Љубе Цветановски (Слоештица, 1949 – , ) — македонски писател, сценарист и патописец, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, долгогодишен уредник и директор во МРТ. Нарекуван е доајен на македонскиот документарен филм.

Животопис Цветановски е роден во демирхисарското село Слоештица во 1949 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал на Институтот за литература при УКИМ, на тема „Народната култура во документарниот филм“. Бил уредник на рубриката за култура на „Студентски збор“, новинар во Македонското радио, како и долгогодишен уредник, а во еден мандат и директор на Македонската телевизија. Во последните четири години од животот бил професор по Документарен филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Бил член на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на новинари на Македонија. Автор е на книгите поезија „Време е да се биде дома“, „Наталожен сомнеж“ и „Престапна година“, а соавтор е на антологијата на млади македонски поети под наслов „Љубов и мајстори“. Заедно со својот брат Јордан Плевнеш, соавтор е на сценариото за играниот филм „Тајната книга“, во режија на братот Владо Цветановски. Во неговата богата телевизиска кариера реализирал педесетина патописи, од исто толку егзотични земји под наслов „Патуваме - сонуваме“, потписник е на многу сценарија за документарни и музичко-документарни емисии, а се јавувал и како автор на десетина играно-документарни филма. За документарниот филм „Мојот татко Изет“, ја освоил Големата награда на Југословенскиот телевизиски фестивал во Неум. Во 2012 година, тој ја објавил книгата „Детето во мене“, во која се сублимирани неговото творештво и неговата животна одисеја. По кратко боледување, тој починал во Скопје на 4 февруари 2013 година, каде и почива.

Наводи

Категорија:Родени во 1949 година Категорија:Починати во 2013 година Категорија:Луѓе од Слоештица Категорија:Починати во Скопје Категорија:Македонски сценаристи Категорија:Македонски поети Категорија:Македонски патописци Категорија:Македонски уредници Категорија:Македонски новинари Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Југословенски сценаристи Категорија:Југословенски поети Категорија:Југословенски патописци Категорија:Југословенски уредници Категорија:Југословенски новинари Категорија:Професори на ЕСРА Категорија:Директори на МРТ Категорија:Апсолвенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“