Света Троица — главна селска црква во струмичкото село Смолари, Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа веднаш над сретселото.
Историја
Црквата била изградена во 1870 година, што е забележано во зачуваниот запис на западната фасада.
За време на Втората светска војна, во 1944 година на црквата ѝ биле нанесени сериозни оштетувања на покривот на источната страна.
Архитектура
Претставува трикорабна базилика со пет пара столбови и отворени тремови (припрати) во облик на буквата „Г“ и присоединета кула-камбанарија на западната фасада. Столбовите во внатрешноста на црквата се насликани спирално со ленти во сина, окер и бордо нијанса.
Апсидата на црквата е полукружна без никакви украси.
Градбата на црквата е во задоволителна состојба. Забележани се пукнатини на површинскиот малтер во галеријата и присуство на влага во долните партии на ѕидовите поради несоодветно одводнување на водата од олуците.
Во 2010 година, црквата била препокриена со нови ќерамиди и биле поставени олуци, бил саниран олтарниот ѕид и била поплочена внатрешноста на црквата и припратите.
По извршениот мониторинг во 2022 година, забележано е застаклување на припратите.
Фрескоживопис
Црквата била живописана од Григориј Пецанов во 1897 година.
Состојбата на ѕидното сликарство е катастрофална. Во 2010 година било извршено пополнување на загубите на малтерот.
Галерија
Поврзано Струмичко архијерејско намесништво Смолари
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Категорија:Храмови посветени на Светата Троица во Македонија