Во една студија за црноопашната блатарка во Холандија се смета дека стапката на смртност во првата година од животот е 37,6%; 32% во втората година, а 36,9% потоа.
Таксономија Видот за првпат е опишан како Scolopax limosa од Карл Лине во 1758 година. Името произлегува од латинскиот збор limus, што значи кал. Современата класификација го вклучува видот кон родот на крајбрежни птици (Limosa) од семејството пескаровидни (Scolopacidae). Познати се три подвида :
L. limosa limosa, или европска црноопашна блатарка, која се среќава во западна и централна Европа, Средна Азија и азискиот дел на Русија . Главата, вратот и градите се светлопортокалови ; L. limosa islandica, или исландскa црноопашна блатарка, која се среќава главно во Исланд, но исто така и на Шетландските и Лофотенските Oстрови. Има кратки нозе и клун и има малку пор’ѓастокафеава боја на стомакот, во споредба со номиналниот подвид limosa ; L. limosa melanuroides, или азиска црноопашна блатарка, која се среќава во Монголија, северна Кина, Сибир и источна Русија . Пердувите се слични на онаа на исландскиот подвид, но димензиите на птиците се помали .
Распространетост и стаус
Црноопашната блатарка од исландската популација ја поминуваат зимата во малку потоплите делови на Велика Британија, Ирска, Франција и Холандија, но некои достигнуваат и до значително појужни области како Шпанија, Португалија и дури Мароко . Птиците од подвидот L. limosa limosa од западна Европа се селат до Мароко, Сенегал и Гвинеја, а претставниците на типот од источна Европа се селат кон Алжир, Тунис, Мали и Чад . Младите единки од европските популации ја поминуваат првата зима во Африка и се враќаат во Европа едвај во втората година . Азиските популации ја поминуваат зимата во Австралија, Тајван, Филипините, Индонезија и Нова Гвинеја.
Црноопашната блатарка е многу поверојатно да биде пронајдена во внатрешноконтинентални мочурливи места, а не само на крајбрежјата. По правило тие се птици преселници, кои летаат во јата во зима кон западна Европа, Африка, јужна Азија и Австралија. Иако птици од видот црноопашна блатарка се забележуваат во Велика Британија и Ирска во текот на целата година, тоа не се исттите примероци. Локалните летаат на југ за размножување, додека на нивно место доаѓаат поединци од Исланд. Поединци од црноопашната блатарка се забележи на Алеутските Острови и многу ретко по атлантскиот брег на Северна Америка.
Пресметките за светската популација на црноопашната блатарка варира помеѓу 634 000 и 805 000 единки на вкупна површина од 7 180 000 квадратни километри . Во 2006 година црноопашната блатарка е класифицирана во речиси загрозен вид од исчезнување, бидејќи бројот е намален за 25% во последните 15 години.
Поведение Живеалиште и исхрана
Нормалното живеалиште на црноопашната блатарка вклучува речни долини, разлеани делови на езерата, поплавени тревници, мочуришта и блата. Дел од европската популација се среќава и во ниски тревни предели, крајбрежни мочуришта, пасишта, водни површини околу рибници и одводни канали. Во Холандија и Германија, блатарките населуваат и земјоделски површини од оризови полиња и полиња со компири . Напролет црноопашните блатарки се селат во места со високи треви, каде што има храна, но исто така и во глинести речни утоки. Во зимските живеалишта во Африка, птиците се населуваат во мочуришта, поплавени површини и системи за наводнување. Во Индија црноопашната блатарка живее крај реки, езера и многу ретко околу соленкасти води на езера, речни утоки и потоци .
Црноопашната блатарка се храни со безрбетници, но исто така и со водни растенија во зима или за време на преселбата на југ. Во сезоната на парење се хранат со бубачки, муви, скакулци, стоногалки, црви и мекотели. Многу ретко се храни со икра од риби, како и јајца на жаби и полноглавци. Кога лови во вода, го користи долгиот клун за чувствување на вибрациите. Од земјата ја собира храната од површинскиот слој..
Размножување
Црноопашната блатарка е претежно моногамна, иако во рамките на четиригодишно истражување на 50-60 парови беа забележани случаи и на бигамност (двајца брачни партнери за една птица) и е можно тоа да е нормално . Истражувањето кај исландската популација покажува дека ако едниот од партнерите не пристигне навреме, се забележува своевиден „развод“ .
гнездото го прават во релативно ретко населени колонии. Неспарените мажјаци штитат одредена територија и се обидуваат да привлечат женка со прикажување на своите пердуви. Прават неколку дупки за гнезда подалеку од територијата за парење, и ја бранат од другите блатарки. Кога ќе ги снесат јајцата во една од дупките, територијата од 30 до 50 метри околу гнездото почнува да се чува . Самото гнездо претставува плитка дупка во земјата, обично во место со малку вегетација . Јајцата можат да се покријат со растенија од родителот кој ги лежи .
Во едно гнездо има обично од три до шест маслинесто-зелени до темнокафеави јајца . Димензиите им се од 55 на 37 мм, а тежат до 39 грама . Инкубацијата трае од 22 до 24 дена која ја вршат двајцата родители. По испилувањето, малите се прикриваат во околните живеалишта меѓу густа вегетација или во други засолништа . Тие добиваат пердуви за околу 25 до 30 дена .
Односи со луѓето Во Европа црноопашната блатарка е предмет на лов само во Франција, каде годишно се убиваат од 6 000 до 8 000 примероци. Тоа ја намалува западноевропската популација, што е и причина за интервенција на Европската комисија со план за заштита на птиците од овој вид . Во Англија долги години месото на црноопашната блатарка се сметало за деликатес .
Наводи
Литература
Vinicombe, Keith Black-tailed and Bar-tailed Godwits , Birdwatch, 1 Jan 2010 Roselaar, C. S. and Gerrit J Gerritsen (1991) Recognition of Icelandic Black-tailed Godwit and its occurrence in the Netherlands Dutch Birding 13(4): 128-35 van Scheepen, Peter and Gerald J Oreel (1995) Herkenning en voorkomen van Ijslandse Grutto in Nederland (Identification and occurrence of Icelandic Black-tailed Godwit in the Netherlands) Dutch Birding 17(2): 54-62 (in Dutch, with English summary) Evans, L.G.R., (2004) Continental Black-tailed Godwit at College Lake – the first confirmed record for Buckinghamshire . Rare Birds Weekly: July 2004 Vinicombe, Keith (2005) A tale of two godwits Birdwatch 154:18-20
Надворешни врски Black-tailed Godwit - Species text in The Atlas of Southern African Birds. Black-tailed Godwit videos, photos & sounds on the Internet Bird Collection ARKive Photos, video Ageing and sexing (PDF; 0.94 MB) by Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze
Категорија:Мочварки Категорија:Птици на Македонија Категорија:Животински таксони опишани од Карл Линеј