Честички во македонскиот јазик — една од зборовните групи во јазикот. Честичките се познати и под името „партикули“ или „честички“. Оваа зборовна група е класифицирана како дел од неменливите зборови. Основната употреба на честичките е истакнување на други зборови или значењето на реченицата и тие служат да се образуваат некои граматички форми.

Употреба Според Конески, честичките се користат за истакнување на зборови или значења на речениците, но и за определување на различни видови, како што се посочување, негирање, прашување и слично. Во поголемиот дел тие се јавуваат и како прилози и како сврзници, но нивната функција е подруга . Бојковска наведува дека за тврдење се користи честичката „да“, за одрекување честичките „не“, „ниту“ или „ни“, за прашување честичките „дали“, „ли“, „зар“, „нели“ и за заповед честичките „да“, „нека“ и така натаму .

Поделба Во поглед на функцијата на честичките за истакнување некои зборови и значења на реченици во исказот, честичките можат да се поделат во следните подгрупи:

честички за засилување или истакнување „дури“, „просто“, „барем“, „само“, „сè“, „туку“, „и“ и „пак“

честички за изделување „само“, „единствено“, „уште“ и „исклучиво“

честички за присоединување „исто“, „исто така“, „такуѓере“, „притоа“, „уште“ и „сè“

честички за количество „речиси“, „скоро“, „прибер“, „токму“, „точно“, „рамно“, „таман“ и „одвај“

честички за определување „баш“, „имено“ и „токму“

честички за неопределеност „−годе“, „−било“, „− да е“ - овие не се самостојни, туку се спојуваат со одредени зборови (пр. кој-годе, кој да е, итн.)

честички за посочување „еве“, „ене“, „ете“, „на“, „ја“, „јале“ - честичките „ја“ и „јале“ се почести во употреба.

честички за одрекување „не“, „ниту“, „нити“ и „ни“

честички за прашања „ли“, „дали“, „зар“, „али“ и „нели“ - честичката „зар“ има модално значење (чудење), а честичката „али“ е ретка во употреба.

честички за заповед „ајде“, „да“ и „нека“ - овие имаат модално значење (давање наредби и желби)

Примери Конески и Бојковска ги даваат следните пример за некои од честичките во македонскиот јазик:

„Баш тоа сакав да ти го кажам.“ - определеност „Само него го познава.“ - изделување „Петре исто така не беше дојден.“ - присоединување „За еден месец продале едвај сто тони никел.“ - количество „Ете ти ги гостите.“ - посочување „Ни јале, ни пиле.“ - негација

Користена литература

Поврзано Македонска граматика Морфологија на македонскиот јазик Зборовни групи во македонскиот јазик

*